1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборот на претседател на Собранието е прашање на ден

24 април 2017

Мнозинството има стратегијата за деблокирање на Собранието, велат од СДСМ. Не го откриваат тајмингот, заради избегнување каков било конфликт: „Ниту еден живот и ниту една гребаница не е вредна за Никола Груевски!“

https://p.dw.com/p/2bm7m
Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/dpa/EPA/G. Licovski

„Секој ден може да се очекува избор на претседател на Собранието“, најави викендов Дамјан Манчевски, пратеник и потпретседател на СДСМ, запрашан дали оваа седмица може да се случи долгоочекуваниот избор на претседател на парламентот. СДСМ во изминатиот период континуирано најавуваше таков исход, но досега тоа не се случи. Од партијата не го откриваат тајмингот и стратегијата за деблокирање на Собранието, но велат дека мнозинството има должност да ја реализира мнозинската волја на граѓаните и да ја спаси државата од хаос, а граѓаните од егзистенцијален крах.

„Стратегијата е дека мнозинството во Собранието многу брзо ќе ја преземе одговорноста и за парламентот и за состојбите во државата, во согласност со основните принципи на демократијата. Тајмингот ќе го зачуваме за себе, со цел да избегнеме шанса за каков било конфликт помеѓу граѓаните. Ниту еден живот и ниту една гребаница не е вредна за Никола Груевски“, изјави Манчевски.

Тој потврди дека СДСМ ја има поддршката од партиите кои ги дадоа своите потписи и стојат зад парламентарното мнозинство, и дека координирано ќе настапат во следниот период. И пратеникот Енес Ибрахими од Партијата за движење на Турците (ТХП) која е коалициски партнер на СДСМ, минатиот петок најави дека насокоро ќе има деблокада на парламентот.

„Можам да потврдам дека за неколку дена, дека ќе има нов претседател на Собранието“, рече Ибрахими.

Mazedonien - Das Parlament
Фотографија: MAKFAX

Погрешна игра со 'народот' 

Со оглед дека ВМРО-ДПМНЕ интензивно го блокира процесот, нејасно е како парламентарното мнозинство ќе го изведе тој чекор. И натаму се отворени две прашања. Прво, дали ДУИ дефинитивно ќе ги повлече своите министри од техничката влада и со тоа ќе стави крај на соработката со ВМРО-ДПМНЕ. Второ, дали пратениците од ДУИ ќе го оспорат легитимитетот на претседавачот со конститутивната седница, Трајко Вељаноски, и дали ќе побараат седницата да ја води највозрасниот пратеник во новиот парламентарен состав, Бранко Манојловски, кој е од редовите ДУИ. Вељаноски досега беше обвинуван дека го крши деловникот и дека овозможува дебата за прашања кои не се на дневен ред, но тој одбиваше да го отстапи претседавачкото столче и покрај повеќе такви барања.

„Сметам дека досегашните тактички потези на ВМРО-ДПМНЕ не водат кон решавање на кризата туку кон подлабока штета на имиџот на партијата во очите на јавноста и меѓународната заедница“, вели амбасадорот Мухамед Халили.

„Овие банални дискусии категоризирани во 'процедурални забелешки' повеќе личат на муабети по свадби, ја револтираат јавноста, авторитетот на пратениците падна доста ниско и скапо ja чини државата. Најголемата грешка на ВМРО-ДПМНЕ е играта со 'народот', односно злоупотребата на народот кој 'не дава да се распарчи државата', не дозволува да се конституира Собранието и да се изгласа владата, а ја форсира безумната улога на Иванов како чувар на Републиката“, вели Халили. 

Mazedonien Skopje Demonstration
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Според него, погрешна е тезата на Ахмети дека излезот од кризата е во договор Груевски - Заев.

„Таа е неприфатлива во албанската јавност, затоа што се сомнева дека тоа може да придонесе за фискална амнестија на евентуално злоупотребени и присвоени милиони од сите кои евентуално го злоупотребиле државниот буџет; погрешна е и во насока на создавање на мнозинска коалиција ВМРО-СДСМ со отфрлање на таканаречената 'Тиранска платформа', која досега беше неубедлив и непотребен повод за одбрана на личните интереси на одредени политичари кои длабоко се огрешиле од законите и не дозволуваат расчистување на дилемите преку СЈО. Затоа сметам дека излезот е во брзо конституирање на институциите на државата- избор на спикер и нова реформска влада“, дециден е Халили.

Локалната власт пред колапс

Но, изборот на претседател на Собранието сѐ помалку ќе може да биде предмет на одолговлекување и тактизирање од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Освен како нужен постизборен демократски чекор, брзиот избор на спикер сега се наметнува и како егзистенцијална нужност. На тој факт повторно се осврна Дејан Павлески, претседател на Комисијата за локална самоуправа на СДСМ, укажувајќи дека само нов собраниски претседател може да ги закаже локалните избори и да го спречи колапсот пред кој ќе се најде локалната власт по 14 мај, кога завршува мандатот на градоначалниците и советниците. Тогаш ќе биде доведена во прашање севкупната работа на општините, јавните претпријатија, училиштата, градинките, дневните центри за социјална грижа и сите установи под општинска надлежност.

„Граѓаните ќе останат без еднократната социјална помош, а социјално загрозените лица без субвенции за комунални трошоци, што значи егзистенцијален ризик за најранливите категории граѓани. И не само за нив. Без плата ќе останат вработните во општините, училиштата, градинките, културните установи од локален карактер, во противпожарните единици и во други општински установи. Привремено ангажираните работници во општините не ќе може да го добијат својот паричен надоместок. Ќе застане реализацијата на сите потреби на граѓаните. Нема да може да се издаваат одобренија за градба, решенија за легализација на бесправно изградени објекти и слични решенија. Нема да има кој да потпише акти од општинските штабови за заштита и спасување, доколку е тоа потебно, со што се доведува во ризик безбедноста и здравјето на граѓаните“, предупреди Павлески. 

На ова реагираше ВМРО-ДПМНЕ .

„Да не му беше на СДС поважна Тиранската платформа и континуираното провоцирање на кризи, граѓаните ќе гласаа согласно со законот на 7-ми или на 14-ти мај“, соопшти партијата и ги повика социјалдемократите „да соберат храброст и да излезат на локални избори кои би се одржале на ист трошок, заедно со предвремени парламентарни избори“.

Mazedonien Wahlen
Фотографија: DW/ P. Stojanovski

Нови избори не се решение

Но, она што ВМРО-ДПМНЕ го „прескокнува“ во соопштението, е фактот дека не може да има ни локални ни нови предвремени парламентарни избори, ако не е избран претседател на парламентот, бидејќи тој ги распишува изборите. Во тој контекст и ова, но и барањато на иницијативата „За заедничка Македонија“ за нови парламентарни избори Дамјан Манчевски го оценува како „многу контрадикторно“.

„За да може да се распишат нови избори треба да се избере претседател на Собранието. Ние не веруваме дека во Македонија нови избори ќе донесат решение на оваа криза. Што доколку се повторат резултатите - истите луѓе, истите бројки, истите партии повторно во оваа ситуација, но само неколку месеци подоцна, неколку милиони евра повеќе и многу дополнителни проблеми на граѓаните. Не е во тоа решението. И уште една хипотетичка претпоставка: што ако и по следните избори на кои ВМРО-ДПМНЕ можеби ќе има и помалку пратеници, едноставно Иванов реши повторно да не го дава мандатот? Затоа сега мора да се дозволи мирен трансфер на власта. Мора да го почитуваме Уставот и основните принципи на демократијата, каде мнозинството формира влада“, потенцира Манчевски.

Конститутивната собраниска седница почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината, бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на Собранието. Откако тоа мнозинство е обезбедено, денеска ќе се одржи 17-то продолжение на седницата.