1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборот не е Заев или Мицкоски

26 ноември 2019

Се работи за избор помеѓу два различни концепта. Еден кој води кон европеизација на Македонија и друг кој лажно се претставува дека има иста цел. Не треба да се размислува ни минута, оти се гледа ашиќаре, со голо око.

https://p.dw.com/p/3Thl7
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Светски познатиот жесток критичар на американската политика Ноам Чомски пред претседателските избори ги замоли Американците да одвојат од своето време барем пет минути и да размислат за кого ќе гласаат. Предупредувањето не е само иронија и сарказам, на стариот и уважен мислител, демек дали треба да се потрошат триста секунди од животот за (не)извесна иднина на човештвото, туку е и сериозна опомена до граѓаните кои го бираат најмоќниот човек на светот кој со една одлука, или едно притискање на копче може да предизвика катастрофални последици на Земјината топка. Вреди ли во Македонија да се размислува пет, десет минути, цел час, или четири и пол месеци, како што нѐ бомбардираат од сите страни, да легнуваме и да се будиме со мислата дали си за Зоран Заев, или за Христијан Мицкоски, како да не сме биле тука цел живот и третирајќи нѐ како да сме паднале од Марс и како да не знаме ништо кој е кој во земјичката ни, во која сите се познаваме лично и до трето колено сите сме роднини.

Се разбира, дека како и секогаш и секаде, па и во Македонија од големо значење е кому да му се даде довербата да управува со државата, но несреќата е во тоа што суштината на изборот не е како што ѝ се наметнува на јавноста помеѓу Заев и Мицкоски. Иднината на земјата, со право велат, не може да зависи од еден човек, но вистина е и тоа дека улогата на личностите во политиката и нивната храброст да се носат тешки одлуки во пресудни историски моменти биле клучни. И обратно, донесени се многу одлуки од еден човек кои предизвикале катастрофални последици, војни, беда, понижувања и голем срам. За тоа има бројни добро познати примери во постарата и во поновата историја. Политичарите и лидери кои израснале во државници не биле сами. Зад нив стоеле мудри глави и следбеници кои навремено ги препознале и државните и интересите на граѓаните кои секогаш одат заедно. И диктаторите и деспотите не биле сами кога ги правеле злоделата. И тие имале блиски соработници, советници и голем број обожаватели подготвени да гинат за нивните големи идеи, дури и долги години и по падот на режимите и деспотите.

Сите се за НАТО и ЕУ

Во Македонија се случува нешто само навидум неверојатно, пред следните предвремени парламентарни избори најавени за 12 април, како и пред секои досегашни избори во изминатите 30 години. Сите релеватни политички партии и лидери, а наближат изборите, имаат исти ставови за најважните стратегиски интереси кои ја одредуваат иднината на државата и на граѓаните. Сите се за НАТО и за членство во ЕУ без исклучок, дури со категоричен став дека отсекогаш тоа им било целта постојано присутни и запишани како приоритети во нивните партиски програми. Напросто ги обожаваат европските вредности и сонуваат да ја видат Македонија во европското семејство. Сите, од првиот ден кога влегле во политиката и лично и партиски и кога биле на власт и кога биле во опозиција се за владеење на правото и за пресметка со организираниот криминал и корупција. Тоа се жестоки борци за независно судство и за независно новинарство, за строга поделба на власта на извршна, парламентарна и судска. Сите до еден се за добри односи со соседите. Сите се за братство и единство во меѓуетничките односи внатре во земјата, сите се за демократија и слобода по западни стандарди, сите се за побрз економски, политички и културен развој на општеството, сите се за повисок стандард и поквалитетен живот на граѓаните, за повисоки плати и пензии, за подобро образование и подобро здравство, за заштита на човековата околина, сите се да се запре заминувањето на младите луѓе од татковината, сите се за... да не набројуваме уште милион работи кои се од насушна потреба на граѓаните. И гледај сега за кои абдали и дебили нѐ есапат овие наши политички елити и лидери како навистина да сме паднале од Марс, како навистина да сме живееле на некое друго место кај што нивните лаги не сме ги чуле, не сме ги виделе со свои очи и почувствувале на своја кожа. И, што е најжално, во право се. Ептен во право. Тешко може дури и на Балканот да се најде таква овча раса на луѓе која им блее умилно на волците кога ќе им влезат во трлото. Си одат зад овните послушно на кланица.

Ќе бидеме ли и натаму овци?

Ајде сега кажете дали вреди да се размисли, една секунда, една минута, еден месец.... кој филм ние го гледавме во живо со децении. Можеме ли да ги откриеме големите лаги, или и натаму ќе бидеме овци? Можеме ли да дадеме логични одговори кои добро ги знаеме на сите погоре божем заеднички определби на релевантните политички партии и лидери? Да одиме со ред: Можно ли е Македонија да биде членка на НАТО и на ЕУ без договорите со Грција и со Бугарија? Можно ли е да не знаеме зошто се направени отстапките во тие договори? Може ли да веруваме на луѓе кои дома ветуваат дека ќе направат подобри договори, или дека ќе ги поништат до вчера срамните договори, а надвор од земјата ветуваат дека нема ни запирка да променат од договореното? Може ли на тие политичари да им се верува кои цела деценија ја држеа Македонија на исто место без да мрднат ни чекор напред кон ЕУ и кои ја скараа со сите соседи. Да, можно е многу лесно и едноставно да се раскинат договорите со соседите, но без членство и во НАТО и во ЕУ. Дали можат да спроведат владеење на правото луѓе кои организирале државен удар и крвопролевање во Собранието за да не се предаде власта на легитимна мнозинска коалиција по регуларни и веродостојни избори и сѐ уште до ден денешен организаторите и учесниците во овој срам го сметаат за патриотски чин. 

Независно судство и новинарство ни ветуваат луѓе кои 11 години ги држеа под строга контрола и судството и новинарството како нивни дуќан. Луѓе кои нарачуваа апсења и затворски казни по телефон, а секоја новинарска критика ја сатанизираа со непријателски чин како предавство на странските платеници, на антидржавни елементи, кодоши и соросоиди, луѓе кои тепаа новинари и пратеници среде парламент бркајќи ги од нивните работни места. 

Не балансирам гуми

Може ли да се верува на луѓе, нелуѓе, кои владееја цела деценија создавајќи најсрамен период во македонската независност? Може ли да се поверува дека ќе воведат владеење на правото политичари чиј партиски врв е на обвинителна клупа за организиран криминал, корупција, местење на избори, уништување на туѓ имот, закани и уцени и кои под правна држава подразбираат само одговорност на политичкиот противник? Можен ли е економски, културен и сестран побрз развој на македонското општество без евроатланските интеграции и ако е можен - зошто досега тоа не е постигнато и кој е виновен за тоа? Можни ли се подобри меѓуетнички односи во земјата ако и Македонците и Албанците, таму каде што се мнозинство, се однесуваат еднакво во однос на другите етнички заедници кои се конститутивни народи на Македонија, придобивка платена со крв во Втората светска војна и во формирањето и изградбата на правната држава и со учество во воспоставување на независноста и целосна лојалност кон државата.

Не припаѓам на новинарите кои работат како балансери на гуми, па да ги изедначуваат сите четири партии, па и резервната. Дури и на автомобилот подеднакво не се пумпаат предните и задните гуми. Се разбира, не се мали гревовите на политичарите и партиите кои дојдоа на власт по падот на режимот на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Во изминатите нецели три години и тие направија грешки и не ги оправдаа големите очекувања на граѓаните, но секое изедначување не е само бесмислено балансирање, туку учество во повалкана пропаганда од онаа на партиските штабови. Тоа на партиите и може да им се прости, но на професионалните новинари не може. Ете, затоа мислам дека не е изборот Зоран Заев, или Христијан Мицкоски, туку се работи за избор на два сосема различни концепта. Еден кој води кон прогресот и кон западните вредности, кон европеизација на Македонија и друг кој лажно се претставува дека ги има истите цели. За тоа не треба да се размислува ни една минута оти се гледа ашиќаре, со голо око.