1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избркани на улица поради светското првенство

3 јули 2009

Mногу Јужноафриканци не можеа да си дозволат непосредно од трибините да ги следат натпреварите од Купот на конфедерациите. За сомневање е и дали сиромашните ќе профитираат од светското првенство во фудбал.

https://p.dw.com/p/IfLz
Фотографија: DW

Ева Дејвидс не доби бесплатен билет од Светската фудбалска федерација ФИФА за да ги следи натпреваритe од Купот на конфедерациите. Но, таа и не би му се ни радувала. Активистката е член на „Кампањата против присилно иселување". Пред четири години, заедно со семејството, Ева морала да ја напушти својата куќа во провинцијата Весткап. Поради светското првенство, таму треба да се изгради пат. „Тешко да се добие социјален стан. И, кога веќе го имавме, бевме принудно иселени. Но, каде да оди човек тогаш, посбно кога има деца? Ние сме сиромашни, понекогаш повеќе лица мораат да делат една куќа“, вели Ева.

Многу Јужноафриканци доживеаја судбина како Ева Дејвис. За да се создаде терен за фудбалски стадиони, улици или железнички линии, тие мораа да ги напуштат своите куќи. Официјално, јужноафриканската влада има за цел да обезбеди евтин станбен простор за сиромашните, па портпаролот на Министерството за станбени прашања, Ндивуво Мабаја, оспорува дека станува збор за присилно иселување. Според него, по кратко чекање, засегнатите добиваат нови куќи: „Ние не ги преселуваме присилно луѓето, туку некаде привремено ги сместуваме. Тогаш можеме да ја развиваме областа. Речиси е невозможно да се создаде една функционална животна околина".

Südafrika Fußball WM 2010 Stadion Bau in Durban
Во Јужна Африка се гради интензивноФотографија: AP

Новите работни места се само краткорочно решение

А тоа може да потрае со години. И воопшто, надежите дека сиромашните Јужноафриканци „на големо" ќе профитираат од првенството, не се исполнија. Градењето на стадионите и инфраструктурата отвори работни места. Но, пред се‘ поради тешката економска состојба, ова не е долгорочно решение за големата невработеност во Јужнoафриканската Република, смета Ашвин Десаи, професор на Универзитетот во Јоханесбург. „За време на работата при изградбата на стадионот, работниците не се здобиваат со знаења и вештини, што потоа ќе им помогнат да најдат трајни работни места, кои ќе им овозможат приход до крајот на животот", вели професорот Десаи.

И покрај дискусијата за економската полза од светското првенство, многу Јужноафриканци имаат уште една надеж: дека светското првенство ќе го обедини поделеното општество. Ако Јужноафриканците, без разлика на социјалното потекло, бојата на кожата или полот, заеднички го слават спортскиот настан, тоа би можело барем да помогне малку да се намали јазот меѓу сиромашните и богатите.

Автор: Ненси Хаушилд / Ана Алибегова

Редактор: Жана Ацеска