1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Извини Европо, на пауза сме

Гордан Георгиев
22 октомври 2019

Ова е моја последна колумна која се занимава со Европската Унија и македонскиот посакуван пат кон неа. Ним им треба и време и разум. Нам ни е полесно. Пишува Гордан Георгиев.

https://p.dw.com/p/3RicU
Gordan Georgiev
Фотографија: privat

Додека траат бракоразводните парници во самата ЕУ, време е, се надевам привремено, да ја баталиме ЕУ и нејзините брачни кризи. Мајката која е на заминување (Ангела), таткото кој сѐ уште живее во своите адолесцентни политички денови (Емануел) и ѓаволестиот љубовник кој палави наоколу (Борис). Во ова многудетното семејство на европски држави, ги има разни и разнолики. Некои се чистокрвни, некои недоносени, други посвоени, трети непосакувани. И секој ќе мора да се снаоѓа онака како што знае и умее. Кон сето ова ќе мораме да изградиме една цинична дистанца. Доволно е за нашите стомаци кои и онака се растени со јужноамериканските сапунски опери. Навистина им треба време да се средат. А ние, талкачи по беспаќето, во недостаток на алтернатива и без избор, сме подготвени да им го дадеме сето време на овој свет. И затоа ќе одиме на избори. Да се преброиме. Државата во која се тврди дека 90 проценти од граѓаните се резолутно за ЕУ, ќе оди на избори да се преброи кој е за ЕУ, а кој е против ЕУ. Логично е првите да победат со 90 отсто од гласовите, а вторите да добијат 10 отсто од гласовите.

Веднаш по француското НЕ, се отворија неколку дебати-вододелници околу тоа што треба сега да правиме. Мојата кошула, исплукана и избербатена по бљак-колумната на само два дена пред француското НЕ, морав да ја носам неиспрана, во надеж дека некому, по француското НЕ, ќе му текне да ми позајми детергент за перење алишта, или пак како мој личен пост-фактум аргумент дека разумот не живее тука.

Наврапита, а сепак легитимна одлука

Деновиве, дебатите кои се отворија ми се чинеа здрави. Ајде да дискутираме за нас, а не за некои од кои постојано зависиме, за добро или за лошо. Во само два-три дена се отворија барем две потенцијални писти за разговор. Првата е онаа дека по ваков (не)очекуван студен туш, треба да седнеме сите заедно (како на селско гумно) и во некаква племенска иницијација да дискутираме за перспективите и алтернативите. Да го подигнеме нивото на патос и драматика и да се обидеме да ги потиснеме оние политички актери и поединци (а ги има, пред сѐ во опозицијата!) кои имаат лични агенди, или се принудени да одработуваат туѓа агенда. Со еден збор, да конституираме политички став околу целава работа со ЕУ. Тоа се обиде да го направи претседателот Пендаровски за време на успешната лидерска средба под негов покрив, без странци во фонот на дебатата. Неговиот став по таа средба беше дека сите политички сили во државата се договориле дека нема друга алтернатива за нас освен да продолжиме по патот кој нѐ води во ЕУ. До тука е во ред. Таквото чекање пред големата порта на ЕУ можеби звучи очајнички по сето она што го доживеавме, но сепак е заедничка позиција на репрезентите на безмалку целото македонско општество.

Втората писта на можен расплет се состоеше во повикот Владата конечно да се фати за реформи, да настапи робусно до изборите во октомври, да покаже разлика и детерминираност токму во периодот кога сме оставени сами без почеток на преговори. И дека на тој пат треба да ја батали опозицијата и сите леви, левичарски и паралевичарски сметала.

И двете можни платформи за разговор беа експресно торпедирани од наврапитата одлука на премиерот за брзи предвремени избори. Без посебно да навлегувам во мотивите на таа одлука, сметав и сѐ уште сметам дека е избрзана, непотребна, нејасна и што е најважно - без исходишна точка. Но, одлуката е истовремено и легитимна, суверена, храбра, та дури можеби и чесна.

Други колумни од авторот:

Диливери бојс

Мутави до НАТО

Ризичен наратив

Она што ми се чини дека многу ќе ми пречи во кампањата која веќе започна е наративот кој ќе нѐ прогонува до самиот ден на изборите, а и потоа. Тој наратив во ексбранковистички стил се состои во следната парола: ајде сега да се преброиме и да видиме кој е за ЕУ, а кој е против. Тоа е голем ризик, бидејќи ги става во лоша позиција и едните и другите. Доколку СДСМ победи, значи ги прогласило останатите несдсмовски Македонци дека се против ЕУ и ги изгонила од агората. Доколку ВМРО-ДПМНЕ победи, значи победила антиевропската идеја и македонските граѓани, пред очите и ушите на цела Европа, јасно кажале дека не сакаат во Европа и не ја сакаат Европа. Ерго, одиме на Исток. Од каде потребата за ваква диференцијација, ако е точна тезата на власта дека Македонија сѐ исполни за да добие датум, ама некои други нѐ прелажаа? А точна е тезата на власта. Од каде потребата да ја туркаме целата десница (и неопределените и апстинентите?!?) во антиевропски камп, освен ако не е нов и краткорочен предизборен наратив? А точно е дека е нов и краткорочен предизборен наратив. Оваа поделба на про и контра Европејци е катастрофална по нацијата и нуди можности за нови и нови поделби, овојпат во авторство на оние кои се беа заколнале дека примарна задача ќе им биде помирувањето во општеството. Поделби кои здушно ќе можат да ги искористат токму оние „трети страни“ со кои ја плашевме токму ЕУ.

На ВМРО-ДПМНЕ ѝ е потешко

Ако веќе одлучиле да тераат предизборна кампања и да одат на избори, СДСМ ќе мора да се фокусира на неодговорените прашања од досегашниот мандат (судство, корупција) а паралелно да ги истакне одговорените (членство во НАТО и реформски курс признаен од Европската комисија) и непоставените прашања (Преспа и договорот со Бугарија).

Кај ВМРО-ДПМНЕ ситуацијата е потешка. Тие имаат многу потешки прашања за одговарање, а многу малку време за веродостојни одговори.

Одговорите на овие прашања ќе го чинат победникот на следните избори, а неодговарањето ќе значи крајно низок легитимитет на новата власт. А прашањето за легитимитетот е пргаво прашање, тежи ли тежи.    

Ова е моја последна колумна која се бави со Европската Унија и македонскиот посакуван пат кон неа. Ним им треба и време и разум. Нам ни е полесно. Ние го имаме сиот луксуз да ги немаме ни двете.