1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Извинување и нови зделки за Сименс во Грција

5 март 2012

Грчката влада и концернот Сименс работат на надминување на долгогодишниот спор за отштета во врска со аферата на Сименс со подмитување во Грција, известуваат медиумите.

https://p.dw.com/p/14FB5
Фотографија: picture alliance / dpa

Медиумите во Грција јавуваат дека минхенскиот индустриски концерн Сименс е подготвен официјално да се извини поради праксата за подмитување во минатото и да пружи отштета во висина од 170 милиони евра. Сепак, притоа не станува збор за отштета во готовина, како што првично бараше Грција, туку најверојатно тоа ќе се случи во форма на отпишување на дел од долговите, како и давање помош за обнова, како нови инвестициски планови и отворање на работни места. Како знак на добра волја Сименс ќе додели и сто стипендии на грчки студенти, известува онлајн изданието на атинскиот весник „То Вима“.

Наспроти ова, владата во Атина ќе се откаже од сите барања кон Сименс поради аферата со митото. Уште поважно: германскиот индустриски концерн наскоро повторно треба да добие лукративни налози во Грција, откако концернот поради спорот беше практично исклучен од сите јавни проекти. Можно е кабинетот во Атина уште оваа недела да го одобри компромисот.

Мито имаше, но за кого?

Од 2007 година Грција ја тресе т.н. Сименс - афера. Според сознанијата на државното обвинителство, како во Германија, така и во Грција, концернот од Минхен уште од 80-те години на минатиот век подмитувал грчки политичари, службеници и други лица кои ги носеле одлуките, и тоа во милионски суми, за да стигнe до вносни договори, на пример кај поранешниот државен грчки Телеком ОТЕ или во контекст на Летните олимписки игри во Атина во 2004 година. Имињата на лицата кои биле корумпирани и натаму се тајна. Само двајца грчки политичари од првите редови на ПАСОК признаа дека добиле помали суми од Сименс, но тие наводоно биле донации за нивната изборна кампања.

Siemens Siemensforum München
Фотографија: AP

Плаќањето мито на Сименс во Грција судски се’ уште не е докажано, и можеби токму поради тоа аферата доби политичка димензија. Од 2007 година опозиционите партии, на владите кои во моментот беа на власт им префрлуваа дека немаат храброст да подигнат обвинение против Сименс. „Дури и Нигерија води истрага против Сименс, само Грција се откажува од судски процес“, критикува постојано левичарската опозиција во парламентот во Атина.

Владее и страв

Истовремено, сите грчки политичари се противат од 2007 година консеквентно да му доделуваат на Сименс налози или да потпишуваат договори со германскиот концерн, од страв да не бидат вплеткани во скандалот. Во април мината година препукувањата околу Сименс го поведоа тогашниот министер за правда Харис Кастанидес да изјави дека германските претпријатија биле „светски прваци во корупција“.

Griechenland / Athen / Parlament
Парламентот во АтинаФотографија: Reuters

Тогаш истражниот одбор на грчкиот парламент бараше од Сименс два милиона евра отштета, но минхенскиот концерн одлучно ги отфрли обвинувањата и соопшти дека самиот има отворена сметка со грчката држава.

Правното ѕвечкање со сабјите сега треба да заврши. Со тоа за Сименс би се отворил патот кон идниот голем налог: станува збор за надградба на атинската подземна железница во правец на Пиреј. Уште во 2008 година налогот за сигнализацијата на подземната железница му беше доделен на концернот од Минхен, но тогаш министерот за сообраќај одби да го потпише договорот со Сименс, со што проектот беше сопрен и за Грција постоеше закана да ги врати парите за унапредување добиени од фондовите на ЕУ.

Автор: Јанис Пападимитриу / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска