1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изгласани измените во Изборниот законик

ЖА/миа23 јануари 2014

Собранието на Република Македонија со 69 гласа за, шест против и ниту еден воздржан ги донесе измените и дополнувањата на Изборниот законик со консензус од сите политички партии и на власт и во опозиција.

https://p.dw.com/p/1Aw8Z
Фотографија: MIA

Во преговорите со свои предлози не учествуваше само ДПА. Министерот за права Блерим Беџети образложувјаќи го предлогот рече дека тој е важен како од аспект на зачленувањето на земјата во ЕУ и за трансперентност на изборниот процес.

„Со овие активности кои се преземаа во Министерството за правда, работната група и политичките партии освен исполнетите препораки од ОБСЕ/ОДИХР имаме и квалитетно решение кое ги исполнува стандардите на ЕУ да бидат изборите фер, демократски и транспарентни“, рече Беџети, додавајќи дека иако за секој изборен циклус досега Македонија добивала пофалби во насока на организирање коректни и демократски избори, сепак верува дека по ова усогласување и воспоставување прифатливи стандарди за сите транспарентноста ќе биде на потребното ниво.

Според него, решението нуди коректност за политичките партии, како за оние кои се на власт, така и за оние кои се во опозиција.

Меѓу новините што се предлагаат ги напомена донациите кои се утврдени на 50.000 евра од правно лице, што е во целосна согласност со препораките на ОДИХР, потоа наместо невидливото мастило гласачите на денот на гласањето ќе се обележуваат дека гласале со видливо мастило кое ќе се избрише за 24 часа, се менува и составот на избирачките одбори во дипломатско конзуларните претставништа каде претседателот на тој одбор се бира од дипломатите, а заменикот и членовите од редовите на администрацијата и партиите.

Со измените е предвидено во предизборниот период одделување на активностите на државата од партијата, забрането е отпочнување со градби, ставање камен- темелници, пуштање во употреба на објекти изградени со буџетски средства.

За непочитување на оваа одлука предвидена е затворска казна од шест месеци до една година.

Wahlen in Mazedonien
Фотографија: MIA

Забрането е да се врши исплаќање субвенции, плати, пензии, социјалнa помош и други материјални надоместоци од буџетски средства кои не се редовни месечни примања, како и исплаќање годишни трансфери од Буџетот. За секој носител на јавна функција кој ќе исплати субвенции, плати, пензии, социјална помош и други материјални надоместоци од буџетски средства ќе се соочи со казна затвор од три до пет години.

Обврска на министерот за финансии е да ги објавува сите финансиски исплати во изборен период и обврска да достави изборен финансиски извештај во преглед на сите планирани и реализирани приходи и расходи во Буџетот. За непочитување на оваа одлука е предвидена казна затвор од шест месеци до една година.

Исто така, МВР треба да врши ажурирање на избирачките списоци четири пати во годината и да се направи посебен извод на лица кои на денот на изборите се во странство, како и тоа партиите да можат да бараат корекција на избирачкиот список.

Радиодифузерите треба да обезбедат избалансирано медиумско претставување, а известувањето за редовните активности на државните органи или општините во изборниот процес не смее да биде во корист на ниту еден политички субјект. Измените и дополнувањата на Изборниот законик предвидуваат новинари, уредници, презентери да не смеат да учествуваат во предизборните активности на политичките партии.

Предвидена е забрана за платено политичко рекламирање од денот на распишување на изборите до почеток на изборната кампања. Исто така, од тој датум ќе има забрана за објавување на реклами финансирани од Буџетот. Рекламирањето ќе биде ограничено на 12 минути во текот на изборната кампања и јавно ќе биде утврден ценовникот.

МРТ за време на изборната кампања треба да обезбеди рамноправен пристап во информативната програма, што значи една третина за настани од земјата, една третина за настани од владата и една третина за настани на опозицијата. За непочитување на оваа законска одредба следува разрешување на директорот.

Дополнително Собранискиот канал ќе обезбеди бесплатно рекламирање по три часа и за опозицијата и за владејачките партии.

„Со ова законско решение се исполнуваат препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а согласноста на политичките субјекти во Република Македонија ќе создаде уште посилни предуслови за транспарентен изборен процес. Ќе се унапредиме во оваа област, што е многу важно како за нас, така и за нашата евроинтеграција“, истакна Беџети.

Цветанка Иванова од СДСМ ја поздрави постигнатата усогласеност за изборниот законик: „Успеавме низ еден преговарачки процес, со аргументирана дебата и дискусија, да усогласиме голем број препораки од ОБСЕ/ОДИХР. Единствена препорака што не успеавме да ја усогласиме или за која не разговаравме и не ја отворивме во преговорите е препораката за гласањето на дијаспората. Наш заеднички договор е таа да се отвори во оној момент кога ќе имаме први парламентарни избори“, истакна Иванова.

Според неа, ова е прв чекор кој може да гарантира фер изборен процес, меѓутоа, како што додаде, од искуство знаеме дека и најдобриот законик не може да гарантира фер и демократски избори, ако нема политичка волја од оние кои учествуваат во изборниот процес.

„Затоа политичките партии што се на власт ќе бидат на сериозен тест на првите наредни претседателски избори што ќе се случат наскоро. И тогаш ќе покажат навистина дали она за што сме постигнале согласност имаат политичка волја да го имплементираат на терен“, потенцира Иванова.

Предложените измени претходно ги поздравија и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, ЛП, ДПА се изјасни дека ќе гласа против, а Ердоган Сарач од Движењето за национално единство на Tурците во Македонија се изјасни дека ќе биде воздржан.