Изморената Ангела Меркел

Сето веќе беше слушнато. Нови идеи во својот говор пред Европскиот парламент, германската канцеларка не изнесе. Сигналот повеќе гласеше: сочекајте го мојот наследник, смета Бернд Ригерт.

Францускиот претседател Емануел Макрон за многу пријатели на ЕУ долго важеше за извор на надеж. Со младешки полет, тој подготви серија реформски проекти за продлабочување на европската интеграција во надворешната, одбранбената, монетарната и економската политика. Со страст и моќ на убедување ги разви своите визии. Во дело овие инспирации меѓутоа треба да ги спроведат други. Пред сè, од сојузната влада во Берлин се очекува да му помогне на Макрон така што радосно ќе ги оживотвори неговите идеи. Но, играта не е толку лесна.

Во канцеларскиот кабинет реагираа прилично воздржано на смелите иницијативи од Париз. Ангела Меркел си постави за цел, идеите на Макрон да ги редуцира на изводливото. Таа уште еднаш јасно го истакна ова во својот говор во Европскиот парламент во Стразбур. Уште еднаш ги повтори и реформските чекори кои веќе беа договорени во неколку наврати со Франција: европски интервентни сили кои некогаш конечно ќе прераснат во „вистинска“ европска армија; банкарска унија која ги заштитува штедачите од ризици; инвестициски буџет во еврозоната и солидарна политика за миграција и азил.

Меркел пропушти шанса

На француските критики дека Германија го блокира напредокот, таа се осврна индиректно. Никако поинаку не може да се разбере нејзиното ветување дека има намера да се постигнат конкретни резултати во оданочувањето на дигиталните компании и во банкарската унија до средината на декември. Распоредот на активностите веќе беше договорен со францускиот партнер Емануел Макрон во Мезеберг во јуни.

Ангела Меркел во Стразбур го повтори она што е веќе одамна познато. Нови предлози, па дури и визии, цел, кон која треба да се развива ЕУ, не излегоа од устата на Меркел. Таа ја пропушти шансата во Европскиот парламент да го скицира нејзиното европско наследство. Остана само на опомената до Полска, Унгарија, Италија и другите да се придржуваат кон правилата и владеењето на правото. Солидарноста беше централниот поим во нејзиниот главен говор. Сето тоа е веќе чуено.

Riegert Bernd Kommentarbild App

Бернд Ригерт, автор на коментарот

Канцеларката во говорот во Стразбур го цитираше досега единствениот германски претседател на Европската комисија, Валтер Халштајн. Тој во 1969 година рече дека европскиот проект е „невидена смелост“. Оваа смелост ѝ недостасува на Меркел.

На Канцеларката ѝ беше сосема јасно дека ова ќе биде нејзиниот последен голем говор пред демократскатското претставништво на 500 милиони граѓани на ЕУ. Откако се откажа од претседателството на нејзината Христијанско-демократска унија, деновите на Ангела Меркел во канцеларскиот кабинет најверојатно се избројани. Меѓутоа, Германија како најголема членка на ЕУ,  и без канцеларката Меркел, која повеќе од 12 години се залагаше за стабилност и прагматизам, и натаму ќе игра одлучувачка улога во ЕУ. Меркел за себе рече дека била прилично воздржана и се грижела за изводливото. Со оваа канцеларка, стана јасно вчера во Стразбур, веќе не се придвижува многу. Тромата патка уште еднаш замавта со крилата.

Во исчекување на новата канцеларка

Емануел Макрон, францускиот претседател, кој самиот се наоѓа под голем внатрешнополитички притисок , ќе мора да почека малку за следниот партнер (или партнерка) од Берлин. Дали промената, а со тоа и новиот импулс, ќе дојде пред изборите за Европскиот парламент во мај 2019 година, не е јасно. Токму овие избори, на кои треба да се спречи популистичките противници на ЕУ да освојат многу гласови, Макрон си ги зададе како цел. Проевропската предизборна кампања со канцлеларката на заминување ќе биде тешка.

Едно е сигурно - и следниот шеф или шефица на германската влада нема сосема да ги прифати како свои идеите на Макрон. Во ЕУ секогаш станува збор за компромис. Тоа е силата на Европа. Освен тоа, Франција и Германија не одлучуваат сами. Исто така, мора да се земат предвид и интересите на останатите  26 земји членки. Ова го истакна Ангела Меркел во Стразбур. Претседателот Макрон ќе ја чуе пораката.

Политика

Со ласкање далеку се стигнува

Позната по својот тврд пристап, германската канцеларка Ангела Меркел не делува како да е приемчива на евтино ласкање, но песната со која беше пречекана во Сенегал, сепак беше чудна: "Schöne Maid, hast du heut' für mich Zeit?" („Убаво моме, имаш ли време за мене денеска?“), лигав поп-хит. Што и да мислел неговиот протокол, на претседателот Маки Сал му се посреќи: Меркел му ја исполни желбата.

Политика

Оставена на сонцето

Листата на гафови кои се случиле за време на странски посети е долга. Претседателот на САД Доналд Трамп и британското кралско семејство се често присутни на неа. Но што се случува кога тие ќе се судрат? Двојна неволја! Во 2018, со комбинација од лоши манири и нарушување на протоколот, Трамп ја остави кралицата да чека 12 минути на сонце и потоа брзо мина покрај неа на парадата.

Политика

Две леви нозе

Тереза Меј е на маки дома поради Брегзит. Па можеби може да ѝ се прости што ја искористи шансата да се опушти за време на посетата на Јужна Африка. Но можеби и не. Реакциите на нејзиното играње беа брутални: британските таблоиди го исмеваа нејзиниот танц, некои нарекувајќи го и „Мејбот“.

Политика

Французите обожуваат да флертуваат...

Но дури и елегантните Французи не се имуни на гафови. Францускиот претседател Емануел Макрон изненади кога му ја опиша својата сопруга на австралискиот премиер Малколм Турнбул во мај 2018 како „вкусна“. Е тоа е утка. Во одбрана на Макрон треба да се забележи дека францускиот збор "delicieux" исто така значи и „извонредна“.

Политика

Модното фијаско на Трудо

Најлесен начин да уништите државна посета: несоодветна гардероба. Во обид да си ја зголеми популарноста, канадскиот премиер Џастин Трудо се дотера во традиционална индиска облека во март 2018. Но обидот да искаже почит му се врати како бумеранг со вистинска бура на социјалните мрежи. Во иднина, Трудо веројатно ќе им ја остави Боливуд гардеробата на туристите.

Политика

Првата дама отиде еден допир предалеку

Пријателскиот гест на Мишел Обама, поранешната прва дама на САД, до кралицата Елизабета отиде предалеку откако таа ја стави раката врз кралското рамо во 2009. Допирањето на британскиот монарх е строго забрането, освен доколку таа самата не понуди рака и овој гест на Мишел беше сериозно кршење на протоколот кој се најде на насловните страници ширум светот.

Политика

Ај засвирете повторно... овојпат вистинската химна

Понекогаш треба само да се остане смирен. Во 1995-та поранешниот германски претседател Роман Херцог го стори токму при посетата на Бразил. На пречекот, оркестарот ја засвири старата источногерманска песна "Auferstanden aus Ruinen" („Воскресна од руините“) наместо германската химна - и тоа околу пет години по повторното обединување. Херцог се правеше дека тоа не му пречи.

Политика

Внимание, микрофоните се вклучени!

За време на Г20 самитот во 2011, францускиот и американскиот претседател Никола Саркози и Барак Обама го навредуваа израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во еден приватен разговор. Еден мал проблем: микрофоните им останаа вклучени. Новинари го слушнаа Саркози како вели: „Не можам да го поднесам. Тој е лажго“. Обама одговори: „Тебе ти е преку глава, а јас морам почесто да се расправам со него“.

Поврзана содржина

Теми