1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изневерени очекувања

12 јануари 2011

Македонската фудбалска репрезентација во 2010-та година беше еден од најпривлечните сегменти во спортското живеење. Селекторот Мирсад Јонуз зборува за целите, резултатите, но и за очекувањата од 2011.

https://p.dw.com/p/Qljw
Мирсад ЈонузФотографија: DW

Мирсад Јонуз, некогаш познат македонски голман, сега е селектор на националниот тим. Место, привлечно и предизвикувачко за секој кој е во тренерската професија. Во рекапитулацијата на направеното во 2010-та, последната обврска беше натпреварот од пријателски карактер во далечната Кина , загубен во последната минута од пенал.

„Ја прифатив оваа понуда да одиграме во Кина, бидејки сметав дека сите играчи коишто делумно беа резерви, или кои делумно имаа мала минутажа и некои играчи коишто сметавме дека ќе помогнат, треба да добијат шанса, како и дека некои играчи од Македонското првенство треба да добијат шанса.“

Mazedonien Land und Leute Mazedonischer Fußball-Nationaltrainer Mirsad Jonuz
Јонуз: Очекувам огромна поддршка за создавање нови вредности во македонскиот фудбалФотографија: Petr Stojanovski

Приоритети и резултати

Претходно, квалификациите за Европското првенство во 2012 година беа главниот приоритет. Македонија, со победа над Андора, со порази од Словачка и Русија и со нерешен резултат во Скопје против Ерменија, е 5-та во групата со само 4 бода. Коментарот на Јонуз во поглед на постигнатото е следниов.

„Да кажам искрено, очекував повеке. Можам да бидам задоволен од играта, но од резултатите не. Посебно не можам да бидам задоволен од играта против Ерменија. Она што ни‘ се случи против Словачка и Русија е вистинска спортска несреќа, бидејки ние покажавме дека на тие два натпревари заслуживма најмалку нерешено.“

„Премногу им верував на одделни фудбалери“

Обично селекторите во очите на јавноста се дежурните виновници за неоствареното. Дали Мирсад Јонуз чувствува сопствена вина за постигнатите резултати?

„Да, чуствувам вина, пред се‘ бидејки премногу имав доверба во некои играчи. Мислев дека тие ќе го дадат максимумот и во текот на играта, и надвор од теренот, околу атмосферата. Од некои играчи длабоко се разочарав, мислев дека ќе можат да помогнат и да партиципираат во репрезентацијата, но, сепак, тие шансата ја испуштија. Дежурен виновник? Во Македонија треба да се сфати дека во овој момент можностите се толкави.“

Во квалификациите, македонската репрезентација речиси во целост беше составена од играчи кои настапуваат во странство. Јонуз, сепак, смета дека фудбалерите од македонското првенство во никој случај не се запоставени.

„Јас потенцирав дека играчите од нашето првенство ќе добијат шанса и тоа го направив, и доста направив, бидејки треба да и се даде еден потенцијал, една провокација дека играчите од Македонија треба да играат. Сега се‘ зависи од нив.“

Fußball EM 2010 Qualifikationsspiele Mazedonien Slowakei Flash-Galerie
Македонија, со победа над Андора, порази од Словачка и Русија и нерешен резултат против Ерменија, е 5-та во групата од квалификациите за ЕПФотографија: AP

Промена на системи на игра

Како Јонуз гледа на актуелниот момент на фудбалот што се игра во светот?

„Фудбалот на светски размери е создавање на една нова тактика и игра, што се вика флексибилна игра, значи во текот на играта да можете да промените неколку системи на игра. Тоа се‘ зависи од оние фудбалери што ги поседувате во националниот тим.“

Очекувањата на македонскиот селектор Мирсад Јонуз во 2011-та се...

„Очекувам огромна поддршка за создавање нови вредности во македонскиот фудбал, не само јас, туку како национално битие, како национално селекција да биде поддржана, сепак ова е Македонска репрезентација!“

Автор: Златко Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска