1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Taliban Pakistan

8 мај 2009

САД и со претседателот Барак Обама имаат мало влијание врз развојот на настаните во Пакистан. Пакистанците мораат сами да ја совладаат опасноста од екстремизмот.

https://p.dw.com/p/Hkby
Талибанците во ПакистанФотографија: picture alliance / landov

Пакистан е во тешка криза, а јасен знак за неа е беспомошноста пред напредувањето на Талибанците во земјата. Ниту влијателната армија, ниту цивилните политичари, ниту некој во јавноста се чини има рецепт против радикалите.

Со нив понекогаш се преговара, како во долината Сват во Кашмир, каде владата се согласи на воведување на Шеријатско право, понекогаш врз нив се фрлаат бомби, кои за жал погодуваат и цивили. Армијата целосно потфрли во борбата против бунтовниците, но истовремено тврдоглаво ги одбива сите понуди за обука од САД, зашто и натаму како свој вистински непријател ја гледа Индија. Цивилните политичари се зафатени со своите сопствени ривалитети и делуваат конфузно.

Политика на заплашување-рецепт на Талибанците

Добро организираните Талибанци напротив демонстрираат сила и консеквентно го користат секој вакуум на власта. Во значителна мера нивниот успех се базира врз заплашувањето. Во Сват и други области тие ги убија своите критичари или ги натераа на бегство. Се‘ повеќе Пакистанци, кои не одговараат на нивниот ограничен поглед на свет, мора да се плашат за својата безбедност и тоа низ целата земја, пред се‘ религиозните малцинства како Сиките, христијаните или Шиитите.

Суштина на проблемот е што во Пакистан со години систематски беше поддржувана идеологијата на нетолеранција и идеолошка милитантност, означена обично како „Џихадистичка“, особено од страна на војската и во времето на диктаторот Зиа ул Хак. Тоа со години се вршеше со силна поддршка од САД, кои пактираа со радикалните сили во борбата против Советите во Авганистан.

„Џихадистите“ имаат се‘ уште народна поддршка

Сега се покажува дека индоктринацијата е многу длабока, дури дека стана дел од националниот идентитет, дека Пакистан има тешкотии да ја отфрли. „Џихадистите“, кои во Авганистан се борат против НАТО или во Кашмир против Индија, кај Пакистанците уште наидуваат на широка симпатија. Оној кој се изјаснува против воведувањето на Шеријатското право или изразува секуларни ставови, се изложува на сомнеж дека е против исламот.

Антизападната клима во Пакистан во голем дел има врска со политиката на владата на Џорџ Буш, која беше сфатена како антимуслиманска. Но, во оваа клима созреаја опасни идеи кои сега им влеваат страв и на многумина Пакистанци.

Едноставно решение нема, уште помалку однадвор. Американската влада разбра дека Пакистан игра клучна улога за Авганистан. Таа знае исто така дека поранешната влада на генерал Мушараф го влечеше светот за нос со ветувањата за борба против радикалите. Но, т.н. „нова стратегија“ на Американците нуди главно стар рецепт за Пакистан: мешавина од морков и камшик, односно долари или заканувачки напади.

Владата во Вашингтон и натаму е беспомошна, зашто притисокот од САД само ќе ја зголеми недовербата и чувството на изолација во Пакистан и ќе им оди на рака на радикалите. Во реалноста, Пакистан од оваа каша може да се ослободи само самиот. Единствената надеж е во тоа дека размерот на заканите сега ќе им стане јасен на доволно голем број Пакистанци и дека тие ќе преземат нешто пред да биде предоцна.

Коментар: Томас Бертлајн

Превод: Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска