1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израелската армија уапси седуммина членови на палестинската влада

29 јуни 2006

Израел ја продолжи офанзивата во Појасот Газа со цел да го ослободи грабнатиот војник. Ноќеска акцијата беше проширена и со апсење на околу 60 членови на радикалната палестинска организација Хамас, меѓу кои има и седуммина членови на владиниот кабинет, како и поголем број пратеници.

https://p.dw.com/p/Ac5M
Тежок тест за новиот премиер Ехуд Олмерт
Тежок тест за новиот премиер Ехуд ОлмертФотографија: AP

Апсењето легални претставници на палестинската влада и поголем број угледни партиски активисти, владеачкиот Хамас го толкува како дополнително средство на притисок за ослободување на израелскиот војник. Такви се и толкувањата на израелското воено радио, кое соопшти дека покрај седумте членови на владиниот кабинет биле уапсени и 20 пратеници од редовите на Хамас. Рацијата беше спроведена во Ерусалим, како и во повеќе градови на Западниот брег од реката Јордан. Таму, во близината на градот Рамалах беше пронајдено и телото на еврејскиот доселеник Елијаху Ашери, за кого палестинските екстремисти од Народниот комитет на отпорот се заканија дека ќе го убијат доколку не престане израелската офанзива во Појасот Газа.

Од Газа пристигаат информации за нови акции на израелските тенкови, овој пат на северот од Појасот кај бегалскиот камп Џебаља. Утринава воен авион на израелското воздухопловство истрела ракети и врз градот Кан Јунис на југот од Појасот Газа, додека третиот напад беше насочен кон исламскиот универзитет во самиот град Газа. Информации за жртви и повредени во трите најнови напади за сега нема.

Израелскиот премиер Ехуд Олмерт повторно нагласи дека армијата нема да се воздржува ни од екстремни акции во обидот да го ослободи 19-годишниот војник Гилад Шалит. Министерот за правда Хаим Рамон пак за грабнувањето го обвини уште еднаш лидерот на военото крило на Хамас Калед Мешаал, кој живее во Сирија:

„Калед Мешаал е цел како и секој друг терорист. Фактот што се наоѓа во Сирија ни го отежнува пронаоѓањето, но тој и покрај тоа останува легитимна цел за државата Израел.„

Не само Мешаал, туку и локалните лидери на Хамас не се повеќе сигурни од израелската одмазда. Портпаролот на палестинската влада Мушир ал Масри ги нарече акциите на израелската армија државен терор:

„Тоа за нас значи државен терор и воен злостор против палестинскиот народ. Тоа го покажува и длабокиот пораз на ционистичкиот непријател, кој нема друг избор освен да го продолжи планот, што нема врска со грабнатиот војник. Сметаме дека премиерот Ехуд Олмерт ризикува многу со оваа акција, бидејќи Појасот Газа наликува на темпирана бомба.„