1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израелската јавност бара објаснувања за целите на војната

7 септември 2006

На тоа владата и населението на Либан долго чекаа: Израел конечно ќе ја укине поморската блокада пред брегот на малата држава. Контролата треба да ја преземат меѓународните сили. Блокадата беше воведена за да се спречи шверцот на оружје за Хезболах. Истовремено израелскиот генералштаб и владата се изложени на се поголеми критики во јавноста поради либанската офанзива:

https://p.dw.com/p/AdxZ
Израелците сакаат да знаат што се постигна со воената офанзива против Либан
Израелците сакаат да знаат што се постигна со воената офанзива против ЛибанФотографија: AP

Од денеска вечер во 18 часот Израел ќе ја укине поморската и воздушната блокада на Либан. Позициите пред пристаништата, како и на аеродромот во Бејрут што досега ги држеа израелски војници, сега треба да ги преземат силите на УНИФИЛ мисијата. Ова вчера го соопшти израелската влада. Во меѓувреме израелскиот шеф на генералштабот Дан Халуц се повеќе е изложен на критики. Сега ќе треба да одговори и на критиките за офанзивата што ги упатија преку 100 резервни генерали. Претходно војниците и офицерите на едена бригада резервисти во отворено писмо ги критикуваа слабостите на наредбодавците, како и нејасно дефинираните воени цели кои беа менувани за време на војната. Во друг извештај се вели дека недостигаа опрема, храна и вода. И листата критики на генералите беше долга. Средбата со Халуц траеше пет часа. Во тек се и напорите за формирање истражна комисија за војната во Либан. Премиерот Ехуд Олмерт инсистира таа да биде владина комисија под водство на поранешниот шеф на тајната служба Нахум Адмони. Таква комисија, тврди Олмерт, ќе може бргу и стручно да објасни кои грешки биле направени. Проблемот е во тоа што нејзиниот авторитет ќе зависи од владата. Во меѓувреме мнозинството Израелци покажуваат незадоволство од офанзивата чии цели, според нив, се далеку од резултатите и бараат сеопфатно објаснување.