1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел го прекршил меѓународното право

23 септември 2010

Израел, според истрагата на Комисијата на ОН за човекови права, со воената акција против хуманитарниот конвој бродови кои носеа помош за Појасот Газа во мај, го прекршил меѓународното право. Израел ја отфрли критиката.

https://p.dw.com/p/PKTY
Бродот „Мави Мармара“ кој беше нападнат од израелските командосиФотографија: AP

Извештајот на Истражната комисија на Комисијата на ОН за човекови права го обвинува Израел за „несразмерна и неприфатлива употреба на бруталност“ при нападот на хуманитарниот конвој бродови. Освен тоа, незаконска е и израелската поморска блокада на Појасот Газа, со оглед на хуманитарната криза во автономните области, стои во документот.

Во израелската командоска акција во мај беа убиени деветмина турски активисти, за што Израел тврди дека се работело за самоодбрана.

„Политизирана и екстремистичка“ акција

Владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги отфрли наводите во извештајот на Истражната комисија на ОН. Комисијата на ОН за човекови права, според кусото соопштение на израелското министерство за надворешни работи, против Израел води „еднострана, политизирана и екстремистичка постапка“. Затоа, Израел не гледа никаква причина да соработува со Комисијата на ОН.

UN Menschenrechtsrat in Genf
Фотографија: AP

Арапската пратеничка во Кнесетот, Ханин Цаоби, која израелската акција врз хуманитарниот конвој бродови можеше да ја следи со свои очи, ги поздрави резултатите на извештајот на Истражната комисија како професионални и независни. За своите впечатоци на палубата на бродот „Мави Мармара“, најголемиот во конвојот бродови за Газа, таа зборуваше неодамна:

„Ми беше јасно дека таа акција нема да помине без жртви. Според начинот на кој војниците дојдоа на бродот, од првата минута имав впечаток дека нема да се двоумат да пукаат.“

Владата на израелскиот премиер Нетанјаху одби соработка во меѓународната истрага за инцидентот, на што инсистираше Турција, која изрази задоволство од резултатите на истрагата. Во Тел Авив се тврди, пак, дека израелската истрага за случајот наскоро ќе биде завршена.

Хамас го поздрави резултатот на истрагата

Во Појасот Газа, пак, резултатот на истрагата на ОН кај Хамас предизвика позитивни реакции. Портпарол на Хамас соопшти дека мора да се работи на тоа израелските командоси да бидат изведени пред суд за својата акција.

Автор: ЖА/ТТ/дв/дпа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска