1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел задоволен од средбата на Олмерт со Буш во Вашингтон

Бетина Маркс24 мај 2006

Америка сепак го прифаќа планот за еднострано повлекување од окупираните територии?

https://p.dw.com/p/Ae1T
Олмерт и Буш
Олмерт и БушФотографија: AP

Американскиот претседател Џорџ Буш му нагласи на израелскиот премиер Ехуд Олмерт дека претпочита решение на блискоисточниот конфликт постигнато во преговори и споразум со Палестинците. Тој навистина не искажа недвосмислено отфрлање на еднострано одредување на границата, што го уфрли во игра Олмерт, но можеше да се осознае претпазлива скеспа.

И покрај тоа, посетата на Олмерт на САД во израелската јавност е оценета како успешна.

Израелските медиуми зборуваат за голем успех на посетата на премиерот и дека неговиот едностран план за повлекување од окупираните територии во САД наишол на голема согласност. Реакциите на американскиот претседател ги надминале сите очекувања, се вели на радиото и во весниците, кои во предигра на посетата анализираа дека Буш во голема мера се повлекол од блискоисточната дипломатија и во Вашингтон немало готовност за подршка на едностраните чекори на Израел.

Дури и самиот Олмерт ги придуши очекувањата од посетата во деновите пред да тргне на пат, зборувајќи дека планот за повлекување бил пренадуван и целосно преценет од медиумите. Дотолку поизненандувачки беа сега топлите зборови на американскиот претседател, кој навистина со воздржаност го прими планот за повлекување, но истовремено го означи како смел.

Министерот за правда Хаим Рамон им препорача на израелските медиуми соодветно да го удостојат големиот успех, а не со критички прашања да му го намалуваат значењето: „Мислам дека е ова голем успех за премиерот и би требало сите ние – и медиумите исто така, да му одадеме признание. Зашто тој, конечно, ги застапува интересите на државата Израел“.

Рамон е решителен поборник за едностраните планови за повлекување. Тој беше и еден од првите што заедно со Шимон Перес ја напушти Лабуристичката партија, за да премине во Кадима – партијата на Ариел Шарон - и да се ангажира за разделување од Палестинците. „Имам впечаток дека претседателот Буш го прифати планот... Годинава ние сосем искрено и со цврста волја ќе се обидеме да најдеме партнер за преговори во претседателот на Автономните власти Махмуд Абас“ – вели Рамон.

Во секој случај, нема да дојде до самит на Олмерт со Абас и египетскиот претседател Мубарак, како што е предложено од палестинска страна. „Во моментов нема никаков план за троен самит, но наскоро ќе дојде до одамна планираната средба на премиерот со претседателот Мубарак. Премиерот секако ќе се состане и со претседателот на палестинските автономни власти Абас, но тоа нема да се случи истовремено, туку ќе бидат две одвоени средби“ – пренесе владиниот советник Дов Вајсглас.

Услугите на тој адвокат во контактите со американската влада ги користеше и Шарон, тој ја подготви и сегашната посета на Олмерт. Нему му се припишува и потеклото на идејата за еднострано делумно повлекување од окупираните територии. Изутрината на израелското радио тој уште еднаш подвлече дека владеачкото палестинско движење Хамас не може да биде партнер за преговори се’ додека не ги исполни условите поставени од меѓународната заедница: признавање на правото на агзистенција на Израел, откажување од насилство и прифаќање на досегашните резултати на мировниот процес.