Израел и Палестинците - „вечен“ конфликт

Најновата ескалација меѓу Израел и Палестинците се вклопува во децениска историја на меѓусебни судири. Ретроспектива на последните 20 години од конфликтот кој се чини нема крај.

Ситуацијата меѓу Израел и Палестинците повторно се заострува: во средината на месецот од Појасот Газа беа испалувани проектили кон Тел Авив, во понеделникот беше погодена станбена зграда и ранети седум лица. Израел во одговор нападна цели во Газа и уништи три објекти на таму владејачкиот Хамас. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го прекина патувањето во САД.

Ова е само нова епизода во серијата меѓусебни судири од последните 20 години и покажува можност од натамошна ескалација. Како се одвиваше хронолпшки конфликот во последните две децении?

2000: Самитот во Кемп Дејвид/Втората интифада

Во јули 2000 година пропадна Блискоисточниот самит на израелскиот премиер Ехуд Барак и шефот на Палестинците, Јасер Арафат со посредство на американскиот претседател Бил Клинтон во Кемп Дејвид. Не беше постигнато единство ни за статусот на Ерусалим, ниту за граничната линија меѓу Израел и палестинските автономни области во Појасот Газа и Западниот Брег.

Ехуд Барак, Бил Клинтон и Јасер Арафат

Во септември 2000 година Палестинците ја почнаа Втората интифада (востание). Повод беше посетата на тогашниот израелски опозициски политичар и наскоро иден премиер Ариел Шарон на Ридот на храмовите, кој е под арапска управа и е подеднакво свето место за Евреите и за муслиманите, поради што постојано околу него избиваат конфликти. Ден по посетата на Шарон имаше насилни демонстрации и мртви. По последователниот судир со израелската војска,  Палестинците ја прогласија  Втората интифада. Патувањето со автобус и посетата на ресторани станаа опасни за Израелците, таму палестинските самоубистени атентатори извршија поголем дел од преку 20.000 напади. Израел реагираше со воени акции, а војниците продираа во автономните области заради апсење или убивање терористи.

Повеќе:

Кревок мир: договорот од Кемп Дејвид

На 8 февруари 2005 премиерот Ариел Шарон и претседателот на Палестинците Махмуд Абас договорија примирје. Билансот на Втората интофада: 1036 убиени Израелци, од кои 715 цивили; 3592 убиени Палестинци, од нив 985 цивили.

2005: Едностран израелски план за оградување/Повлекување од Појасот Газа

Израел реши делумно воено да се повлече од автономните палестински области, расчистени беа сите 21 израелска населба во Појасот Газа, како и населби во северниот дел од Западниот Брег. Шесте најголеми израелски населби во Западниот Брег меѓутоа останаа. Израел освен тоа изгради 750 километри долга ограда кон Западниот Брег заради заштита од потенцијални атентатори. Палестинците критикуваа дека Израел не направил доволно отстапки.

2006/2007: Либанскатавојна/внатрешнопалестински конфликти

И без директни судири меѓу Палестинците и Израел, 2006 беше немирна година во регионот: додека Израел во Либан се бореше против Хезболах, Палестинците беа зафатени со внатрешни пресметки. Конфликтот меѓу палестинската партија Фатах, основана од Јасер Арафат и терористичката организација Хамас однесе преку 100 човечки животи. Во 2007 година судирот доведе до политичка поделба на автономните области: до денес во Појасот Газа контролира Хамас, а во Западниот Брег-Фатах. Поделбата натамошно ја ослабе палестинската страна.

Постојани меѓусебни напади меѓу Израел и Палестинците

2008/2009: Операцијата „Излеано олово“

Откако Хамас презеде комплетна контрола врз Појасот Газа, го прогласи Израел за „непријателска територија“, примирјето постојано беше прекршувано од двете страни. Израелската армија неочекувано нападна во Појасот Газа на 27 декември 2008, спроведувајќи ја операцијата „Излеано олово“. Претходно израелскиот министер за одбрана Ехуд Барак на Хамас му даде рок од 48 часа, но војската изведе удар по само 24 часа. Офанзивата во Тел Авив беше правдана со долгогодишните стрелања кон израелските градови од Појасот Газа. Во јануари 2009  година насилниот судир заврши со прекин на огнот и повлекување на израелските трупи од Појасот Газа.  Убиени биле 1417 Палестинци, од кои 295 цивили, во Израел загинаа 13 лица.

2012: Пукање без прекин

Без оглед на примирјето, од Појасот Газа постојано се вршеше ракетирање во правец кон Израел, а Израел реагираше со одмазднички напади. На 14 ноември 2012 година израелската авијација го уби водачот на Хамас, Ахмед ал-Џабари, што беше повод за нова стрелба од Појасот Газа кон израелските населби, првпат по Втората заливска војна (1990) во Тел Авив беше даден аларм за воздушна опасност. Убиени биле 105 Палестинци, а во Израел – четворица цивили. На 21 ноември Хамас и Израел договорија повторно молк на оружјето.

2014: Војна во Газа

Најфаталната воена пресметка во изминатите 20 години беше војната во Газа во 2014 година. Траеше седум недели и чинеше преку 2000 човечки животи. Повод беа убиства на четворица тинејџери, тројца израелски од страна на Хамас и еден палестински од страна на Израелците. Израел нападна на 3 април од воздух цели во Газа, тврдејќи дека станува збор за одговор на палестински ракетни стрелби. Војната имаше два неколкудневни прекини и заврши на 26 август со посредство на Египет, договорено беше неограничено примирје. Двете страни се прогласија за победници.

ОН имаат информации за 2101 загинат на палестинска и 67 на израелска страна.

Иванка Трамп, ќерката на Доналд Трамп, ја отвори новата амбасада на САД во Ерусалим

2018: Безредија поради преместувањето на амбасадата на САД во Ерусалим

Одлука со тешки последици: во мај 2018 година по наредба на Доналд Трамп амбасадата на САД е преместена во Ерусалим, со што американскиот претседател фактички го призна за израелска престолнина. На границата кон Појасот Газа дојде до безредија. Палестинците протестираа со недели против одлуката на Трамп, делумно и со употреба на насилство, по што израелската војска нападна позиции на Хамас и ја бранеше границата стрелајќи врз демонстрантите. Билансот беше преку 2000 ранети, околу 50 убиени.

Повеќе:

Крваво отворање на амбасадата на САД во Ерусалим

Отворањето на американската амбасада го подели Ерусалим

Блискоисточната политика на американскиот претседател и деновиве предизвика бранувања: неговото признавање на израелски суверенитет врз Голанската Висорамнина се оценува како изборна поддршка за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, но последиците можат да се движат во пошироки размери.


Следете нѐ