1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Израел меѓу сите фронтови

Тања Кремер
20 ноември 2017

Тензиите меѓу Саудиска Арабија, Либан и Иран го оптоваруваат целиот регион. Ситуацијата би можела опасно да ескалира.

https://p.dw.com/p/2nc1b
Israel Golan Höhen
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Marey

Беше тоа многу исполнет викенд за воените аналитичари и за политичките коментатори во Израел. Во петокот за збор се јави лидерот на Хезболах, Хасан Насрала и ја обвини Саудиска Арабија дека се обидува да го турне Израел во војна со Либан. Истовремено тој го предупреди и го повика смртниот непријател Израел да не се меша. Израелската војска во саботата собори беспилотно летало над окупираната Голанска висорамнина користејќи го ракетниот одбранбен систем Патриот. Дронот очигледно бил во извидувачки лет над демилитаризираната зона. „Израел ќе стори сѐ за да дејствува против шиитската оска во Сирија“, соопшти министерот за одбрана Авигдор Либерман. Претходните денови беа одбележани со шпекулации за заднината на оставката на либанскиот премиер Саад Харири и дипломатските шаховски потези на саудискиот принцот Мохамед Салман, кој гради репутација во регионот.

Во Израел беа изненадени од потезите на Саудиска Арабија, но реакциите за тоа беа воздржани. Израелскиот премиер Банјамин Нетанјаху овој викенд беше во Лондон и таму дозна за оставката на шефот на либанската влада. Во соопштението од неговиот кабинет стои дека оставката на премиерот на Либан е „повик за будење на меѓународната заедница против агресијата на Иран, кој се обидува да го трансформира Либан во втора Сирија“.

„Тоа е конфликт за доминација меѓу две големи сили во регионот. Една од нив е Иран и неговите главно шиитски сојузници како што е Хезболах, а другата е сунитската коалиција предводена од Саудиска Арабија“, вели Шанул Шај, шеф на политичкиот оддел на Интердисциплинарниот истражувачки центар во Херзли. „Линиите на фронот можат да се видат во Јемен, во Сирија, во Ирак. Иако Израел не е во тие табори, оваа земја има свои интереси и црвени линии, за кои не сака да бидат пречекорени.“ А тие се пред сѐ во Сирија, каде што односот на политичките сили се придвижува во полза на Иран и на неговите сојузници.

Israel Grenze Golan Höhen
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Kahana

Никој не сака војна

Кризата пред сѐ ги погодува Саудиска Арабија и Иран. „Не мислам дека Израел и Хезболах имаат директен интерес да бидат вовлечени во конфликт“, вели Џоел Гузански, политиколог од ИНСС институтот во Тел Авив. „Оставката на Харири не е нужно во интерес на Израел, напротив, неговата оставка на Иран му дава уште поголемо влијание.“ Саудиска Арабија и Израел- двете земји кои немаат меѓусебни дипломатски односи- имаат заеднички непријател- Иран. Но, тоа не значи оти Израел ќе побрза во полза на Саудиска Арабија да им нареди на своите трупи да ја преминат границата, напиша воениот аналитичар Амос Харел за весникот Ха’Аретз.

На северната граница постојано се присутни тензии. Секоја погрешна калкулација, сметаат аналитичарите, може да предизвика нов конфликт. Израел не би требало „предвереме да се впушта во конфликт“, смета поранешниот американски амбасадор во Тел Авив, Даниел Шапиро. „Сосема е разбирливо Саудијците да се обидуваат да создадат рамка да го предизвикаат Иран во Либан- со војна меѓу Израел и Хезболах“, пишува американскиот дипломат.

Во Израел, тоа и не е некаква тајна, се поаѓа од тоа оти еден ден ќе дојде до нова војна со шиитски Хезболах во Либан. Никој не знае меѓутоа кога. Израелски воени кругови предупредуваат дека третата либанска војна би имала сосема поинаков одек во регионот. Првите денови би биле решавачки, би дошло до многу поразорно уништување на цивилната инфраструктура. Ова се научени лекции од последната Либанска војна во 2006 година, од која ниту една од воените страни не беше дефинитивен победник. Дури и опасноста од шиитски Хезболах порасна. И покрај големите човечки загуби во војната во Сирија, Хезболах и натаму се смета за добро организиран. Израелските воени експерти сметаат дека неговиот арсенал на оружје од 2006 година пораснал на над 100.000 ракети.

Libanon Hisbollah Kämpfer
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Eid

Страв од иранско влијание

Но, стратешкиот интерес на Израел во моментов е на развој на ситуацијата на југот на Сирија. „Израел апсолутно не сака Иран да изгради долгорочно присуство во Сирија“, вели Шаул Шај, експерт за безбедност од ИДЦ. За време на 6-годишниот конфликт во Сирија, Израел постојано зборуваше дека нема да се меша во конфликтот, освен ако не се преминат одредени црвени линии. Израелската стратегија се состоеше во безбројни воздушни удари врз конвоите со оружје на Хезболах и врз фабриките за муниција во Сирија. До пред неколку месеци режимот на Асад во Дамаск на тоа главно одговараше со вербални закани. Но, неодамна сириската армија возврати со напади со ракети земја-воздух. Режимот на Асад сѐ повеќе мисли дека е на победничката страна и ги тестира правилата на игра, сметаат израелски воени експерти. За тоа може да и’ се заблагодари на воената поддршка од Русија и сојузништвото со Иран, поради кој либански Хезболах и другите шиитски паравоени групации од 2015 година го поддржуваа режимот на Асад во борба против ИД.

Русија, САД и Јордан во текот на оваа недела постигнаа договор околу ситуацијата во јужна Сирија. Тие планираат да го ограничат „присуството на странски групи во јужниот дел на Сирија и подоцна целосно да го исклучуват". Ова главно се однесува на Хезболах и другите шиитски сојузници. „ Но барањата од Израел, кој инсистираше Иранците да се оддалечат доволно далеку, очигледно не беа земени предвид", објавија израелските медиуми во понеделникот.

Земјата е под голем притисок и на југ, каде што би можела да се соочи со ескалација. Израел, пред седум дена, крена во воздух тунел на „Исламски Џихад" на границата со Појасот Газа и притоа уби 12  следбеници на оваа радикална палестинска организација. Оттогаш реториката ескалира на двете страни.