1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел отвора „хуманитарен коридор“

Дојче веле, Агенции (ат)7 јануари 2009

Израелската влада даде согласност за отворање коридор за снабдување на цивилното население. Претходно, при напад врз училиште загинаа најмалку 40 лица. Продолжуваат и дипломатските напори за примирје на Блискиот Исток.

https://p.dw.com/p/GTMS
И цивилни жртви на нападитеФотографија: AP

Премиерот во заминување на Израел, Ехуд Олмерт, го прифати предлогот на ОН, за отворање „хуманитарен коридор“ во појасот Газа, се вели во соопштението објавено утрово од неговиот кабинет. Според него, Израел ќе ги прекине нападите против радикално-исламистичкото движење Хамас во одредени делови на областа, за да се овозможи испорака на помош. Цел е да се спречи хуманитарна криза во појасот Газа.

Голем број жртви при напад на училиште

Во меѓувреме, израелските воени дејствија продолжуваат со ненамалена жестина. При напад врз училиште на ОН, вчера загинаа најмалку 40 лица, а повредени се 55. Во зградата во Џебалија биле засолнети околу 350 бегалци. Според очевидците меѓу жртвите има и голем број жени и деца.

Израел ја оправдува акција, според првите сознанија армијата одговорила на истрели од зградата, рече портапролот на владата, Марк Регев. Потоа дошло до експлозија којашто најверојанто не била предизвикана од израелските истрели, рече Регев алудирајќи на тоа дека во училиштето можеби имало складирана муниција.

Претходно израелски истрели биле упатени и кон училиште на ОН во бегалскиот камп Ал Шанти, појасни една Палестинка, нејзината информација е потврдена од претсавниц на ОН: „Живеам со моите деца без вода и струја. Не сакав да ја напуштам куќата, но кога беа убиени нашите соседи, побегнав овде. Армијата не го поштеди училиштето. Тие нападнаа и убија тројца членови на семејството Султан.“

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, ги осуди нападите како „целосно неприфатливи“.

Шефот на организацијата за бегалци на ОН, УНВРА во појасот Газа, Џон Гинг, пак побара итна помош: „Апелирам до политичкото раководство, овде во Изреал, во регионот и во целиот свет конечено да преземат мерки и да го запрат она што се случува. Тоа е нивна одговорност.“ рече Гинг.

Од почетокот на офанзивата, според болнички извори досега загинале повеќе од 600 лица, половината од нив цивили, околу 3.000 се повредени.

Продолжуваат дипломатските активности за примирје

САД во меѓувреме сигнализираат дека во основа го поддржуваат предлогот на Египет за привремен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас. Неопходно е да се постигне долгорочно примирје, кое нависитна ќе донесе поголема безбедност, рече американската министерка за надворешни работи, Кондолиза Рајс, пред Советот за безбедност во Њујорк.

Египетскиот претседател, Хосни Мубарак по разговорите со претседателот на Франција Никола Саркози во Шарм-ел-Шеик предложи моментен ограничен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, за да може населението да ја добие потребната помош. Потоа би требало да следуваат разговори за причините на најновиот конфликт смета Мубарак.

Претседателот на Палестинците, Махмуд Абас, го повика Советот за безбедност на ОН веднаш да дејствува. „Израелската агресија“ врз појасот Газа мора да биде запрена, рече Абас во Њујорк.

Германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнамер, во меѓувреме ги потврди барањата на германската влада за прекин на огнот во појасот Газа. За да се постигне тоа неопходно е да се продолжат разговорите меѓу двете страни како и нивните арапски соседи. Но, важно е Хамас да не го искористи ова примирје за повторно вооружување, смета Штајнамер.