1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел продолжува да се барикадира

Тања Кремер/Б. Георгиевски3 мај 2013

Израел од пред десет години гради безбедносна ограда која го одвојува од Западниот брег. Таа ограда би требало да ги ограничи и палестинските атентатори. Сепак, нејзината изградба останува спорна.

https://p.dw.com/p/18Qhw
Фотографија: picture-alliance/dpa

Со своите манастири, маслинови дрвја и полиња, долината Кремисан делува како нацртана. Чесни сестри од редот на салезијанците тука држат основно училиште за палестински деца, а свештениците го произведуваат истоименото вино. Долината меѓу Ерусалим и Витлеем важи за зелена оаза. Меѓутоа, таа идила наскоро може да стане минато.

Специјалниот суд во Тел Авив донесе пресуда со која ја оцени како „адекватно решение“ изградбата на безбедносна бариера низ областа. Багерите веќе можат да почнат со работа. Но, тоа е тежок удар за палестинските жители. Според ОН, безбедносната ограда меѓу Израел и окупираниот Западен брег е долга 708 километри. Од нив, околу 62 проценти се веќе завршени. Повеќе од шест години Палестинците од долината на Кремисан се обидуваат да ја сменат трасата низ која ќе минува ѕидот: пишуваат петиции, тужби пред израелските судови и организираат редовни молитви под отворено небо. Но, како што сега стојат работите, единствена опција им останува жалба до Врховниот суд на Израел.

Палестинците отсечени

Изградбата на ѕидот за Палестинците значи многу повеќе од ограничувања во секојдневниот живот. Погодени се селани чија земја ќе се најде на другата страна, но и жителите на Ерусалим кои на тој начин остануваат отсечени од својот град, вели Реј Долфин од Канцеларијата за хуманитарна координација на ОН во Ерусалим. Тој со години ја документира изградбата на ѕидот.

„Голем проблем е тоа што илјадници селани се отсечени од својата земја. Израелските власти тврдат дека ќе преземат мерки со кои ќе ја олеснат состојбата, така што ќе изградат капии и ќе издаваат специјални пропусници. Проблемот е што пропусниците многу тешко се добиваат“, вели Долфин.

Sperranlage Israel
Фотографија: picture-alliance/dpa

Од друга страна, за Израел безбедносната ограда е пред се’ ефикасна заштита против терористички напади.

„Пред десет години беше невозможно да се седи во некое кафуле, во автобус или да се отиде на шопинг. Секогаш бевме под закана дека некој ќе се дигне во воздух. Безбедносната ограда, заедно со други воени мерки и оперативни напади, доведе до тоа во Израел да може да се живее во релативна безбедност и слобода, како и насекаде низ светот“, вели портпаролот на израелската армија Петер Лернер.

Трасата најголем проблем

Сепак, страстите најмногу се возбудија поради трасата на оградата. Во најголем дел се работи за ограда од жица, а во градските делови од бетон. Меѓународниот суд на правдата во Хаг, во 2004. година пресуди дека Израел мора да му обезбеди заштита на своето население, но безбедносната ограда е во согласност со меѓународните норми само доколку се протега долж т.н. „Зелена линија“, која беше воспоставена со Договорот за примирје од 1949 година. Но, 85 проценти од оградата се веќе изградени или планирано е да се изградат на палестинска територија.

И за Палестинците најголем проблем е трасата. Куќата на Сухеир Хашими во источен Ерусалим се наоѓа од другата страна на оградата. До пред десет години таа можела пеш да отиде до куќите во соседната населба, но денес патот и’ го блокира голем бетонски ѕид.

„Кога почнаа со изградбата мислев дека тоа не е реалност. Нашиот живот се ограничуваше чекор по чекор. Тогаш ми стана јасно дека секојдневно ќе го гледам ѕидот пред себе“.

Палестинците всушност се сомневаат дека со оградата Израел сака да ги поврзе еврејските населби. „Кога оградата би се градела долж Зелената линија, за да се одвојат Израелците од Палестинците, тоа би било поинаку. Но, тие всушност со ѕидот ги делат арапските населби. Тука живеат само Арапи, а ѕидот ги дели токму нив“, вели Хашими.

Sperranlage Israel
Сухеир ХашимиФотографија: Tania Krämer

За Израел оградата е успешен проект. Последните години забележан е пад на бројот на нападите. Но, и заканите за земјата се променија во изминатиот период. Во соседна Сирија во тек е граѓанска војна, а режимот на Мубарак во Египет е историја. Израел реагира на тие промени со утврдување на своите граници, вели израелскиот експерт за тероризам Боаз Ганор.

„Ситуацијата во регионот се развива во негативна насока. Со Палестинците состојбата сега е подобра одошто во времето на Арафат. Но, којзнае уште колку ќе трае тоа? Развојот на настаните во рамките на арапската пролет ги доведе терористичките елементи, како Ал Каеда и салафистите, до самите израелски граници. Безбедносната ограда сега е важен елемент во израелската одбрана за да се спречи инфилтрација на терористи“, вели Ганор.