1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел против сите

Керстен Книп
28 декември 2016

По Резолуцијата на ОН за градењето населби на окупирани териитории, односите меѓу Израел и ОН се затегнати. Израел е незадоволен.

https://p.dw.com/p/2Uwig
Westbank Siedlung Givat Zeev
Фотографија: Reuters/B. Ratner

За Дани Данон, постојаниот претставник на Израел во ОН, работата е јасна: со прифаќањето на Резолуцијата на ОН со која се осудува градењето израелски населби на окупираните територии, членовите на Советот за безбедност всушност се изјасниле со „не“: „Тие кажаа 'не' за преговорите. Тие се изјаснија со 'не' за напредокот и шансите за подобар живот за Израелците и Палестинците, како и за можноста за мир.“

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху по Резолуцијата демонстрираше исклучителна решителност. Уште на денот по одлуката, која се случи токму на Божик, тој ги повика амбасадорите на државите кои гласаа за донесување на Резолуцијата. На овие држави мора да им е јасно дека Израел ќе реагира, изјави заменикот изралески министер за надворешни работи Ципи Хотовели. Претставниците на државите кои учествуваа во изјаснувањето „не смеат веќе да доаѓаат на аџилак во Израел за да научат нешто околу борбата против теророт, сајбер-одбраната и земјоделската технологија, а потоа во ОН да прават што сакаат.“

Острата реакција е спорна во Израел. Лево-либералниот весник „Хаарец“ посебно ја критикуваше реакцијата на Нетанхају, обвинувајќи го за урнисување на односите со државите кои на Израел му се потребни во моментов или ќе му требаат во иднина. „Едно е што премиерот не може да ја погледне вистината во очи и не сака да признае декадоговор со Палестинците всушност е во интерес на Израел. Но, притоа уште полошо е што Нетанјаху ја влече целата земја во амбис.“

Israel Netanyahu  - Kabinettssitzung
Нетанјаху демонстрира одлучностФотографија: Getty Images/AFP/A. Sultan

ОН: „Пречка за решение со постоење две држави“

Истовремено, во конзервативниот весник „Ерусалим пост“ е објавена статија која ги анализира причините за резултатот од гласањето. Авторката Михал Хатуел Радошицки од Институтот за студии за национална безбедност, НСС, детектира четири фактори. Прво, САД се обидуваат да изградат нова улога во однос на палестинско-израелските односи. Досега Вашингтон постојано го штитеше Израел во Советот за безбедност на ОН, што на САД му донесе големи меѓународни критики и ја прави неверодостојна улогата на посредувач. Обама се обидува да го коригира тоа.

Второ, ОН реагираа на факти. Меѓународната заедница новите населби на окупирани палестински територии ги смета за пречка на патот кон постигнувањето решение со постоење на две држави. Израел не ја промени својата политика на градење населби. Трето: дел од израелската коалициона влада изричито го искажа својот став против решението за две држави, што се отсликува и во законодавството. Четврто: улога играат и односите меѓу американскиот претседател Барак Обама и израелскиот премиер Бенјамин нетанјаху. „Постои веројатност дека добри односи, лична наклоност и меѓусебно разбирање на двајцата политичари би можеле да спречат носење ваква одлука во ОН.“

Авторката заклучува: „Би било добро кога израелското раководство добро би ја одвагало својата политика во идните пет години, но и уште подалекусежно. Ако има намера да продолжи со изградбата на населби во близина, но и подалеку од границата, тоагаш треба тоа јасно да го каже.“

Treffen Obama Netanjahu
„Хемијата“ не функционира - Нетанјаху и ОбамаФотографија: Reuters/K. Lamarque

Реакции од Палестинците

Палестинските медиуми се задоволни од одлуката на ОН. Ако Израел сака да ја повика меѓународната заедница на одговорност поради Резолуцијата, тогаш ги превртува на глава односите на силите на моќ, се вели во еден коментар во весникот „Ал Хајат ал-Џадида“. И во весникот „ал Кудс“ кој излегува во Ерусалим, се чита задоволство од одлуката. Таа е во вистинска насока и охрабрува на продолжување на дипломатски притисок врз Израел на сите нивоа. Но, весникот предупредува од преуранет оптимизам, со оглед на претстојната смена на врвот на власта во САД.

Израел е во тешка позиција во поглед на жестоките расправии во ОН. Во октомври УНЕСКО усвои резолуција која комплетно негира исклучително еврејски карактер на Ридот на храмовите во Ерусалим. Поддржувачите на Палестинците се обидуваат да ја тужат израелската страна пред Меѓународниот суд на правдата во Ден Хаг. На општествено рамниште, спорниот акционен сојуз БДС ( „Boycott, Divestment, Sanctions"), се обидува да ги убеди потрошувачите, уметниците, универзитетите и други да не негуваат односи со Израел.

„Разоткривање на лагите и залажувачките маневри“

Но, сега првенствено станува збор за конфронтирање околу Резолуцијата на ОН за политиката на градење населби. Весникот „Аруц Шева“, кој се смета за гласноговорник на доселениците, препорачува отворена дискусија. „Треба да ги разоткриеме лагите и маневрите за залажување на радикалите и оние кои се под нивно влијание. Тоа ќе го постигнеме на начин што на што е можно поголем број луѓе ќе им ги презентираме фактите и вистината, која се темели на сериозни и одговорни факти.“ Од аспект на Израел, времето притиска. На 15 јануари идната година во Париз ќе се одржи средба на министри за надворешни работи, а една од клучните теми на агендата е израелско-палестинскиот конфликт.

 LINK: http://www.dw.com/a-36924517