1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел се брани од бегалците од Африка

Себастијан Енгелбрехт / Александар Методијев / миа17 јуни 2012

Израел денеска почнува со депортирање Јужносуданци во рамки на кампања за справување со бранот незаконски имигранти од Африка. Се поголем број бегалци од африканските земји бараат сместување и работа во Израел.

https://p.dw.com/p/15GiM
Фотографија: picture-alliance/dpa

Израелската влада ја подготвува масовната депортација на илјадници илегални имигранти, а исто времено ги казнува Израелците кои им помагаат на бегалците. Првиот авион со 120 Јужносуданци ќе замине вечерва по локално време од Тел Авив за Џуба. Нов лет е планиран за идната недела. Бегалците ќе добијат по 1.000 евра за возрасен и по 500 евра за дете. Околу 60.000 африкански имигранти успеале да влезат во изминатите неколку години во Израел преку границата со Египет, бегајќи од репресивните режими или во потрага по работа. Тие потекнуваа од Јужен Судан, Брегот на слоновата коска, Мали и Еритреја.

Во последните недели тензиите меѓу имигрантите и локалните жители се зголемија и властите беа принудени за депортација. Околу една третина од имигрантите се од Еритреја и не можат да бидат вратени во татковината, бидејќи со одлука на ОН им се дава право на прибежиште.

Afrikanische Flüchtlinge in Israel
Африканците стравуваат да се вратат во своите земјиФотографија: picture-alliance/dpa

Доколку не се работи за Евреи, Израел на бегалците ретко им одобрува азил. Бегалците ќе бидат депортирани, бидејќи граѓанската војна во регионот е завршена и на бегалците по враќањето во земјата не им се заканува непосредна животна опасност.

Пред некој ден, на југот од Израел беа уапсени тројца Јужносуданци, додека во три часот наутро оделе кон работа. Затоа сега многу од бегалците се кријат.

„Сега седам дома. Отпуштени сме од работа“, велат некои од бегалците. Имено, Јужносуданците веќе не смеат да се вработуваат. „Сите сме испратени дома и веќе не не’ сакаат на работните места“, изјави за израелското радио 25-годишната Сузан.

Според законски одредби одобрени вчера, пет годишна затворска казна им се заканува на сите Израелци кои би ги вработувале нелегалните бегалци или би им пружале сместување. Законот би требало да важи и за Палестинците, кои се наоѓаат илегално во Израел.

„Исфрлете ги африканските натрапници“

Минатите недели илјадници Израелци протестираа на југот од Тел Авив и бараа од земјата да се исфрлат, како што ги нарекоа, африканските натрапници. Од тогаш израелската влада почна да ја најавува депортацијата на десетици илјади Африканци.

Владеачките политичари постојано ги негираат наводите на Африканците дека се доселуваат во Израел, затоа што во нивната земја им се заканува протерување или граѓанска војна.

Israel Tel Aviv Proteste Flüchtlinge aus Afrika
Протест на Израелци против имигрантите од африканските државиФотографија: dapd

„Приближно 70 илјади од нив, кои левичарските организации погрешно и демагошки ги нарекуваат бегалци, тие не се никакви бегалци. Според израелскиот закон, тие се илегални работници. Само неколку стотини од нив навистина ги прифаќаме како бегалци. Мора со оваа лага да се заврши. Израел има силна економија и тие овде доаѓаат за да работат“, порача членот на Ликуд во Кнесетот, Офер Акунис.

Израелската влада, во меѓу време, даде наредба да се изгради меѓународен логор во пустината Негев. Тој би бил шаторска населба во која ќе бидат собрани илегалните бегалци. Освен тоа, на границата со Египет се градат и бариери, кои би требале да го отежнат влезот во Египет.