1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел со предупредувачки истрели кон Сирија

ЕМФ/ард11 ноември 2012

Првпат во последните децении Израел испука предупредувачки истрели кон Сирија. Со тоа израелската армија реагирала на граната која паднала врз армиски пункт на Голанската висорамнина, анектирана од Израел во 1967-ма.

https://p.dw.com/p/16grU
Фотографија: AFP/Getty Images

Според портпарол на израелската армија, гранатата била „дел од внатрешниот конфликт во Сирија“ и не предизвикала штета и жртви. Владата во Ерусалим претходно испрати предупредување до раководството во Дамаск да не ја повредува границата.

На Голанската висорамнина, која е анектирана од 1967 година, досега повеќе пати паднаа гранати испукани во борбите со бунтовниците во Сирија. Исто така, сириски тенкови неколку пати влегоа во демилитаризираната зона. Ова е првпат Израел да испука предупредувачки истрели во насока на сириските безбедносни сили од војната во 1973 година.

Symbolbild syrische Panzer dringen in Sperrgebiet auf Golanhöhen ein
Сириски тенкови неколку пати влегоа во демилитаризираната зонаФотографија: AP

Во меѓувреме, сириската опозиција по повеќенеделни преговори постигна согласност за заедничка платформа. Телевизијата Ал Џазира јави дека договорот е постигнат на средбата на опозиционите активисти во Доха. Длабоко поделената сириска опозиција беше притисната да постигне согласност од државите од групата Пријатели на Сирија, пред се‘ Катар и САД. Претходно, Сирискиот национален совет, кој досега се разбираше себеси како единствен претставник на опозицијата во Сирија, се согласил да биде дел од коалицијата на противници на сирискиот режим. За Сирискиот национален совет во новата Сириска национална алијанса се резервирани 22 од вкупно 55 места.