1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел ја продлабочи офанзивата

12 август 2006

Додека во СБ се гласаше резолуцијата за Либан, Израел реши да ја активира одлуката за проширување на копнената офанзива во Либан. Ова е најголемата акција која ја презема Тел Авив од почетокот на конфликтот.

https://p.dw.com/p/Adyg
Израелски тенкови во Либан
Израелски тенкови во ЛибанФотографија: AP

Колони тенкови и пешадија од Израел се движат на либанска територија. Тие се упатија кон реката Литани која е дваесет километри во внатрешноста на земјата. Почетокот на офанзивата беше означен неколку часа пред СБ да ја донесе резолуцијата:

„Во последниве 12 часа, израелската влада увиде дека дипломатијата не дава резултати. Додека ја прошируваме нашата операција, дипломатијата ќе продолжи. Ние работиме на два колосека. Секако преферираме дипломатијата да даде резултат“, изјави само неколку часа пред гласањето, Гидеон Мајер, висок претставник на израелското министерство за надворешни работи. По одлуката на СБ, Мајер изјави дека и покрај тоа што ја прифаќаат резолуцијата, офанзивата сигурно ќе продолжи до недела кога повторно ќе заседава безбедносниот кабинет во Тел Авив и кога ќе се донесе нова одлука како да се постапува понатаму. Мајер појасни дека целата на новата акција е да се истисне Хезболах од регионот и да се расчисти теренот за стационирање на меѓународните мировни трупи и либанската армија. Од друга страна израелскиот генерал Алон Фридиман изјавил утринава дека „сегашната акција која ја презема Израел би можела да потрае со недели“, како и дека „може да се прошири и од другата страна на реката Литани“. Агенциите јавуваат дека израелските војници веќе воделе жестоки борби со Хезболах кај едно село 11 километри оддалечено од израелската граница. Хезболах објави дека уништил и седум израелски тенка. Ова е најголемата копнена офанзива од почетокот на конфликтот. Во меѓувреме израелската авијација продолжува со нападите. Погоден е и еден конвој со либански бегалци при што најмалку шест лица загинале, а десетици се повредени. Повторно се гранатирани цели во бејрутските предградија како и патот од Бејрут кон Дамаск. Најновите податоци велат дека во конфликтот до сега од либанска страна загинале меѓу 800 и 1000 лица, а на израелска страна имало 100 жртви. Најголемиот дел од нив се цивили.