1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изјавата на папата за кондомите не е скандалозна

Клаус Кремер21 март 2009

Изјавата на папата Бенедикт против кондомите како средство во борбата против сидата во Африка може да се смета за неадекватна за состојбата во светот денес. Но, таа не е скандалозна, како што тврдат многумина.

https://p.dw.com/p/HGOh
Девојки од Ангола „во чудо“ го гледаат постерот со папата БенедиктФотографија: AP

Ставот на папата кон сидата и користењето кондоми во заштитата од чумата на 21 век не би требало да изненадува никого. Бенедикт Шеснаесетти на турнејата по Африка со тоа не кажа ништо ново и ништо поинаку од неговиот претходник на местото поглавар на Католичката црква. Значи, од таа гледна точка, неговите ставови за кондомите и сидата не се скандал. Тие произлегуваат од цврстите и традиционални принципи на црквата по прашањето на моралот во сексуалните односи.

Впрочем, што има толку лошо во моралниот систем на вредности, што ја нагласува вредноста на верноста во бракот? Токму во нашиот Западен свет сексот станува се’ повеќе и повеќе смисол на животот и единствено средство за приближување до блаженството - за многумина. Згора на тоа неспособноста за остварување подолготрајна врска со само едно лице се претвори во животен стил, којшто во сексуалноста гледа само извор на забава и задоволство, а ја запоставува одговорноста за партнерот. Исто така медиумите не’ преплавуваат со безгранична понуда на порнографски содржини.

Светиот дух и духот на денешнината

Традиционалистичкиот став на црквата по прашањето на сексот е далеку од реалноста - велат критичарите. Тоа е вистина! Црквите сметаат дека ги води Светиот дух, а тој не е секогаш истоветен со модерниот дух на денешнината. Токму поради таа разлика црквите, односно христијаните, беа во состојба во поновата историја да и’ се спротиставуваат на неправдата, да ја критикуваат и да се борат против неа, на пример против разните диктатури во светот. Тоа се одразува и на ангажманот на Католичката црква во Африка, каде таа спаѓа меѓу предводниците во борбата против епидемијата на сида.

Kameroon Vatikan Papst Benedikt im Papamobil
Далеку од реалноста: Бенедикт во „папамобилот“Фотографија: AP

Но, на ова место мора да се свртиме кон логиката што води сметка за реалноста. Католичката црква со право се залага за заштита на сите луѓе и во сите фази на нивниот живот, од зачнувањето до смртта. И токму поради тоа на кондомите мора да им се признае дека можат да послужат како еден вид „прва помош“ во борбата против ширењето на сидата. „Духовната обнова“ што ја бара папата Бенедикт подразбира да имаме доволно време за тој процес. Но, него го немаме и милионите луѓе веќе заразени со смртоносниот вирус не можат допрва да тргнат по патот на духовната обнова.

Друго нешто е вистински скандал

Затоа: кондоми за Африка? Да! И покрај тоа, забраната за користење кондоми што ја изрече папата не е скандалозна. Богатите земји од Западот за многу кусо време успеаја да мобилизираат стотици милијарди евра и долари за борба против светската економска криза, што самите ја предизвикаа. За борбата против сидата и другите тешки и смртоносни проблеми во Африка веќе со децении не успеваат да издвојат и мало делче од тие средства. Тоа е вистински скандал!!!