1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изјавите на Хан се израз на беспомошност

Б.Георгиевски16 јуни 2015

Проблемот на ЕУ е што не го сфаќа доволно сериозно македонскиот случај, вели во разговор за ДВ, Норберт Мапес-Нидик, германски новинар кој долги години ги следи состојбите на Балканот

https://p.dw.com/p/1FhEi
Фотографија: DW/A Grunau

ДВ: Македонија е во длабока политичка криза која трае веќе со месеци. Без политички договор на повидок, во меѓувреме пропадна и обидот на ЕУ да посредува во кризата. Во еден текст пред извесно време тврдевте дека ЕУ го загубила влијанието врз земјата. Дали неуспехот на разговорите е показател за тоа?

Состојбата е перманентна. ЕУ нема што да понуди- за разлика од 2001 година кога Македонија беше првата земја која го склучи договорот за стабилизација и асоцијација. Било каков следен чекор кон членство бара согласност од Атина, што е помалку веројатно од било кога порано. И самите знаете каква е состојбата. Истиот ден кога преговорите за кризата во Македонија завршија со неуспех, таквата вест беше ставена во втор план поради судирот меѓу Атина и Брисел. Моќните држави во ЕУ никогаш не се ни обидоа да ја притиснат Грција да ја дигне блокадата. Во актуелната ситуација тоа е невозможно. Освен што нема што да понуди, ЕУ нема ни со што да се заканува. Се‘ што можат да сторат е да ја повлече препораката за почеток на пристапните преговори- препорака која и онака е без последици. Сѐ на се, преговарачката позиција на ЕУ не може да биде полоша.

ДВ: Комесарот Хан изрази разочараност од исходот на преговорите и обвини неименуван македонски политичар за неуспехот. Дали беше тоа вистинскиот начин да се реагира на неуспехот?

Ни јас не знам кого сакаше Хан да обвини. Во деновите пред состанокот, најчесто Хан и Заев имаа недоразбирања. Но не заборавајте: Хан може да ја претставува само Комисијата, а не Советот на ЕУ. Останува на Советот, односно на неговите водечки земји-членки, да се вмешаат. На ниво на Комисијата, преговарачката позиција е онаква каква што ја опишав погоре. Но, моќните држави-членки се секако во многу посилна позиција кога станува збор за притисокот врз Скопје. Хан само ја изрази својата беспомошност. Сѐ што тој може да прави е да посредува и да се надева на чудо.

ДВ: Во македонската јавност кружат многу информации и за бизнис-интересите на комесарот Хан во земјата поради неговата поранешна функција во концернот Новоматик. Можно ли е неговото минато да има било какво влијание врз неговиот став во актуелната криза?

Не знам. За да се објасни што прави и што говори Хан не е потребно да шпекулираме за неговите лични интереси. Ќе реагираше ли поинаку доколку никогаш немал никакви бизнис врски со Македонија? Би можел ли? Има една поговорка од германскиот поет Јохан Волфганг Гете: Не барајте зад феномените. Наместо тоа истражувајте ги!

ДВ: Каква според Вас треба да биде улогата на ЕУ во оваа криза?

ЕУ мора да биде поактивна, особено Германија, Франција, Британија и Италија. Целата политика на проширување е доведена под прашање. Доколку пристапувањето доживее неуспех во Македонија, ќе следуваат и други држави. Доколку пристапувањето е блокирано или трае предолго, ќе се најдеме во опасна „меѓу“ ситуација, константно „како да“. Владите во земји како Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Косово ќе се однесуваат „како да“ сакаат да и‘ се придружат на Унијата, додека ЕУ ќе делува „како да“ сака да се прошири.

Johannes Hahn in Skopje
Хан може само да посредува и да се надева на чудо, вели Мапес-Нидик.Фотографија: MIA

Второ, ЕУ ја жртвува демократијата заради стабилноста во Косово, не во Македонија. Проблемот е во негрижата. Тие нема да добијат стабилност доколку ја изневерат Македонија, тоа секако не. И од оние малкумина кои знаат нешто за Балканот, сите го знаат тоа многу добро. Не. Проблемот е што тие не го сфаќаат доволно сериозно македонскиот случај. Инаку не би му го оставиле проблемот на еден обременет комесар.

ДВ: Состојбата повторно се влошува во повеќе земји од Западниот Балкан. Може ли да се очекува засилен ангажман на ЕУ во наредниот период?

По приемот на Романија и Бугарија во 2007 година, сите велеа дека е премногу рано. На преостанатите кандидати, како што сметаа западните политичари, им беше потребно повеќе време за да созреат. Но, созревањето не е вистинската метафора за она што се случува во периодот на чекање. Доколку чекате предолго, про-европските сили во Југоисточна Европа го губат влијанието, додека духовите од минатото- контроверзните бизнисмени и авторитарните лидери добиваат. За проширувањето секогаш постои еден прозорец на можноста. Во Македонија, тој прозорец сега е затворен.

Норберт Мапес-Нидик е германски новинар кој веќе неколку децении ги следи состојбите на Балканот и во регионот на Југоисточна Европа за повеќе весници и медиуми од германското говорно подрачје. Во 1994 година беше и советник на Специјалниот пратеник на ОН за поранешна Југославија, Јасуши Акаши.