1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Или шамија - или работа

Сабине Рипергер 27 февруари 2009

Во осум германски покраини се воведени закони, кои на службеничките во јавната администрација, а посебно на учителките, им забрануваат да носат шамии на работното место. Во спротивно, можат дури и да ја загубат работата.

https://p.dw.com/p/H2Fh
Шамијата има посебно значење за многу муслимански жениФотографија: picture-alliance / dpa

Носењето шамија во јавните установи во Германија стана тема на јавна дебата во текот на деведесетите години, кога учителката Ферешта Лудин од Баден Виртемберг, по потекло од Авганистан, одби да ја извади шамијата за време на наставата, иако директорот на училиштето го побарал тоа од неа. Таа поднесе жалба до Уставниот суд во Карлсруе, кој пак, во 2003 година одлучи дека доколку нема никаква законска основа, тогаш на учителката не може да и` се забрани да носи шамија на работа. Сепак, секоја германска покраина има уставно право да донесе вакви закони.

Со цел да ги држат шамиите што понастрана од училниците, осум од шеснаесетте германски покраини ги изменија законите за училиштата. Во Баден Виртемберг, Баварија, Берлин, Хесен, Долна Саксонија, Северна Рајна Вестфалија и Саарланд владеат закони, со кои на службеничките во јавната администрација, а посебно на учителките, им се забранува да носат шамии додека им трае работното време.

„Дискриминација во името на неутралност“

Ferestha Ludin mit Kopftuch
Учителката Ферешта ЛудинФотографија: AP

Извештајот, што „Хјуман рајтс воч“ го претстави во Берлин, под наслов „Дискриминација во името на неутралност“ се базира на сеопфатни истражувања, направени во 2008 година. Во него учествуваат вкупно 72 испитаници од различни германски покраини, а покрај тоа застапени се и интервјуа со политичари, научници и претставници на фондации и невладини организации. Меѓу испитаниците има и 34 муслиманки, кои биле директно погодени од забраната за носење шамија на работното место.

Според шефицата на европската канцеларија на „Хјуман рајтс воч“, правникот Хале Чарок, извештајот ги посочува влијанијата што ваквите закони ги имаат врз жените: „Некои од нив одговориле на тој начин што го продолжиле породилното отсуство и никогаш повеќе не се вратиле на работното место, за да не мораат ова прашање да го ставаат меѓу нивните религиозни убедувања и професијата. Има такви кои поради забраната за носење шамија се преселиле во друга покраина, а некои дури се иселиле и во странство. Се разбира, еден дел од нив сметале дека немаат друг избор, освен да се откажат од шамијата, ако сакаат да го задржат работното место“, вели Чарок.

Повредени се основните човекови права

Frau mit Kopftuch im Unterricht Schule Deutschland
Многу муслимански жени се принудени да бираат меѓу религија или образованиеФотографија: AP

Овие жени во извештајот изјавиле дека поради ваквите законски регулативи, се чувствуваат на некој начин исклучени од општеството, иако некои од нив се родени во Германија, или, пак, долго живеат во земјата.

Мариане Хојваген, директорка на „Хјуман рајтс воч“ за Германија, потсети дека организацијата досега ги критикувала земјите како Авганистан, Саудиска Арабија и Иран, каде жените законски се принудени да носат шамии. Но, и забраните за нивно носење, што владеат во Германија, ги повредуваат истите меѓународни стандарди, кога се човековите права во прашање, како на пример правото на слободно определување и избор на животен стил, според сопствено убедување.

Покраините да се преиспитаат

Хале Чарок, директорката на европската канцеларија на „Хјуман рајтс воч“, посебно го критикува законот кој важи во Берлин, каде покрај учителките и службеничките во јавната администрација, забраната за носење шамии се однесува и на вработените во полицијата и судството: „Со законот во Берлин не се предвидени никакви исклучоци, какви што има во законите на Баден Виртемберг или во Баварија. Берлинската забрана се однесува на сите религии и на сите религиозни симболи“, вели Чарок.

„Хјуман рајтс воч“ ги повикува германските покраини уште еднаш да ги разгледаат законите за забрана на религиозни симболи и да ги усогласат со меѓународните стандарди за човекови права. Покраините треба особено да водат сметка нивните законски одлуки да не дискриминираат според полот или религиозното убедување и да ја гарантираат слободата на вероисповед и изразување на мислењето.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема