1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не спомнувајте го напразно името на „Комитите“!

Катерина Блажевска11 август 2015

Навивачката група „Комити“ демантира дека учествувала во инциденти, МВР ги бара „насилниците“, медиумите молчат, а аналитичарите обвинуваат за неефикасност и замижување пред насилството

https://p.dw.com/p/1GD5f
Фотографија: picture-alliance/dpa/Etienne Laurent

Кои се групите хулигани, кои по завчерашниот натревар меѓу Вардар и Шкупи на две локации во Скопје извикувале „Смрт за шиптари“ и нападнале млади Албанци, предизвикувајќи им телесни повреди? Помошникот министер во МВР за односи со јавноста, Иво Котевски, вели дека полицијата се обидува да ги открие што побрзо.

„Интензивно се работи на откривање на насилниците, виновни за предизвикување на инцидентот“, тврди Котевски.

Додека трае истрагата, тој не сака да шпекулира дали зад терминот „насилници“ се кријат членови на навивачката група „Комити“. Ниту може да каже колку лица од оваа група досега се санкционирани заради предизвикување инциденти, со образложение дека и во пријавите и во пресудите не стои припадност на навивачка група, туку лични идентификациски податоци за сторителите.

Ова укажува дека не се прават специјализирани анализи за насилството на спортските терени или по спортските натпревари. Според податоци од 2013 година објавени во медиумите, инциденти биле регистрирани при одржување на 81 натпревар, а кои дури 61 отсто се случиле во Скопје и во Тетово. Инциденти најчесто имало при одржување фудбалски натпревари (67%) кога играат фудбалските екипи Вардар-Скопје, Тетекс и Шкендија од Тетово, како и при кошаркарски натпревари (25%).

Комитите“ демантираат учество во инцидентите

Не знам зошто ја кријат припадноста на хулиганите, прашува резигнирано граѓанин кој завчера се разминал со група навивачите кои скандирале „Смрт за Шиптари“, движејќи се кон плоштадот Македонија.

„Ако по натпреварот голема група со препознатливи навивачки обележја предизвикува инцидент, зошто институциите замижуваат? Или треба да се сомневаме дека тоа можеби била маскирана група на балерини или на пензионери? Ексклузивната заштита на навивачки групи поврзани со партии, не води кон намалување на инцидентите, туку кон нивно охрабрување да продолжат со тоа“, вели тој.

Молкот на институциите и на голем дел од медиумите, го пополни вчерашното соопштение на навивачката група „Комити“, која демантира нејзино учество во инцидентите како што објавија мал дел од медиумите, повикувајќи се на изјави од сведоци и на дел од нападнатите момчиња. Останатите медиуми решија да молчат.

„Зачудува фактот што ние веќе сме обележани како насилниците кои нападнале и претепале недолжни 'момчиња од албанска националност', иако ниту еден од 'недолжните' не изјави дека бил нападнат од лица кои имале клупски обележја, ниту пак МВР и нивната истрага не го потврди тоа“, се вели во соопштението.

Тие велат дека од снимките на МВР може да се види и потврди дека неколку стотини комити кои присуствувале на натпреварот и го бодреле клубот си заминале по натпреварот.

„На крајот сакаме да го изразиме и нашиот револт од политичката конотација на овие два изолирани инциденти, која упорно се турка преку неколку т.н медиуми. Навивачката група 'Комити', со години наназад, нема никаква допирна точка со било која политичка партија во државата ниту пак поддржува било каква политичка опција. За нас има само една партија, а тоа е 'Вардар' – 'Држава и нација пред книшка и партија'. Токму затоа и навивачката група е константна мета на напади од поединци, групи, институции и т.н. медиуми“, соопштија „Комитите“.

Polizeiaufgebot beim Derby Köln gegen Gladbach
Фудбалските насилници во Македонија често минуваат неказнето (фото:архива)Фотографија: picture alliance/Ralph Goldmann

Медиумите со молк ја манипулират јавноста

Законот за спречување насилство и недостојно однесување на спортски натпревари, предвидува санкции за разни форми на насилство во спортски објекти, но прашањето е каква е ефикасноста кога насилството ќе се дисперзира по натпреварите и далеку од објектите, како во завчерашниот случај. Можно ли е да немало никакво присуство на полицијата во центарот на градот? Функционираат ли камерите инсталирани на крстосниците, за кои пред неколку години беа дадени големи финансиски средства?

„Генерално може да се заклучи дека државата, институциите, политичките партии, па и целокупното општество многу малку прават за да ги спречат инцидентите, во кои најчесто невини луѓе се жртви на насилство“, вели политичлкиот аналитичар Башким Бакиу.

„Инциденти се случија, односно се повторија неколку пати и никогаш немаше конкретна разрешница, ниту научени лекции. МВР за вакави инциденти се покажува како неефикасно, бидејки таквите групи хулигани треба да се изолираат и да се следат. Најстрашно е дека претепани се деца токму во места каде што реално треба да има присуство на полиција. Одредени медиуми се обидуваат овие инциденти да ги изолираат за да не 'дознае' јавноста што се случило, кои се претепани и од кого, зошто и кој не преземал ништо, со тоа да се спречи вистината, а во одредени ситуации дури и да се манипулира јавноста преку мејнстрим медиуми“, оценува Бакиу.

Според него, политичките партии не ги осудуваат инцидентите, бидејќи и тие имат дел од одговорноста.

„Нивни членови менаџират со органи и институции кои што треба да работат со цел да се спречат ваквите инциденти. За жал и кога има последици, нема одредена акција за да се направи барем најмал чекор, а да не зборувам за мерки за да не се дојде до инциденти. Тоа го прават само одредени организации, преку проекти, но речиси се невидливи и активностите и препораките од невладиниот сектор до институциите“, констатира Бакиу.

Бараат блискост со партиите на власт

Д-р Иван Анастасовски, професор по социологија на спорт и еден од креаторите на Законот за спречување насилство на спортски натпревари, докторскиот труд го посвети на истражување на социолошките аспекти на насилно и агресивно однесување на спортски манифестации во Република Македонија. Живее во Куманово, мултиетничка општина, каде идната недела се очекува да се одржи уште еден високоризичен натпревар: Шкендија - Вардар. Според него, важно е да се направи јасна класификација на публиката: колку од посетителите на спортските натпревари се припадници на навивачки групи и го претставуваат она 'тврдо навивачко јадро', а колку од публиката релаксирано доаѓа да гледа спортска игра и да ужива во натпреварот.

„Според резултатите од истражувањето, се покажа дека над 45 отсто од членството кај албанските навивачки групи слепо го следи лидерот во однос на тоа каква 'команда' ќе даде. Кај македонските навивачки групи, се посамостојни од командата на лидерот и посамостојно одлучуваат во носењето инстант-одлуки, дали ќе иницираат одреден инцидент, ќе се вклучат во него или ќе сторат се за да го спречат“, објаснува Анастасовски.

Одлика на сите навивачки групи во Македонија е тоа што се етнички хомогени, што не е случај во развиените земји.

„Навивачките групи имаат и испорачуваат одредени барања - да бидат блиски до клубот, но и до партиите на власт, заради сопствена заштита. Дел од навивачите се и членови на партии“, укажува Анастасовски.

Но, дали врз основа на членство, партиите ги командуваат овие групи за свои цели?

„Навивачите не сакаат да зборуваат за тоа. Но, лично бев сведок на една ситуација која говори сама за себе. На важен меѓународен натпревар, македонски навивачи истакнаа знаме-банер со ликот на етнички Македонец поврзан со настаните од конфликтот во 2001 година. Делегатот побара тоа обележје веднаш да биде тргнато, во спротивно се закани со прекин на натрпреварот и голема казна. Навивачите упорно одбиваа да го тргнат банерот, се додека не стигна налог од врвот на една партија“, се потсетува Анастасовски.

Тој порачува дека насилниците мора да бидат строго казнети, за да се упати јасна порака за во иднина. Во спротивно, ако бидат несанкционирани, тие и натаму ќе бидат охрабрени ситуацијата да ја држат во нивни раце, по што се ќе се претвори во анархија.