1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Имам загина во напад врз џамија

13 март 2012

Во џамија во белгискиот главен град Брисел маж влегол со секира и фрлил Молотов коктел, предизвикувајќи пожар. Имамот починал од задушување од отровен чад. Мотивот е нејасен.

https://p.dw.com/p/14JoE
Фотографија: AP

Во времето на нападот ноќеска во бриселската џамија, која е во близина на железничката станица, биле присутни повеќе лица. 46-годишниот имам и татко на четири деца Абдала Даду загинал при обидот да го изгасне огнот. Уште едно лице има полесни повреди, изјави портпаролот на полицијата, Мари Вербеке. Џамијата, најголемата од четирите шиитски верски објекти во Брисел, речиси целосно изгорела.

Вербеке изјави дека осомничениот е приведен на местото на настанот и оти е притворен. Неговиот идентитет не е соопштен.

Moschee Bombenanschlag Brüssel
Фотографија: picture-alliance/dpa

Полицијата наведува дека напаѓачот е припадник на салафиското движење, односно вахабиите и оти џамијата ја запалил како протест поради ситуацијата во Сирија. Поборниците на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад се претежно шиити од сектата на Алавитите, додека бунтовниците во поголемиот дел и‘ припаѓаат на сунитската струја на исламот, чие екстремно крило се вахабиите. 

Белгиските медиуми јавуваат дека најмалку 50 лица се собрале околу шиитската џамија. по пожарот, меѓу кои и потпретседателката на белгиската Муслиманска заедница, Изабел Прај, која ги повикала шиитите во Белгија да останат мирни и да не паднат во замката на овие провокации. 

Областа околу џамијата е населена со голем број муслимански имигранти и во таа општина компактно живеат жители по потекло од северна и од централна Африка. Во Белгија живеат околу половина милион муслимани, од кои повеќето се сунити.

Автор: ЖА/АТ/дв/дпа/афп

Редактор: Симе Недевски