1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

220410 NATO Abrüstung

23 април 2010

Министрите за надворешни работи на 28 земји членки на НАТО во Талин, Естонија, расправаат за односите со Русија и стратегијата во Авганистан. Освен тоа, една од главните теми е - како натаму со нуклеарното разоружување?

https://p.dw.com/p/N4Ol
Фотографија: picture alliance/dpa

САД и Русија, на почетокот на април, склучија нов договор за нуклеарно разоружување. Сега, голем дел од Европејците сметаат дека е дојдено време за натамошни чекори. Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски вели: „Норвешка и Полска, како што знаете, предложија по склучувањето на новиот СТАРТ-договор меѓу САД и Русија, да направиме обид да го регулираме и намалиме наредното ниво атомско оружје, оружје кое во Европа го има во преголеми количества.“ Според проценките, САД во Европа и Турција имаат уште 240 парчиња такво оружје, Русија, пак, дури 4.000 парчиња.

NO FLASH Nato Treffen der Außenminister in Tallinn Estland
Голем дел од Европејците сметаат дека е дојдено време за натамошни чекориФотографија: AP

Две страни на еден медал

И германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле смета дека е дојдено време за ослободување од американското атомско оружје кое се наоѓа на германска почва. Тоа ќе го направи светот побезбеден.

Nato Treffen der Außenminister in Tallinn Estland
„Неширењето атомско оружје и разоружувањето е навистина една тема, тоа се две страни на еден ист медал“, оценува Гидо Вестервеле (десно)Фотографија: AP

„Не се работи за стратегија на нуклеарно застрашување. Од нејзе имаме потреба, се‘ додека светот е таков каков што е. Но, станува збор за тоа како ќе го изведеме разоружувањето, за светот да биде побезбеден и за да се намали опасноста терористите или други држави да дојдат до атомско оружје. Затоа, неширењето атомско оружје и разоружувањето е навистина една тема, тоа се две страни на еден ист медал.“ Вестервеле смета дека за ваквата негова позиција има се‘ поголема поддршка.

НАТО е поделен

Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен, наспроти тоа, нагласува дека Алијансата мора да ја зачува нуклеарната способност и во Европа. Оваа тема предизвикува поделби во НАТО, исто како и трајната тема - плановите за противракетна одбрана. Американскиот претседател Барак Обама се откажа од плановите од времето на Буш за противракетна одбрана заедно со Полска и Чешка. Но, темата не е затворена. Расмусен стравува од безбедност поделена на два дела, доколку некои земји членки, како САД, би имале своја противракетна одбрана, а други не. „Ако ги поврземе националните системи на противракетна одбрана на земјите членки на НАТО, и тој заеднички систем ги штити сите наши сојузници, тогаш тоа бил силен сигнал на солидарност во НАТО на 21 век.“

Од различни искуства - една стратегија

Во Талин до израз доаѓа и една друга спротивставеност. Многу претставници на НАТО од западните земји на Европа, кога зборуваат за закана, мислат само на Иран и на исламистичките терористички групи во оддалечените делови на светот. Естонците, пак, како домаќини на конференцијата се‘ уште во сеќавање премногу ја имаат руската доминација. За нив е важно ветувањето на американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон: „Поддршката за Естонија и другите наши сојузници е непроменлив став на САД и од тоа нема никогаш да се откажеме. Сметаме дека НАТО треба да остане отворен за нови членки, зашто Естонија е пример за вредности што новите членки би можеле да му ги донесат на НАТО.“

Nato Treffen der Außenminister in Tallinn Estland
Хилари Клинтон: „Естонија е пример за вредности што новите членки би можеле да му ги донесат на НАТО“Фотографија: AP

Тешката задача на Генералниот секретар Расмусен, сега, се состои во тоа - од различните искуства и ставови на членките на НАТО да оформи заедничка стратегија.

Автор: Кристоф Хаселбах / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска