Има ли Македонија свој Ахен и заеднички балкански Карло Велики?

Треба да се трага по нова визија за пријателството меѓу народите на Балканот. Тогаш сите личности, и Александар Велики и Самоил и Гоце Делчев ќе ја обединуваат културата на Македонците со културите на нејзините соседи.

„Нека израсне од свеста за заедничкото наследство и од големата традиција на нашиот европски континент  подобра иднина за сите нас“, изјавува германскиот канцелар Конрад Аденауер на 27 мај 1954-та заблагодарувајќи се за меѓународната Карлова награда - Karlspreis. Нејзе секоја година ја доделува германскиот град Ахен на личности со особена заслуга за единството на Европа.

Ахен е германски град близу границата со Белгија и Холандија. Во двете светски војни доживеа големи страдања и разорувања. Ахенските граѓани веднаш по војната се обидоа од судбоносната погранична положба на градот да направат предност. Тоа го поврзаа и со минатото на градот како некогашна престолнина на кралот на Каролинзите, Карло Велики. Од тоа произлезе иницијатива за меѓународна награда за европско обединување. Поучени од погубното влијание на границите врз животите на луѓето,  граѓаните на Ахен посакаа да создадат нешто што  нема да ги разделува културите, туку ќе ги обединува. Уште 1949-та кругот околу стопанственикот д-р Курт Фајфер основаше здружение на граѓани. Го нарекоа „Corona Legentium Aquensis" - кружок за дискусии и предавања. Ним им беше јасно дека треба да дојде до промена на свеста. Тоа можеше да започне само со форум за нови идеи. Тие со тоа потсетија на далечното минато на Ахен, кога тој, заради најумните европски умови кои Карло Велики ги собрал на својот двор, беше нарекуван нова Атина или нов Рим. За таа цел, ахенска „Корона“ потоа почна да кани на предавања познати политичари, научници и уметници од цела Европа. Меѓу нив беа филозофот Мартин Хајдегер и физичарот Вернер Хајзенберг, но и прочуениот филозоф и писател, грофот Рихард Куденхофе-Калерги. Тој уште 1923-та во политичко-теоретскиот спис „Пан-Европа“ ја образложи својата замисла за обединета Европа.

Во декември 1949-та Курт Фајфер поттикна и фондација за доделување европска награда. „Градот Ахен, некогаш средиштето на целиот западноевропски свет, од кој потоа стана пограничен град, отсекогаш имаше свест за историската улога на граничноста: 'Да посредува и да ги надминува границите'. Крвно сродство ги поврзуваше граѓаните на нашиот град со населението на соседните држави и секогаш во Ахен имаше луѓе со духовна величина и далекувидост, кои, спротивставувајќи се на сите национални кусогледости и лажни интереси, се обидуваа да го најдат тоа што го поврзува западноевропскиот простор и западноевропската култура“, стоеше  о прогласот. Три месеци подоцна, во март 1950-та, беше формирано „Здружението за доделување на меѓународната Карлова награда на градот Ахен”. Во него членуваа околу сто влијателни личности од политичкиот, црковниот, стопанскиот, културниот и научниот живот на градот Ахен.

Да се прекине низата од војни и наследени непријателства

Предлогот за тоа идната награда да го носи токму името на кралот Карло Велики потекнуваше од Курт Фајфер. Тој сметаше дека личноста на Карло Велики, историјата на неговото кралство, но, пред се‘, Карловиот  просветителски, научен и културен проект, може да и‘ помогне на тогашната разединета и ранета европска јавност да најде поврзувачка и обединувачка  визија. Карло Велики своевремено бил нарекуван „татко на Европа“ затоа што во своето кралство успеал да ја обедини речиси сета територија на тоа што тогаш се нарекувало Европа. Наградата требало да помогне да се забрза процесот на европското обединување.

Во таа смисла, сосем е разбирливо зошто во 1950-та првата Карлова награда ја доби грофот Рихард  Куденхове – Калерги, првиот визионер на обединета Европа. Во своето слово на благодарност тој уште појасно ја опишува симболичката улога на Карловата награда. „Храбра беше идејата на Вашиот град со востановувањето на оваа награда да направите мост преку единаесет векови, од великолепната традиција на Кралството на Франките до големата надеж на нашите дни: обединетите држави на Европа. Единаесетвековната германско-француска  војна, која требаше да го уништи делото на Карло Велики, започна како братоубиствена војна меѓу неговите внуци со битката кај Фонтенеј – и таа продолжи да трае со векови како братоубиствена војна“, истакнува тој. Притоа, ја потцртува задачата на неговата генерација  - конечно да се прекине низата од војни и наследени непријателства. Дека тој инспирацијата за европското обединување ја црпи од највисоките дострели на европската култура говори фактот што 1955-та ја предлага  „Одата на радоста“ на Бетовен, компонирана по песната на Шилер, „На радоста“, за европска химна. Од 1977-та Бетовеновата ода е химната на Европскиот совет, а од 1985-та и на Европската Унија.

Европскиот дух и концептот на нацијата

Европските граѓани по Втората светска војна, особено француските и германските, не беа веќе во потрага по симболи со кои би ја хранеле само својата национална гордост и слава. Тие бараа модел за мир. Го најдоа во тоа што со право може да се нарече „каролиншка ренесанса“ на античката грчка, но, пред се‘, на римската духовна култура. Многу биографи на Карло Велики сметаат дека тој  втемели еден вид европска преродба која има влијание и на денешницата. Затоа што ја обединува Европа во истиот начин на мислење и стремеж за знаење. Тој начин на мислење ги обликуваше сите европски народи, држави и универзитети. Тоа, всушност, е основата на она што го нарекуваме европски дух. Ренесансата на дворот на Карло Велики, со која, преку преписите на пергамент, од заборавот и уништувањето беа спасени најдрагоцените дела на старата грчка и римска книжевност и наука, го даде импулост за создавањето на една заедничка, обединувачка европска култура.

Други колумни од авторката:

„Меката моќ“ на Горановото слово

За заминатите и за домаостанатите

Македонско помирување

Теми

Токму со тоа што се одлучиле да започнат со процесот во кој минатото се ослободува од „заробеноста“ во националната митологија, Германците и Французите можеа да се согласат да го „споделат“ Карло Велики.  Минатото во таков концепт се „денационализира“. Затоа што беа свесни за тоа, француските и германските политичари сфатија дека модерниот концепт на нацијата не може да се применува во толкувањето на минатото и на личностите во него, затоа што тие ниту себеси ниту своите кралства не ги доживувале во духот на тоа што од деветнаесетиот век наваму се нарекува „нација“,„националност“ и „национален идентитет“. Тие категории не постоеле во средновековниот, а уште помалку во античкиот и римскиот свет. Затоа творците на европската идеја имаа јасен увид во тоа по што тие трагаат и со што сакаат да се идентификуваат.

Нема поглупаво прашање од тоа: дали тој бил Германец или Французин?

Политичарите како Де Гол и Аденауер, всушност, свесно се одлучија да ги поведат нивните народи по нов пат, на кој тие требаше да ја надминат националната пропаганда на нивните држави која започна по 1840-та, во која двата народа, конкурирајќи за тоа чиј е Карло Велики, станаа не само непријатели во националната реторика, туку и на военото поле. И сликата за Карло Велики како само Французин и како само Германец беше пропаганден конструкт. Француско-германскиот политиколог и социолог со еврејско потекло, Алфред Гросер, во 2014-та во еден напис за Карло Велики истакнува дека нема поглупаво прашање од тоа: дали тој бил Германец или Французин? Освен, ако не се работи за човек што пред децении одел во француско школо и учел од учебникот по историја на Аугустин Тјери, иронизира Гросер. Затоа во процесот на европското помирување, особено помеѓу Французите и Германците, значајна образовна и културна улога имаше усогласувањето на учебниците по историја. Оттогаш за Карло Велики децата и во Германија и во Франција ги учат истите нешта. Француско-германското помирување се темели врз нов културно-воспитен и интелектуален наратив. Всушност, во помирувањето на Французите и Германците стана јасно дека, доколку се надмине националната ексклузивност и посесивност кон минатото, историските личности можат да добијат и поврзувачка, инклузивна улога. Тогаш тие сознале дека има многу повеќе нешта што ги обединуваат двата народа, од оние што ги правеле непријатели. Затоа им било јасно дека на нивните граѓани треба да им се понуди нова парадигма на идентификација која би била наднационална - имено, европската. Често се истакнува дека историчарите во двете земји се сложиле оти Карло Велики не бил ниту Французин ниту Германец во денешното значење на тие поими, па токму затоа може да им припаѓа на двете култури. Тие две култури  сакаа да почнат да создаваат историја на мир и пријателство.

Имено, сѐ зависи од тоа што сегашноста сака да види во историските личности, кои се секогаш многустрани. Новата европска историја го ослободува истриското толкување од политичката идеологија. Тоа е чин од кој уште се ужаснуваат многу балкански народи. Повоената западна политика и наука во просветителската дејност на најблескавите умови на дворот на Карло Велики ги препозна почетоците на еманципаторската димензија на европската култура. Тоа одговара на модерниот европски наратив. Историските учебници се усогласувале затоа што Германците и Французите сакале да градат поинаква иднина, како што истакнал Аденауер 1954-та, кога му е врачена Карловата награда. Едноставно, еден значаен сегмент од Карловото владеење се одбира како парадигма за едно ново дефинирање на заедништвото помеѓу двата народа. Звучи парадоксално за балкански уши, но, навистина, од тој миг Карло Велики се предава конечно на историјата. Имено, на националниот мит му се одзема острицата. Личноста на Карло Велики станува симболика за европското обединување.

Обединување на културата на Македонците и нивните соседи

Смеат ли, по аналогија, граѓаните на Охрид да востановат Самоилова награда? Како и Ахен, Охрид бил во еден период престолнина на Самоиловото царство. Неговата тврдина во Охрид е исто толку доволно сведоштво за Самоил, колку и катедралата во Ахен за Карло  Велики. Самоил бил крунисан со бугарската круна, го претставува второто бугарско царство. Тој податок е важен за културално паметење на денешните Бугари. Престолнината му била во Охрид и Преспа. Тоа, пак, е важно за културалното паметење на денешните Македонци. За да се постигне нешто слично како со Карло Велики и  неговата улога во француско-германското приближување, цар Самоил треба да се извлече од тесниот контекст на чисто националното актуелно толкување – и македонското и бугарското. За таа цел треба да се истакне дека тој не смее да се претставува ниту како Бугарин ниту како Македонец  во модерната смисла. Што одговара на историската констелација во која живеел и владеел. Токму затоа тој може да им припаѓа на двата народа, на нивното заедничко „културално паметење". Многу е значајна таа нова парадигма која ја воведуваат пред две децении германските филозофи и историчари - „културално паметење“. Тие сѐ повеќе историјата ја третираат како паметење низ и во културата - без идеологија, без  инструментализација, без ексклузивност на националноста. Во културното паметење многу луѓе и култури може да се идентификуваат со една иста историска личност. 

Помирувањето на Балканот го диктира ЕУ и процесот на целосното европско обединување. Само што тоа  значи дека помирувањето и „денационализацијата” на заедничките историски периоди не е резултат на промената на нивната историска и културна самосвест. Тие денес го прават тоа само затоа што е препорака од ЕУ. Без него тие не може да бидат или да станат членки на ЕУ. Тие самите уште не стигнале до нова самосвест за модерно европско историско толкување, ослободено од политичката манипулација во градењето на нацијата, како што беше кај Французите и кај Германците. Но, сепак, Балканот мора да учи од  европските народи. Тие се приближија едни на други со визијата за обединета Европа. По тоа треба да се трага - по нова визија за пријателството меѓу народите на Балканот. Доколку Македонија на своите соседи би можела да им понуди нов наратив на мирот, „нова приказна“, таа ќе стане активниот фактор и во усогласувањето на различните толкувања на заедничката историја. Тогаш сите личности, и Александар Велики и Самоил и Гоце Делчев ќе ја обединуваат културата на Македонците со културите на нејзините соседи. Важно е европското сознание дека сѐ додека минатото останува „окупирано“ од историската  парадигма на само една нација, на која ексклузивно треба да ѝ припаѓа сета историја што се одиграла на нејзината територија, дотогаш кај тие народи нема да има миротворна визија. Само што тогаш кај тие народи нема да има ниту визија за вистинска европска демократија.  

Поврзана содржина