1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Има напредок на Блискиот Исток

24 септември 2007

Блискоисточниот квартет оствари средба во Њујорк. Специјалниот пратеник Тони Блер, во првиот извештај е оптимист – се движат работите во регионот.

https://p.dw.com/p/BirG
Прес конференција на КвартетотФотографија: picture-alliance/dpa

Средбата во Њујорк не донесе конкретен напредок во однос на Блискоисточниот мировен процес. Тоа се очекува од конференцијата за Блискиот Исток којашто треба да се одржи оваа есен под раководство на САД. Поканите за средбата, според американската министерка за надворешни Кондолиза Рајс, се уште не се поделени, но таа се надева дека на состанокот ќе учествуваат арапските земји коишто сега работат на нормализација на односите со Израел. Тоа значи дека за првпат и Сирија ќе биде на листата учесници на една ваква конференција. САД се надева и дека со вака широка палета учесници ќе се постигне сеопфатно мировно решение за Блискиот исток.

Арапските земји во досегашните реакции се скептични околу плановите на Вашингтон. Рајс порача:

“Се надеваме дека учесниците кои ќе дојдат на средбата ќе сигнализираат поддршка на решението за две посебни држави, како и дека се против насилство. Очекувам дека сите ќе го поддржат договорот кој го потпиша палестинското раководство, според кој решението ќе се бара во рамките на постоење две посебни држави”.

Шефицата на американската дипломатија додаде и дека очекува на конференцијата да се разговара за прашањата поврзани за границите, статусот на Ерусалим и ситуацијата со палестинските бегалци.

ОН бара непречено да ја врши мисијата во Газа

Во завршното соопштение од средбата, Блискоисточниот квартет изрази загриженост за блокадата на појасот Газа и побара непречен проток на основните животни добра. Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун изјави:

”Од 1,4 милиони луѓе коишто живеат во Газа, над 80% зависат од хуманитарната помош на ОН. Поради тоа е многу важно ОН да може да си ја вршат задачата и непречено да ја испорачуваат помошта.”

Во Њујорк се исто така загрижени и од понатамошно гранатирање на израелска територија од појасот Газа, што беше и причина за израелската блокада.

Блер благ оптимист

На средбата беше претставен и извештајот на специјалниот пратеник на Квартетот. Поранешниот британски премиер Тони Блер во јуни ја презеде оваа должност и од тогаш два пати го посети Блискиот Исток.

“Мојот впечаток е дека работите се движат и тоа е најважно. Секако нема повод за човек да биде слеп оптимист.”

Има многу работа и во наредните месеци, изјави Блер иако се забележува напредок.