1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Името Македонија е реалност за сите, освен за Грција

Милчо Јовановски15 октомври 2007

Македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски во Охрид изјави дека во спорот со името Македонија ја користи силата на аргументите,а Грција аргументите на силата

https://p.dw.com/p/Br8z
Милошоски при неодамнешната средба со Ди КарлоФотографија: MIA

Колку Македонија е поблиску до поканата за влез во НАТО?Притисоците на Грција стануваат се поголеми,таа се заканува дека ќе стави вето за прием на Македонија во Алијансата.Шефицата на грчката дипломатија Дора Бакојани вчера уште еднаш порача дека за спорот со името мора да се изнајде компромисно решение.Македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски од Охрид со коментар дека во светот името Република Македонија е реалност која се повеќе се прифаќа,но не и во Грција:

„Самото тоа што вакви реакции доаѓаат само од Атина,потврдува дека никој друг во светот,ниту медиумите,ниту другите држави немаат никаков спор со нашето уставно име,тоа станува реалност која се повеќе е прифатена.Второ,Македонија во тие разговори кои ги водиме во Њујорк ја користи силата на аргумените,додека Грција се обидува да ги користи аргументите на силата,што не е добра порака.“

Грција нема да прифати никакво име во кое воопшто би се споменал терминот Македонија,изјави вчера Бакојани во Атина.Очигледно,ова е нов курс на нивната дипломатија.Министерот Милошоски со предупредување и порака до Грција:

„Мислам дека Грција треба да смогне сили да ја одбегне грешката која ја направи во 1992,кога заради спорот со уставното име на Република Македонија во Грција се сменуваа и паѓаа влади.Овојпат се надеваме дека тие ќе им дадат предност на регионалните приоритети,името на Република Македонија значи и фактор за нејзината стабилност,а нашата стабилност значи корист и за Република Грција.“

На ден по состанокот Адриатик Балтик Атлантик во Сплит ,каде САД ја птврди поддршката на Македонија за влез во НАТО,Милошоски вели дека високиот процент од 90 насто од македонските граѓани кои се за влез во НАТО,за владата е дополнителна обврска дека мора да успее:

„Во соработка со Албанија и со Хрватска,ние го правиме тоа и оние неопходни чекори кои треба да ги преземеме до самитот во Букурешт,ќе бидат преземени,сметам на успех,бидејќи и самиот НАТО,како што беше потврдено во Рекјавик,го смета проширувањето за успех.Членството на овие три земји ќе биде додадена вредност и за демократијата и за стабилноста на регионот.“