1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Името не се решава само со оптимизам

6 јануари 2018

Некогаш работи кои изгледаат незамисливи преку ноќ стануваат очекувани, па и нормални, како вечерата на Заев во Солун. Но оптимизмот и добрата волја се само првите чекори, макотрпната работа им останува на дипломатите

https://p.dw.com/p/2qPC5
Flaggen von Griechenland und Mazedonien
Фотографија: Colourbox

Неочекувано за многумина, градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, се најде во центарот на замаецот кој полека се придвижува за да се реши спорот за името кој веќе беше претворен во замрзнат конфликт. Не е сосема јасно дали претежнала неговата желба да биде лакмусот преку кого владите во двете земји ќе го мерат степенот на недовербата, или, едноставно, во Скопје и Атина не можеше да се најде посоодветна личност која ќе ги постави првите делови од понтонскиот мост. Она што е совршено јасно е дека вечерата пред Нова година во рибниот ресторан во Солун, каде што бизнисменот од Струмица, Зоран Заев, беше послужен со морски специјалитети е настан од регионално значање.

Некогаш некои работи кои изгледаат незамисливи речиси преку ноќ стануваат очекувани, па дури и нормални – така е и со вечерата на Заев во Солун. Грчките новинари имаа чувство дека ова е навистина некаков историски момент па нагрнаа пред таверната, чекајќи го и почетокот и крајот на вечерата. Премиерот на „иредентистичкиот сосед“, без оглед на инсистирањето дека престојува во приватна посета, имаше доволно одважност да покаже дека Солун за него е центарот на грчката Македонија и дека на соседите им треба разбирање а не недоверба.

Лондонски „Обзервер“ на извонреден начин ја опиша оваа вечера со текст на кој може дури и да му се позавиди. Тој почна вака:

„На оние што вечераа во рибен ресторан во Солун во саботата може да им биде простено за мислата дека го видеа духот на Александар Велики како лебди над нивните маси. Културното педигре и историскиот дострел на воинствениот крал секако беше во мислите на оние што беа присутни.

Ова не беше обичен оброк – ниту за Јанис Бутарис, градоначалникот на Солун, ниту за неговиот гостин, Зоран Заев, премиер на поранешната југословенска република Македонија.  Двајцата испраќаа сигнал: дека старите непријателства му припаѓаат на минатото, заедно со националистичката реторика која повеќе од четврт век ги држи Грција и нејзиниот северен сосед во големо несогласување.

’Јас не изразувам национална дипломатија или стратегија‘, изјави Бутарис за ’Обзервер‘. ’Но мислам дека ова срање мора да заврши‘“.

Symbolbild Mazedonien Streit um Namen
Фотографија: picture-alliance/dpa

Апсурдни предрасуди

Многумина од обете страни на границата мислат како него. Она што при распадот на Југославија и формирањето на независната македонска држава во Грција беше поттикнувано и одгледувано како нејасна опасност, па дури и страв, со годините се трансформира во апсурдна предрасуда. Во Македонија се најавуваа партиски конгреси во Солун, на самиот почеток од 1990-тите се блокираа граничните премини со опскурна националистичка агенда. Двете држави забрзано се оддалечија една од друга поради историска заслепеност. Пред 25 години милион луѓе ги окупираа улиците на Солун извикувајќи „Македонија е грчка“, во истовреме отворајќи ги вратите во солунските продавници и апартманите на Халкидики за македонските туристи. Дури ни за време на ембаргото движењето на луѓето не запре. Уште тогаш се знаеше дека националистичкиот дух не може да се врати во шишето и дека политичарите станаа заробеници на она што го посеаја.

Бутарис без товарот дека треба да носи национални одлуки денес вели дека прашањето за името било „надувано“ поради глупавоста на политичарите. Да, денес тоа можеби изгледа така. И можеби за него е нормално да вели дека „поголем Македонец од мене не постои, поради потеклото (корените му се од Крушево, н.з.)“. Веројатно мисли, грчки Македонец. Како што стотици илјади луѓе во Бугарија мислат слично, дека се Македонци, бугарски Македонци. А ние овде се сметаме за македонски Македонци. Загатката – кој е вистинскиот Македонец е поголема од она што и го изјави Бутарис на дописничката на „Обзервер“: „Предолго бевме покриени од националистичката глупост и популистичката пропаганда“.

Претходни колумни на авторот:
Битка за судството

Наследството на Груевски

Патриотски измислици

Популистичката пропаганда никогаш нема да запре, може да се ублажи нејзината реторика, но таа ќе биде потхранувана во секое време од двете страни на границата. И во неа не учествуваат само политичарите, тие се гласниот врв на ледениот брег. Тие секогаш ги имаат на ум следните избори и своето место во историјата. Никој не сака да биде запишан како своевиден национален предавник, без оглед на историскиот дострел што го направил. Јицак Рабин имаше неверојатна храброст во тајните преговори во Осло да го договори принципот за две држави на Евреите и Палестинците, ја доби Нобеловата награда за мир, а потоа беше застрелан од десничарски фанатист. Неговото наследство денеска е во урнатини во Израел. Ова е екстремен пример за трагичниот крај на еден вистински визионер, има десетици други, чии држави денес ги уживаат плодовите на нивното храбро мислење.

Има одредена синхронизираност (можеби ненамерна) во подготовките на двете општества за решение за името. Главниот збор што се тркала во јавноста е – оптимизам. За Заев тоа е алфа и омега на неговата политика – тој е оптимист дека ќе се реши името оваа година, дека ќе добиеме покана за НАТО и дека ќе ги почнеме преговорите со ЕУ. За време на неговите два новогодишни дена во Солун тој еднаш разговараше телефонски со грчкиот премиер Алексис Ципрас и на два пати со шефот на дипломатијата Никос Коѕијас.  Заев мисли дека „оптимизмот и пријателството ќе ни овозможи да се излезе од клинч и да се изнајде решение за овој проблем“.

Неговиот грчки колега, Ципрас, има слична реторика: „Оптимист сум дека можеме ефикасно и одговорно да управуваме со прашањето кое го наследивме од претходните влади“. Неговиот министер за внатрешни работи и влијателен член на Сириза, Панос Скурлетис, е поексплицитен: „Тоа е глупав спор што треба да се реши. Тие сакаат да го решат и мислам дека ќе биде решен во 2018 година. Ако не сега, тогаш кога?“, и се доверил Скурлетис на дописничката на „Обзервер“.

Секако дека немаше вакви помирливи ниту оптимистички изјави за време на оние средби на Никола Груевски со Јоргос Папандреу (прво на Преспа, а потоа на разни други места). Но тие двајцата тогаш имаа други мисли во главите – Папандреу бараше начин како политички да преживее откако им ја откри страшната вистина на Грците дека државата им е банкрот, а Груевски удобно леташе на националистичкиот тепих и мислеше дека неговата моќ нема крај, па зошто непотребно би ја поткопувал со решение за името. Новите политички структури во Атина и Скопје, очигледно се потолернатни и му припаѓаат на еден ист левичарски свет, кој е внимателен да не заигра танго со национализмот и популизмот.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Оптимизмот треба да се изгради

Во почетокот на 1990-тите, кога изгледаше дека Константин Мицотакис и Киро Глигоров на неколку пати беа блиску до решение, договорот можеше полесно да се постигне. Сега оптимизмот може лесно да се задуши во стотиците прашања кои се изнедрија сите овие години – историја, споменици, учебници, права на малцинствата, сообраќајни табли, културни друштва: сето тоа веројатно ќе треба да се реши пред можниот предлог за името да се постави на референдум. Пред 25 години работите веројатно ќе одеа по обратен редослед и така ќе беше најдобро, бидејќи ќе го немаше главниот притисок – дека некој сака да предаде некаков национален интерес.

Затоа оптимизмот и добрата волја сега се само првите чекори. Редовната комуникација меѓу двајцата шефови на дипломатиите не е непозната работа во односите меѓу двете земји. Сетете се само на билатералните и трилатералните средби на крајот од 1990-тите. Сегашните средби изгледаат како големо постигнување поради замрзнатите односи последните десетина години. Тие не треба да се потценуваат, но не треба да им се даваат ниту значења кои се уште ги немаат. Очигледно дека сега е потребна макотрпна работа на оние што не се гледаат – на искусните дипломати, кои треба да ги најдат патиштата за можниот договор од кој и двете страни задоволно ќе можат да кажат дека направиле историска работа. Заев изгледа нестрплив да се сретне со Ципрас за да може да добие уште еден печат на регионален визионер и миротворец. Таа нестрпливост може да биде штетна, затоа што една средба која долго се очекува ако не биде добро подготвена во истиот момент може да се претвори во голема пропуштена можност. И моментот да отиде во неповрат.

Оптимизмот треба да се изгради, тој не се крепи само на добрите желби. И овде и таму. И медијаторот Метју Нимиц доаѓа во својата најделикатна фаза од посредувањето – кога гледа дека е можен договор и треба да го употреби целото свое дипломатско искуство и да ги изработи најпрефинетите нијанси за да се задржи моментот и да се случи средбата со историјата на двете држави. Можеби Скурлетис навистина е во право кога вели: „Ако не сега, тогаш кога?“   

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар