1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Болсонаро како во предизборна кампања

2 јануари 2019

Жаир Болсонаро стапи на функцијата претседател на Бразил. Во инаугурацискиот говор тој покажа дека не му паѓа напамет приближување до политичките противници. Наместо тоа, тој се расфрлаше со етикети, коментира Томас Милц

https://p.dw.com/p/3AszK
Brasilien | Amtseinführung Jair Bolsonaro
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/S. Izquierdo

„Уште еднаш го потврдувам ветувањето дека ќе градам општество без дискриминација и поделби“, рече Жаир Месиас Болсонаро при свеченото полагање заклетва на претседателската функција. Така официјално, тој стана 38-от претседател на Бразил. Но не треба да има залажување. Овој поранешен војник и долгогодишен тврдокорен ултрадесничарси пратеник во парламентот на изборите во октомври освои 55 насто од гласовите, но преку ноќ не созреа во државник.

Напротив, тој во говорот пред пратениците, странски шефови на држави и околу 100 илјади обожаватели повторно се лизна во предизборната кампања. Болсонаро изјави дека по неговото стапување на должност започнува ослободувањето на народот од социјализмот. А во неговиот свет социјалистите - а понекогаш вели и „комунисти“ и марксисти“ - се сите оние кои не се согласуваат со него. И тој, со божја помош, би ги спречил во разурнувањето на христијанскиот свет. 

Грабачки капитализам и невиден непотизам

Но ваквите сили, кои ги опишува Болсонаро, досега никогаш не владееле со Бразил. Дури и левичарската Работничка партија, која беше на власт помеѓу 2003 и 2016 година, не се осмели да чепне во вековните привилегии на елитата, Бразил, благодарение на коктелот од грабачки капитализам и клиентелистичка економија и натаму е една од земјите со најголема општествена раслоеност во светот. Дали Болсонаро го сфаќа тоа и дали нешто ќе преземе против тоа? Тоа остана нејасно и по неговиот инаугурациски говор.

Thomas Milz - Gastkommentarbild
Томас Милц, автор на коментаротФотографија: Privat

Болсонаро е прв претседател на земјата по враќањето на демократијата во средината на 80-те години кој е „подесничарски“ и од и онака конзервативниот Конгрес. Некои набљудувачи поради тоа очекуваа тој да премине на поумерен дискурс, кон политичкиот центар. Но за такво нешто нема назнаки. Можеби тој повторно ќе се раководи според својот политички идол, претседателот на САД, Доналд Трамп, и ќе тргне во судир со Конгресот. Загрижувачки е тоа што многу пратеници не дојдоа на инаугурацијата. 

Повеќе:

-Бразил со Болсонаро тоне во мрак

-Претседателски кандидат во Бразил прободен со нож

Притоа, Бразил не може да си дозволи блокади. Сојузната држава, провинциите и многу локални самоуправи се на работ на банкрот. Тука Болсонаро мора бргу да делува. „Економијата, пред сѐ“ - овој слоган би требало да важи денес во Бразил - ако на економијата ѝ оди добро, претседателот стои добро. Но Болсонаро и покрај буџетските дупки веќе вети дека ќе го намали даночното оптоварување за претприемачите и за вработените. Нејасно е како мисли да го изведе тоа.

Помирување не е на повидок

Новиот претседател повторно на нишан ги зема политичките противници. За обидот за атентат врз него на почетокот на септември повторно ги обвини „противниците на татковината, редот и слободата“ иако истражните органи сметаат дека станува збор за душевно пореметен атентатор без политички врски.

Изгледа дека на Болсонаро воопшто не му е дојдено до помирување со опозицијата. Така и обраќањето го заврши со својот познат слоган: „Нашето знаме никогаш нема да биде црвено“. Кон тоа ја придодаде и реченицата за чие значење јавноста уште долго ќе дебатира. „Знамето ќе биде црвено единствено ако биде неопходно да пролееме крв за да остане зелено-жолто“.