1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инвалидите се борат за место под сонцето

3 декември 2009

Трети декември е Меѓународен ден на инвалидите. Во Македонија нема точни податоци за бројот на лицата со инвалидитет. Се претпоставува дека земјата го следи светскиот тренд - околу 10 проценти од вкупното население.

https://p.dw.com/p/Kpcg
Фотографија: AP

За нив не се зборува често. Тие не се на насловните страници на весниците. Политичарите за време на своите кампањи ги посетуваат. Но, сите ќе се сетат на 3-ти декември, нивниот Меѓународниот ден. Во речиси дведецениската транзиција, земјата не успеа да го утврди вистинскиот број на инвалиди. Тие се пред се‘ семеен проблем. Талкаат низ институциите по загубените бенефиции од социјализмот и некои други кои во Европа одамна се реалност. Славчо Џајкоски, секретар на Организацијата на слепи од Охрид, набројува неколку:

„Имавме бесплатен превоз на слепите лица, тоа го немаме сега. Бараме бенефиции во плаќања од комуналната област, за потрошена вода, електрична енергија ...“

Лицата со инвалидитет се борат за „место под сонцето“ - како да се образуваат, да живеат, да работат. За нив се потребни лекови и помагала кои ќе им го направат животот малку по поднослив, додава Џајкоски:

„Еве веќе зборуваме за компјутери со звучна програма. Републичкиот сојуз на слепи успеа да направи една звучна програма. Таа чини околу 300 до 400 евра. Значи тешко се набавуваат, ако знаеме дека и компјутерите се скапи. И покрај обуката не можат сите дома, а ниту ние како организација можеме да им ги набавиме програмите.“

Integrativer Kindergarten
За нив се потребни лекови и помагала кои ќе им го направат животот малку по подносливФотографија: picture-alliance / dpa

Мали успеси

Она што ќе биде запаметено за оваа 2009 е малиот успех на Националниот совет на Инвалидските организации кој успеа да ги стави на позитивната здравствена листа уретрите за лицата врзани за инвалидски колички и пелените.

Наместо во заводите и болниците за една година околу 40 повозрасни лица се сместени во заеднички станови во Скопје, Демир Капија, Кавадарци, Крива Паланка.

Тренд во згрижувањето на децата и младите со инвалидитет се и дневните центри. Државата, годинава, за оваа намена одвои 50 000 евра.

За лицата над 18 години функционираат шест дневни центри како дел од невладината „Порака“. Зоран Костадиноски, дефектолог, работи во охридскиот центар:

„Верувам дека во идните години ќе имаме и други сервисни служби како што е Центар за самостојно живеење, кадешто лицата самостојно ќе се грижат со надзор на стручни лица. Се надевам дека со самото отворање на општеството овие лица се‘ повеќе и повеќе ќе стануваат еднакви граѓани на ова наше општество.“

Behinderte in Deutschland Rollstuhlfahrer fährt mit der Bahn
Во Македонија пристапните рампи, звучните семафори и паркинг местата за инвалиди уште се реткостФотографија: AP

Државата стимулира, но има злоупотреби

Со закон државата ги стимулира фирмите да примаат лица со одреден инвалидитет, но постојат и низа изигрувања на законите, признава Џајкоски:

„Треба поголеми контроли во тие организации. Сметаме дека некои организации ги злоупотребуваат инвалидите. Со тоа остваруваат некои бенифиции за себе, а не се грижат доволно за вработените.“

Елена Кочоска од Скопје е член на „Полио плус“. Таа ги наведува идните нивни заложби: „Следи донесување на Законот за заштита од дискриминација и ратификување на Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп. За донесувањето на овој закон „Полио плус “ пред 3 години, заедно со организациите на лицата со хендикеп и другите граѓански организации, ја покренаа првата граѓанска иницијатива во Република Македонија. Беше успешна - ја поддржаа околу 20 000 граѓани.“

Гласно се бара во следниот попис на населението во 2011, инвалидитетот да биде ставен во посебна графа. Наспроти ова, во Македонија пристапните рампи, звучните семафори и паркинг местата за инвалиди уште се реткост.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска