1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Интензивирање на борбите и на дипломатските напори

Себастијан Енгелбрехт12 јануари 2009

На Блискиот Исток продолжуваат паралелно борбите во појасот Газа, како и дипломатските настојувања за склучување примирје. Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер е оптимист за скоро примирје.

https://p.dw.com/p/GWQR
Продолжува офанзивата на израелската армијаФотографија: AP

Утринава повторно се слушнаа силни експлозии и стрелба во Газа. Хеликоптери на Израелското воено воздухопловство и беспилотни шпионски летала го надлетуваат кризното подрачје. Израелската пешадија со поддршка на оклопни возила ја продолжува операцијата во градот Газа и води жестоки улични битки со припадниците на радикалното палестинско движење Хамас.

Израелскиот претседател Шимон Перес изрази задоволство од она што армијата досега го постигна во изминатите 17 денови од операцијата.

„Требаше да поминат седум војни додека Арапите сфатија дека Израел не може да се исплаши со воени средства. Сега истото се случува со терористите, сега ним мораме да им покажеме дека не можат да го победат Израел. Овој пат армијата достигна нов зенит во операциите“, оцени претседателот на Израел.

Steinmeier auf Nahost Reise Treffen mit Barak
Германскиот министер за надворешни работи Штајнмајер и израелскиот министер за одбрана БаракФотографија: picture-alliance / dpa

Се множат знаците за примирје

Истовремено со засилувањето на воените дејства во појасот Газа, се множат и знаците за скорешно примирје. Египетската влада јавува дека постигнала првичен напредок во преговорите со високи претставници на Хамас во Каиро. Предлогот што шефот на египетските тајни служби, Омар Сулејман, им го предочил на претставниците на Хамас содржи три главни точки: прво, итен прекин на огнот; второ, спогодба за примирје со Израел; и трето помирување меѓу ривалските движења на Палестинците, Хамас и Фатах.

Денеска требаше да се сретнат шефот на египетските тајни служби, Омар Сулејман и советникот на израелскиот министер за одбрана Ехуд Барак, Амос Гилад. Меѓутоа, патувањето на Гилад е одложено за најмалку еден ден, за да се зголеми воениот притисок врз Хамас. Освен тоа, израелската страна очекува прво да се постигне сериозен пробив на преговорите во Каиро.

Важен елемент во преговорите за примирје е и најавата на шефот на германската дипломатија Штајнмајер дека неговата земја ќе му помогне на Египет во настојувањата да се спречи шверцот на оружје преку подземните тунели од египетска страна кон појасот Газа. За таа цел, висок претставник на германското Министерство за внатрешни работи деновиве ќе отпатува во Каиро за да ја координира помошта во технички средства и обука за египетските безбедносни сили.