1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инцидент меѓу армиите на Израел и Германија во територијалните води на Либан

26 октомври 2006

По полетувањето на хеликоптер од еден германски воен брод во територијалните води на Либан, што учествува во мисијата на ОН УНИФИЛ, повеќе израелски борбени авиони вчера се кренаа од базите на северот од земјата.

https://p.dw.com/p/AdwC
Фантом Ф 16 од американско производство
Фантом Ф 16 од американско производствоФотографија: AP

Проблемот бил во тоа што летот на хеликоптерот не бил пријавен кај израелските воени власти. Дали при тоа биле истрелани и проектили врз германскиот брод или не – околу тоа има противречни извештаи.

Да, имаше инцидент. Не, израелските авиони не отвориле оган. Ова е конечниот став на израелската влада по противречните информации што вчера беа пласирани во јавноста. Израелскиот министер за одбрана Амир Перец вчера вечер во врска со инцидентот разговараше со неговиот германски колега Франц Јозеф Јунг. Јунг за втората програма на германската ТВ по разговорот изјави:

“Штотуку разговарав со мојот израелски колега, кој уште еднаш нагласи дека немало истрели. Тој исто така уште еднаш ја потенцираше важноста на нашиот ангажман за одржувањето на мирот во Либан.“

Перец исто така во телефонскиот разговор нагласил дека Израел нема никаква причина да ги напаѓа војниците и бродовите на Бундесверот, кои учествуваат во меѓународната мировна мисија, УНИФИЛ.

Германското Министерство за одбрана, меѓутоа, претходно информираше дека шест израелски авиони од типот фантом Ф16 многу ниско го надлетале германскиот воен брод од кој полетал хеликоптерот. Од едниот од авионите биле истрелани и два ненасочени проектили, а авионите ги исфрлиле и вообичаените проектили за залажување на противничката против-воздушна одбрана. Ова го соопшти државниот секретар за одбрана Кристијан Шмит пред парламентарниот Одбор за одбрамбени прашања во Берлин. Во меѓувреме воени експерти на двете земји го истражуваат точниот развој на инцидентот.

Израелскиот министер за одбрана Перец побара од германската страна потесно да ги координира активностите во крајбрежните води на Либан со израелскиот Генералштаб за да не доаѓа до вакви непријатни ситуации. Перец истовремено нагласи дека неговата влада го задржува правото да го надлетува воздушниот простор на Либан за да спречи шверц на оружје од Сирија за радикалната шиитска милиција Хезболах.