1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иранскиот танкер ѝ предизвикува проблеми на Грција

22 август 2019

Атина нема да му дозволи на иранскиот танкер „Адриан Дарија 1“ да влезе во грчко пристаниште. Со тоа Атина се става на страната на САД. Конфликтот продолжува.

https://p.dw.com/p/3OJT4
Spanien Gibraltar | In Adrian Darya 1 umbenannter Grace 1 Supertanker
Фотографија: Reuters/J. Nazca

По повеќедневни тензии, иранскиот танкер „Адријан Дарија 1", кој донеодамна се викаше „Грејс 1", го напушти пристаништето во Гибралтар и се наоѓа во Средоземно Море. Тој носи 2,1 милиони барели сурова нафта и од 4. јули беше задржан од страна на британската морнарица. Причина беше сомнежот дека товарот е наменет за Сирија, што пак е спротивно на актуелно важечките санкции на ЕУ. Ова доведе до жесток спор меѓу Вашингтон и Техеран. САД претоставуваат дека танкерот е поврзан со иранската Револуционерна гарда, која пак во Вашингтон е класифицирана како терористичка организација. Конфликтот продолжува да се развива. По шпекулациите дали бродот плови кон грчкото пристаниште Каламата, грчките медиуми тврдат: тој не смее да вплови во ниедно грчко пристаниште. Со тоа се чини премиерот Мицотакис во својот прв меѓународен конфликт се повинува на притисокот од САД. Американската амбасада во Атина претходно ѝ испрати соопштение на грчката влада дека товарот на танкерот е нелегален. Без натамошни објаснувања, САД тврдат дека иранската нафта ќе служи како поддршка за терористички акции. Со тоа за Вашингтон е јасно: секој кој ќе дозволи влез на танкерот во пристаниште, ги помага терористите. Мицотакис преку својот заменик-министер за надворешни работи Милтиадис Варивициотис порача дека Грција нема да го олесни патот на иранскиот танкер кон Сирија. Со тоа Мицотакис се става на американска страна во комплицираниот конфликт меѓу Брисел, Вашингтон и Техеран.

Мицотакис под притисок

За грчкиот премиер Мицотакис конфликтот доаѓа во неповолен момент. Харвардскиот студент во основа се труди да одржи добри односи со САД. Во момент кога односите со Турција се во тешка фаза, Атина се надева на поддршка од Вашингтон, не само воена.

Повеќе: 

САД сакаат да запленат ирански танкер 

Во ќорсокакот на Ормус

Дозирана ескалација во Персискиот Залив

Откако Анкара, со гласни протести од владата во Вашингтон,  порача одбранбени ракети од Москва, турско-американските односи се заладени. Истовремено Вашингтон, на незадоволство на Турција, ја поздравува соработката на Грција, Кипар и Израел во врска со наоѓалиштата на гас пред кипарскиот брег. Тие за Атина не само што се од големо економско значење, туку Мицотакис се надева дилот за гасот натамошно да ги подобри грчко-американските односи. Случајот со иранскиот танкер се заканува на Мицотакис да му ги помати сметките. Засега, работите добро се одвиваат за него. Во САД се задоволни што заврши ерата на Ципрас на изборите во јули. Иако соработката со социјалистичкиот премиер одеше подобро од очекуваното, САД го претпочитаат конзервативниот премиер и неговата неолиберална економска програма. Во Вашингтон се полагаат надежи во стабилна соработка, без идеолошките задршки кон Алексис Ципрас. Вашингтон ќе знае да ја цени лојалноста на новата грчка влада. Грција јавно објави дека не сака да ги става на коцка добрите односи со САД.

Се заканува ли сега конфликт со Брисел?

Сѐ би било добро да не беше Брисел и една европска одлука која дозволува поминување на „Адриан Дарја 1“. Токму грчкиот премиер сега се поставува контра заедницата? Тој во изборната кампања на Грците им вети даночни олеснувања, кои делумно ги преточи веќе во закони. За да ги одржи своите ветувања, тој сака со Брисел да преговара наново околу грчкиот долг и да издејствува поповолни услови за отплата. За таа цел меѓутоа треба да ја стекне довербата од своите европски колеги според функцијата.

Parlamentswahl in Griechenland 2019 Kyriakos Mitsotakis
Киријакос Мицотакис во незгодна ситуацијаФотографија: picture-alliance/dpa/T. Stavrakis

Но, е прашање дали односот на лојалност на Атина кон Вашингтон, ќе наиде на одобрување во Брисел. И, не е во прашање само лојалноста. Грција ја поседува најголемата флота во светот. Бродарството е милијарди тешка индустриска гранка. Бродови под грчко знаме пловат и во Персискиот Залив. Ако Атина му дозволи на иранскиот танкер влез во пристаништето во Каламата, можно е да дојде до одмазднички мерки. Откако Грција од последното лето комплетно се воздржува од иранска нафта, односите меѓу Атина и Техеран се ионака затегнати. Ескалација во Персискиот Залив сигурно не би останала без последици и би ја заострило сегашната дилема на западните држави во односот кон Иран.

Еднострана ескалирачка политика на Вашингтон

На САД, напротив, заострување на конфликтот меѓу Иран и Грција добро би им дошло. Доколку Иран ги стави под притисок грчките бродови, им се закани или дури и ги нападне, Европа тешко би можела да се придржува кон деескалирачка политика кон Иран. Американскиот претседател Доналд Трамп тоа ќе го радува. Тој еднострано го напушти атомскиот договор со Иран и оттогаш спроведува политика на драстични санкции. Во случај да настанат сериозни проблеми на релација Техеран – Европа, Брисел би се чувствувал принуден да се приклучи кон ескалирачката политика на американскиот претседател. За Европа кризата со иранскиот нафтен танкер е горчлив контраудар во приближувањето меѓу Запад и Техеран последните две години. Тоа што Грција сега се стави на страната на САД, е натамошен чекор кон конфронтација со Иран.