1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран не би смеел да ја отфрли подадената рака од САД!

1 јуни 2006

Ненадејниот потег на американската администрација би можел да претставува крај на дипломатското "ледено доба" меѓу Вашингтон и Техеран.

https://p.dw.com/p/Ae1F
Кондолиза Рајс на прес-конференцијата за Иран
Кондолиза Рајс на прес-конференцијата за ИранФотографија: AP

Но, реакциите од иранското раководство за сега се уште воздражни. Би било во секој случај голема грешка доколку тоа би ја отфрлило понудата на Американците – смета Петер Филип во наредниот коментар.

Изјавата за готовност на американската влада на директни преговори со Иран, доколку тамошната влада се откаже од натамошното обогатување ураниум, беше од поодамна повеќе од неопходна. Шефицата на Стејт департментот Кондолиза Рајс со овој чекор презеде иницијатива за надминување на ќорсокакот околу иранската атомска програма. Сега се‘ зависи од тоа како официјален Техеран ќе одреагира на пружената рака. Првичната реакција дека тоа е само пропаганден потег на САД, не би требало да ја сфатиме многу сериозно. Останува барем да се надеваме дека тоа не е и последниот збор на Иран. Бидејќи, Вашингтон со ова направи јасен исчекор по 27-те години ледено доба во односите со Техеран. Ваквиот чекор дури не е во склад со досегашната политика на администрацијата на Џорџ Буш, која се чини почиваше врз намерата во Иран да се предизвика промена на режимот. При тоа откривањето на тајните активности на Иран околу атомската програма беше само добредојден повод за Белата куќа да го стави под силен притисок иранското раководство и дури да му се закани со воени мерки. Во тој контекст одбивањето на Вашингтон да преговара директно со Техеран беше и логично: не се преговара со режим од кој човек сака да се ослободи.

Од друга страна во Европа, но и во одделни кругови на американската политика созреваше уверувањето дека натамошна екслација може да се спречи само со директни преговори. Во прилог на оваа опција веројатно одеше и тоа што досегашната тактика на Вашингтон се покажа како неуспешна. Советот за безбедност на ОН имено не успеа да најде компромисно решение за иранскиот проблем. И иранскиот претседател Ахмадинеџад постојано придонесуваше со се‘ подрастични изјави за заострување, а не за деескалација на конфликтот. Како во некоја грчка трагедија, се‘ се движеше кон неизбешна катастрофа. Дотолку поголемо изненадување е сегашниот чекор на американската администрација.

Би било навистина многу погрешно, доколку Иран ја отфрли оваа можност поради условот да престане со обогатување ураниум. Готовност на таков чекор иранските преговарачи сигнализираа уште во Париз на преговорите со Европејците. И дури кога тие преговори не вродија со плод Иранците повторно го продолжија спорниот процес. Значи сега би можеле да ја манифестираа истата готовност за прекинување на обогатувањето ураниум, без при тоа да го загубат угледот. Меѓутоа, доколку тоа не го сторат, тогаш Иран ја презема врз свои плеќи тешката одговорност за пропуштената сериозна шанса за разрешување на големиот спор.