1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран планира тестирање ракети со долг дострел

31 декември 2011

На крајот на повеќедневните поморски маневри во Персискиот залив, меѓу другото се планира тестирање ракети со долг дострел. Техеран тоа го најавува за следните денови.

https://p.dw.com/p/13cEm
Фотографија: picture-alliance/dpa

Комуникацијата меѓу политиката и војската во Иран е зрела за подобрување: додека полудржавната новинска агенција Фарс извести дека морнарицата денеска (31.12.2011) ги испалила првите ракети со долг дострел, адмиралот Махмуд Мусави за иранската телевизија соопшти дека тестот допрва ќе следи, откако ќе бидат завршени подготовките.

Според експертите, ракетите со долг дострел кои ги тестира Иран можат да стигнат до Израел како и до американските воени бази во Авганстан и регионот на Заливот. Иранската војска соопшти дека маневрите терба да ги подготват трупите за „ситуација слична на војна“.

Техеран се заканува со затворање на Ормускиот теснец, доколку Западот спроведе дополнителни санкции против Иран поради неговата спорна атомска програма, кои би го засегнале неговиот извоз на нафта. Преку Ормускиот мореуз на излезот од Персискиот залив се врши 40 проценти од поморскиот транспорт на нафта во светот.

Техеран истовремено ја повтори подготвеноста за нови шестпартитни преговори во врска со неговата нуклеарна програма. Шефот на преговарачката група Саид Џалили за таа цел ќе се обрати преку писмо до европскиот висок претставник за надворешни работи Кетрин Ештон, соопшти иранската амбасадорка во Берлин, Алиреса Атар. Во шестпартитните разговори учествуваат петте вето-сили во ОН и Германија.

Автор: ЖА/ АТ/ дв

Редактор: Александра Трајковска