1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран: санкции наместо војна

10 ноември 2011

По извештајот на Меѓународната атомска агенција за иранската нуклеарна програма, потребно е со санкции да се зголеми притисокот врз Техеран. Воените напади не би биле разумна опција.

https://p.dw.com/p/137bV

Јастребите во Израел и Вашингтон ја усогласија интерпретацијата на извештајот на Меѓународната агенција за атомска енергија уште пред да биде објавен нејзиниот извештај. Тие се согласни дека последните индиции околу нуклеарните активности на Иран се клучен доказ за тоа дека Техеран сака што побрзо да дојде до нуклеарно оружје. Во суштина, извештајот за првпат нуди мноштво сознанија, кои и не дозволуваат поинаков заклучок. Иранските научници до неодамна континуирано работеле на совладување на нуклеарната технологија, чија двојна можност за користење, и во мирнодопски, но и во воени цели, е нејзината главна карактеристика.

И Германија има методолошко знаење за изградба на атомско вооружување, но меѓународно-правно се обврза дека нема да произведува атомско оружје. Техеран тоа досега не го стори. Иранскиот режим ги држи сите опции отворени, работи во тајност и со помош на странски научници сака да развие воени компоненти, атомски боеви глави и стартувачки механизми.

Колку време останува?

Во меѓувреме, многу работи упатуваат на тоа дека технологијата е усовршена дотаму што за одлуката меѓу изградбата на бомба и нејзината реализација би можеле да бидат потребни само неколку недели. Тоа претставува огромна закана за Израел и за мирот во светот. Но, што да се стори?

По дипломатски пат веќе со години залудно се прават обиди да се принуди Иран да се откаже од атомското оружје. На овој начин во минатите децении беа направени јасни исчекори, но потоа фронтовите повторно се заострија. Сепак, со оглед на новите закани од Израел, потребен е нов дипломатски ангажман.

DW Deutsches Programm Daniel Scheschkewitz
Даниел Шешкевиц, автор на коментаротФотографија: DW

Воениот напад врз иранските нуклеарни постројки, сега, како ни тогаш, не е опција. На тој начин иранските постројки веројатно не би биле во целост уништени, а тоа би довело до пожар од пошироки размери. Тоа би довело до заедништво на режимот со народот во Иран, а постојните разлики во мислењата веројатно би биле избришани. Целата земја би застанала против Западот. Тоа не би му одговорало ниту на Израел, поради што Барак Обама ќе мора да ги заузда своите сојузници.

Санкциите- единствено решение

Притоа, израелските нуклеарни капацитети, кои постојат надвор од сите меѓународноправни контролни механизми, се познати во Техеран. Тие, доколку дојде до судир, би можеле целосно да го уништат Иран. И поради тоа, ширењето паника и приказните за неопходноста од превентивен воен напад се претерани.

Извештајот на Меѓународната агенција сега ќе биде упатен во Советот за безбедност на ОН. Таму итно треба да се расправа за нови санкции. Тоа мора да го увиди и Русија, која во минатото беше многу воздржана за нуклеарните настојувања на Техеран. Само доколку меѓународната заедница го зголеми притисокот врз Иран со санкции, Техеран може да биде принуден да седне на преговарачка маса. Но, во истовреме, на земјата мора да и’ се покаже и пат за излез од спиралата на санкции. А целта, во секој случај, мора да остане иста, да се спречи Иран да дојде до атомско оружје.

Автор: Даниел Шешкевиц

Превод: Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска