1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран со нови нуклеарни проекти

15 февруари 2012

Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад денеска (15.02) на церемонија пренесувана телевизиски ширум земјата претстави три нови нуклеарни проекти. Кои се најважните атомски постројки на Иран?

https://p.dw.com/p/143jJ
Атомската централа во БушерФотографија: AP

Околу иранската атомска програма и по посетата на делегацијата на Меѓународната агенција за атомска енергија на Иран на крајот на јануари, има многу нејаснотии. „Се разбира дека имаме уште многу работа“, се вели од извори во делегацијата по враќањето од Иран. Планирана е нова посета во блиска иднина. Делегацијата не ги посетила иранските нуклеарни постројки. Тие, покрај развојот во делот на носечките ракети, се во центар на сомневањата дека Иран стреми кон нуклеарно оружје.

Иранската атомска програма се состои од различни нуклеарни централи со различни функции и во различни стадиуми на работа и на изградба.

Во близина на Бушер во Персискиот залив има нуклеарна постројка која е досега единствената што лиферува струја во земјата. Таа има два реактора и инсталирана сила од илјада мегавати. Проектот што во седумдесетите години на минатиот век го почна „Сименс“, потоа го доврши Русија. Есента 2010 година Иран пријави дека централата работи, а тоа го потврди и Меѓународната агенција за атомска енергија на крајот на 2011 година. Русија доставува нуклеарни прачки, а потоа ги зема назад изгорените прачки. Со тоа Бушер не стои во центарот на сомневањата дека Иран работи на програма за атомско оружје.

Iran Atomkraftwerk Atom Buschehr
И покрај посетата на инспектори на МААЕ, многу нејаснотииФотографија: AP

Таквото сомневање се однесува пред се‘ на облагородувањето ураниум што Иран го врши во постројката во Натанс. Таму има три илјади центрифуги (според состојбата од 2007 година) со помош на кои од рудата на уран се добива Уран-235. За она што се прави во постројката е доволно облагородување од три до пет проценти. За да се добие атомска бомба е потребно облагородување од 85 проценти. Во 2010 година Иран во Натанс почна со 20-процентно облагородување на уран.

Облагородениот ураниум од Натанс, според официјално наводи, е неопходен за истражувачкиот рекатор во Техеран. За неговата работа досега на располагање стоеше уран од Аргентина, но резервите наскоро ќе се потрошат. Истражувачкиот реактор продуцира радиоизотопи за медицински и земјоделски цели.

Forschung
Реактори за истражувачки цели или за оружје?Фотографија: MEHR

Облагородувањето од 20 проценти важи за критична гранциа, поради тоа што вториот чекор - облагородување од 20 на 85 проценти - потоа се смета за технички едноставно.

20-процентно облагородениот ураниум, според плановите на Техеран, од Натанс треба да оди во постројката во Фордо. Оваа подземна и забарикадирана постројка се наоѓа на околу 140 километри јужно од Техеран. Иран за постоењето на оваа постројка ја извести светската јавност дури во септември 2009 година. МААЕ го потврди облагородувањето ураниум на 20 проценти во Фордо во јануари оваа година.

Околу 200 километри западно од Фордо се наоѓа реакторот Арак, кој поради неговата моќ од само 40 мегавати е окарактеризиран како „истражувачки реактор“. САД на крајот на 2002 година објави сателитски снимки од постројката, која ја посетија инспектори на МААЕ во 2010 година и која тогаш се‘ уште се наоѓаше во фаза на изградба. Реактори како во Арак се добри за производство на плутониум.

Во Центарот за атомски истражувања во Исфахан има постројка за натамошна преработка на рудата на уран. Намерата е не само уранот да се преработува во гасна состојба, туку и во метал, кој не може да се применува во реакторите во Иран, но од него може да се прават атомски бомби.

Автор: Ханс Шпрос/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска