1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ирачките џихадисти напредуваат кон Багдад

ЖА/АТ/дв/дпа/афп/ртре11 јуни 2014

Офанзивата на џихадистите во Ирак се‘ повеќе се приближува кон Багдад. Исламиски екстремисти го зазедоа турскиот конзулат во Мосул, а во нивни раце е и градот Тикрит. Стотици илјади луѓе се наоѓаат во бегство.

https://p.dw.com/p/1CGk6
Фотографија: Reuters

По жестоките борби исламистите под своја контрола во меѓувреме го имаат и централноирачкиот град Тикрит, како што јавуваат повеќемина полициски службеници. Попладнево се јавува и за борби меѓу ирачките армиски сили и исламистите пред градот Самара, кој се наоѓа на само 110 километри од главниот град Багдад. Дали тие имаат цел да стигнат до него, не е познато.

Припадници на исламистичката екстремистичка група Исламска држава на Ирак и Левантот денеска го зазедоа и Генералниот конзулат на Република Турција во северниот ирачки град Мосул, соопштија турски владини претставници.

„Во моментот се преземаат мерки за гарантирање на безбедноста на членовите на дипломатската мисија“, наведоа владините претставници.

Турската телевизија НТВ јави дека претставниците од Конзулатот се одведени во штабот на Исламската држава на Ирак и Левантот.

Багдад најави дека ќе соработува со курдските сили за да ги протера екстремистите од Мосул, изјави денеска ирачкиот министер за надворешни работи Хошијар Зебари, еден ден по заземањето на овој втор по големина ирачки град од страна на екстремистите од организацијата Исламска држава на Ирак и Левантот.

„Багдад и регионалната Влада на Курдистан поблиску ќе соработуваат со цел од таму заедно да ги протераат странските борци“, изјави Зебари на маргините на состанокот на ЕУ и Арапската лига во Атина. Тој не наведе детали за видот на оваа соработка.

Курдските пешмерга војници веќе подолго маневрираат меѓу шиитите, Курдите и сунитите во нивната борба за влијание и контрола над нафтените полиња на северот од Ирак. Опишувајќи го паѓањето на Мосул како „драматично“, Зебари ги повика сите ирачки лидери да се обединат за да можат да се соочат со „сериозната смртна“ закана за земјата.

Irakische Flüchtlinge im Irak
Стотици илјади луѓе се во бегствоФотографија: picture-alliance/AA

„Одговорот мора да следи набрзо. Не смее да се дозволи овие луѓе да останат таму и да се утврдат на долго време“, додаде шефот на ирачката дипломатија.

Безбедносни извори претходно денеска соопштија дека припадници на организацијата Исламска држава на Ирак и Левантот, која претставува ќелија на терористичката мрежа Ал Каеда, влегле во градот Баиџи, во кој се наоѓа рафинерија на нафта, каде ја запалиле зградата на судот и една полициска станица. На околку 250 чувари на рафинеријата очигледно им било ветено слободно да го напуштат местото. Дали бунтовниците веќе го имаат местото под контрола, засега е неизвесно.

Меѓународните хуманитарни работници сметаат дека околу 500.000 луѓе се во бегство од почетокот на првите борби околку Мосул пред четири дена. Многумина ги напуштиле своите домови од страв од насилни напади, информира денеска (11.06.) во Женева Меѓународната организација за миграција. Во Мосул најголемата клиника очигледно повеќе не може да се користи, бидејќи се наоѓа во област каде се водат борби. Според Меѓународната организација за миграција затоа повеќе џамии биле пренаменети во болници.

Терористичката група Исламска држава во Ирак и Левант следи слична идеологогија како терористичката мрежа Ал Каеда. Уште од јануари борците на оваа група го држат градот Фалуџа и исто така контролираат делови од провинцијата Анбар, западно од Багдад. Целта на групата е да ги спои областите со кои владее во Сирија и Ирак и таму да формира фундаменталистичка верска држава.