1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

291110 Finanzministerrat Brüssel

29 ноември 2010

На вонредна седница на министрите за финансии од еврозоната во Брисел е договорено да се обезбеди финансискиот пакет-помош за Ирска.

https://p.dw.com/p/QKfI
Фотографија: picture-alliance/dpa

Одеднаш министрите за финансии на евро-групата сакаат што поскоро да го скројат пакетот помош за Ирска. За таа цел отпадна дури и претходно планираната телефонска конференција - министрите лично допатуваа во Брисел за да го разгледаат случајот. Претседавачот на земјите од еврозоната, Жан-Клод Јункер, го објави договореното во негов стил - директно:

„Што се однесува до Ирска, министрите за финансии денеска едногласно одлучија да и` пружат помош, по барање на ирските власти од 22. ноември 2010 година“, рече Јункер.

EU Eurozone Symbolbild Euro erholt sich
Се шпекулира дека и Портигалија и Шпанија ќе бараат париФотографија: picture-alliance/dpa

Помошта изнесува вкупно 85 милијарди евра, а дел од средствата ги покрива Меѓународниот монетарен фонд. Како противуслуга, ирската влада ќе мора да се придржува до строг курс на штедење и да го реформира банкарскиот сектор. Поголемиот дел од средствата ќе отидат токму за спас на ирските банки, останатиот дел ќе послужи како финансиска инјекција за државниот буџет. Дури и земји кои не се членки на еврозоната ќе се вклучат во финансискиот пакет-помош за Ирска. Една од нив е соседот Велика Британија. За мотивите зборува британскиот министер за финансии Џорџ Озборн:

„Во сечиј интерес, а исто и во наш, е да се постигне малку стабилност во Ирска и во целата еврозона. Трговската размена меѓу Велика Британија и Ирска е голема, а исто така и со другите европски земји. Затоа, во интерес на цела Европа е да го решиме проблемот, да постигнеме стабилност и да ги вратиме нашите стопанства на позитивен курс“, нагласи Озборн.

Ќе остане ли само Ирска?

Прашање е дали Ирска ќе биде единствената држава што ќе прими помош од европскиот фонд за спас. Веќе долго време се шпекулира дека Португалија и Шпанија се можните следни кандидати. Шпанската министерка за финансии, Елена Салгадо, одлучно ги демантираше таквите тврдења:

Belgien EU Finanzkrise Jean Claude Juncker Finanzminister
Жан-Клод Јункер го објави договоренотоФотографија: AP

„Инсистирам дека проблемите се во Ирска. Нормално дека тие можат да влијаат на останатите пазари, на што бевме сведоци во изминатите денови. Но, да не забораваме дека проблемот лежи во Ирска и ќе го решиме.“

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле изрази надеж дека светските пазари позитивно ќе реагираат на одлуката на министрите за финансии од еврозоната. Сепак, нивната одлука не е конечна, туку мора да биде потврдена од Советот на министри на 6. и 7. декември. А, за се‘ што е поврзано со идниот механизам за спасување, својот глас треба да го дадат и шефовите на држави и влади на нивниот нареден самит, на средината од декември.

Автор: Кристоф Хаселбах / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска