1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ирска: Топката сега е на теренот на Македонија!

Силвера Падори-Кленке15 јануари 2013

Министерката за европски прашања на Ирска Креитон во Берлин го подвлече ентузујазмот за проширувањето и како добар старт го оквалификува состанокот со кандидатите и аспирантите за ЕУ наредниот викенд во Даблин.

https://p.dw.com/p/17K5z
Фотографија: DW/A. Padori-Klenke

„Ирска со голем ентузијазам го поддржува проширувањето на Унијата. Јас лично во изминативе 12 месеци, подготвувајки го ирското претседателство, вложив многу време за овој процес. Ги посетив земјите кандидати и аспиранти од Западниот Балкан. Идниот викенд, во недела, во Даблин на неформална средба на која ќе учествува и еврокомесарот за проширување Штефан Филе се поканети претставници на земјите кандидати и аспиранти за членство. Очекувам дека заедничката средба ќе биде добар старт на ирското претседателство. Не можам со сигурност да кажам како ќе се одвива процесот на проширувањето во наредниве месеци, но убедена сум дека можностите се големи“, изјави во Берлин Лусинда Креитон, ирска државна министерка за европски прашања одговарајќи на прашање на ДВ: што може Македонија и претендентите за членство во ЕУ да очекуваат од ирското претседателство во делот на проширувањето.
Министерката Креитон која вчера попладне (14 јануари) беше гостин на фондацијата Конрад Аденауер говореше за приоритетите на ирското претседатрелство со посебен акцент на економијата: стабилноста, стопанскиот пораст и новите вработувања во ЕУ. Околу проширувањето и шансите на Македонија во текот на ирското претседателство да го добие очекуваниот датум за почеток на пристапните преговори, министерката Креитон подвлече дека прашањата околу проширувањата до скоро главно се решаваа во мандатите на земјите кои претседаваат во втората половина од годината. Промени, меѓутоа, се случиле пред две години, а и лани, кога на декемврискиот самит Европскиот совет не донесе конкретни заклучоци за отварање на пристапните преговори со Македонија и Србија или доделување на нов статус во доближувањето кон ЕУ на другите аспиранти, туку процесот го помести за напролет.

ЕУ треба да одговори на очекувањата

„Сега Европската комисија го има мандатот да се наврати на овие земји, да го анализира напредокот што ќе биде направен, со што е дадена можност тие да покажат што постигнале. До крајот на март, односно почетокот на април ќе имаме појасна слика за постигнатиот напредок во Македонија, Србија, Косово и Албанија. Станува збор за комплексни прашања и топката сега е на теренот на земјите кандидати - тие да ја покажат подготвеноста, да го направат она што од нив се бара и доколку добро сработиле, ние, земјите членки на ЕУ, ќе треба позитивно да одговориме на нивните очекувања“, подвлече Лусинда Креитон, ирска министерката за европски прашања.
Инаку, проширувањето на Унијата во ирското поретседателство има посебно место. Ова го подвлече министерката Креитон, но и ирскиот амбасадор во Германија Ден Мјуал минатата недела при претставувањето на приоритетите во претставништвото на ЕУ во Берлин. Токму на примерот на Ирска се покажува колку може Европската унија позитивно да влијае врз развојот на една нејзина членка. Ирска беше првата држава која во 1973 и‘ се приклучи на тогашната Европска заедница при нејзиното прво проширување кое годинава бележи четиридецениски јубилеј. Тогаш Република Ирска имала само 40 проценти од бруто домашниот производ на останатите членки. Во периодот до финансиската криза (од пред неколку години) Ирска економски се израмнила со останатите. Од друга страна, во текот на последното ирско претседателство во 2004 се случи и најголемото проширување на ЕУ со десет нови членки (1 мај 2004). Министерката Креитон вели дека Република Ирска е мала и не многу богата земја, но четирите децении во Унијата покажале колку е важно членството и каков напредок на земјата и‘ донеле соработката и солидарноста на останатите членки на европското семејство. Токму поради тоа во наредниве шест месеци внимание ќе се посвети и на проширувањето, иако највисоко на ирската агенда остануваат економскиот пораст, елиминирањето на должничката криза и отворањето нови работни места, приоритети кои треба да бидат вистинскиот лек за болната економија на Унијата.

Flagge Irland
Фотографија: picture alliance/dpa