1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ирското „збогум“ на штедењето

Г. Елферс / Б. Георгиевски5 јануари 2014

Ирска е првата земја членка на еврозоната на која и’ појде од рака да го напушти фондот за спас на еврото. Излегувањето од европскиот фонд за спас е важен психолошки сигнал и за потрошувачите и за фирмите.

https://p.dw.com/p/1Af4G
Фотографија: picture-alliance/dpa

Три години Ирците не беа стопани во сопствената куќа. Даблин доби околу 17 милијарди евра, но за возврат ЕУ, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд му ја диктираа финансиската и буџетската политика. Тројката бараше болни реформи. Во меѓувреме нештата се променија на подобро: невработеноста опаѓа, државниот дефицит е преполовен, градежниот сектор се опоравува. Бидејќи, во суштина, состојбите во ирската економија воопшто не се лоши.

Графтон стрит е омилената улица за шопинг во Даблин. Касите во продавниците одзвонуваат, ќесите на купувачите се преполни - земја во криза не изгледа вака. По речиси 5 години политика на штедење и кратење, многу Ирци гледаат светло на крајот на тунелот. Резигнацијата прераснува во претпазлива надеж.

„Сѐ уште се бориме. Во џебот имаме помалку пари за трошење. Но, доколку тоа помага во оваа економска ситуација, а мислам дека е така, тогаш вреди“. „Погледнете наоколу. Луѓето купуваат, цените на недвижностите растат, луѓето имаат верба дека најлошото е зад нив и иднината е светла“, велат граѓаните.

Оптимизам меѓу експертите

Оптимисти се и многубројни експерти. Ниските даноци за фирмите не ги привлекуваат само мултинационалните компании од странство. Дубари, на пример, е вистинска традиционална ирска марка. Минатата година, со продажба на теренска гардероба и обувки, компанијата заработи 22 милиони евра, што е пораст од 10 проценти по петгодишна суша.

Dublin Irland O'Connellstraße
ДаблинФотографија: DW/D.Kaniewski

Оваа компанија од Каунти Галвеј веќе 76 години произведува обувки и облека за едриличари и ловци. Косопственикот на фирмата Мајкл Волш е уверен дека владата добро си ја извршила работата.

„Мерките за штедење вродија со плод. Им наштетија на многу луѓе, но доколку државата беше фирма и не ги преземеше овие корективни мерки, ќе банкротираше. Државата немаше избор освен да ги спроведе мерките, за да си ја врати контролата врз финансиите“, вели Мајкл Волш, косопственик на фирмата „Дубари“.

Дубари помина низ кризата без поголеми штети. Ниту еден од 66. вработени не беше отпуштен. Сега е најважно да се отворат нови работни места, вели Мајкл Волш. Тоа според него е економскиот клуч за повторно придвижување на стопанскиот пораст.

„Не можеме да ги промениме ни курсот, ниту каматните стапки. Единственото на што можеме да влијаеме е да ги вратиме луѓето на работа, за да се вратат повеќе пари во стопанството. И, уште поважно, да ја зголемиме довербата кај потрошувачите за да трошат повеќе“, вели Волш.

Сепак, тоа нема да оди толку брзо. Невработеноста и даноците остануваат високи. Многу потрошувачи сѐ уште немаат доверба во подемот. Токму затоа излегувањето на Ирска од програмата за финансиска помош е важно од психолошки аспект. Тоа го знаат и политичарите, како замени Брајан Хајс, заменикот министер за финансии

„Самодовербата е најважна. Луѓето ќе почнат да трошат дел од заштедите, повторно ќе се ангажираат во реалната економија, ќе почнат повторно да трошат доколку почувствуваат дека ја надминавме кризата. Довербата во Ирска расте, особено во последните 2-3 месеци“.

Brian Hayes Irland stellv. Finanzminister
Брајан Хајс, заменик министер за финансии на ИрскаФотографија: picture-alliance/dpa

Средната класа настрада во кризата

На прв поглед, посетата на елитниот даблински ресторан „Чаптер Уан“, ги потврдува тврдењата на министерот. Гастрономот Рос Луис може да го оцени расположението на потрошувачите со еден поглед врз порачките на своите гости. Интересен барометар за расположението во земјата.

„Се чувствува пораст на барањата за резервации. Но, не е само тоа. Вистинскиот сигнал е потрошувачката по гостин. Таа расте во последните 4-5 месеци. Луѓето се посигурни“, вели Рос Луис, врвен готвач и сопственик на ресторанот „Чаптер Уан“ во Даблин.

И покрај тоа, Рос Луис и натаму е загрижен. Неговиот ресторан цели кон припадниците на високата средна класа. А, токму тие се најпогодени од владината политика на штедење.

„Тие станаа осиромашена средна класа. Децата им одат во приватни училишта, трошоците им се сѐ повисоки, и заработуваат сѐ помалку пари секоја година. Зголемени се даноците, имаме данок на домаќинства, данок за вода. Ременот постојано се стега и тешко е да се излезе на крај“, објаснува Луис.

Засега така и ќе остане. За оваа година владата најави нови заштеди од 2,5 милијарди евра и зголемување на некои даноци. И покрај добрите вести, времињата на строго штедење сѐ уште не се поминати.