1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исламистите ја освојуваат Либија по смртта на Гадафи

27 октомври 2011

Моамер Гадафи е мртов. НАТО соопшти дека ја исполнил својата воена задача во операцијата во Либија. Луѓето по улиците го прославија денот на ослободувањето. Но, колку е Либија навистина слободна?

https://p.dw.com/p/12zJl
Фотографија: dapd

Риад Сидауи го поставува прашањето кое си го поставуваат и многу Либијци: „Како да се изгради нова демократска Либија?“

Овој политолог и шеф на Арапскиот центар за политички и социјални анализи во Женева го нуди следниот одговор: „Мислам дека постојат многу препреки пред сонот на Либијците да стане јаве. Една од препреките е комплетната институционална и политичка празнина како и недостатокот на цивилно општество“.

Политички структури во Либија не постојат. Нема управа. Од страв да не му наштетат, Гадафи никогаш не дозволи основање на алтернативни партии. Политичките случувања во изминатите месеци ги одредуваше Националниот преоден совет.

Гинтер Мејер, шеф на Центарот за истражувања на арапскиот свет на Универзитетот во Мајнц за актуелната состојба вели: „Во рамките на Преодниот совет постои широк спектар на регионални спротивставености. Исток против Запад. Гадафи го поддржуваше западниот дел на земјата. Истокот беше дискриминиран. Постои ривалство и меѓу различните племиња. Постојат и идеолошки разлики. Застапени се претставници на конзервативниот ислам, потоа салафисти, па се’ до социјалисти и либерали“.

Племињата ќе го имаат главниот збор

Libyen Gaddafi Rebellen
Фотографија: dapd

Припадниците на Советот беа единствени кога беше во прашање уривањето на Гадафи, но не можат да најдат заеднички јазик во однос на тоа каква треба да биде иднината на земјата.

„Спорот на долгорочните симпатизери на опозицијата и на Гадафи ќе биде одлучувачки за иднината на земјата кога станува збор за заземањето позиции во новата влада“, вели Мејер. Според него, главни актери и натаму ќе бидат племенските претставници.

„Племињата традиционално имаат важна улога. Има 130 племиња. Едните профитираа од Гадафи, додека другите беа губитници. Постои и големо ривалство. Но, тоа се работи кои можат да се регулираат“.

Правниот систем на Либија во иднина ќе биде заснован на Шеријатот. За тунижанецот, Риад Сидауи тоа би можело да биде препрека за брза демократизација на Либија.

„Проблемите во иднина повеќе ќе ги прават исламистите, отколку следбениците на Гадафи. Ширум Либија присутно е групирање на исламистите. Тие учествуваа во револуцијата. Но, еден дел од нив претставува закана за демократијата во земјата, бидејќи тие едноставно не веруваат во демократија“, вели Сидауи.

Политологот Мејер смета дека нема многу причини за загриженост. Тој вели дека мора да биде јасно оти, благодарение на револуцијата, влијателни ќе станат и оние сили кои не и одговараат на западната демократија.

Автор: Штефани Дукштајн/Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска