1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исламската држава станува активна закана за Балканот

БГ
18 ноември 2016

Апсењето на 19 луѓе во Косово кои имале врски со Исламската држава и подготвувале терористички напади отвора многу безбедносни прашања за целиот регион. Експертите веќе подолго време предупредуваат на заканата

https://p.dw.com/p/2SsDR
IS Miliz Frauen Muslima
Фотографија: picture-alliance/dpa/Syriadeeply.org

Косовската полиција во средата потврди дека уапсила 19 лица претходните 10 дена кои се осомничени за врски со ткн. „Исламска држава“ и планирале напади во Косово и во соседна Албанија. Осомничените биле во контакт со членот на Исламската држава и самопрогласен „командант на Албанците во Сирија и Ирак“, Лавдрим Мухаџери, од кого добиле наредба за напад.

„Тие планираме терористички напади во Косово и напад врз фудбалскиот тим на Израел и неговите навивачи за време на мечот против Албанија“, соопшти косовската полиција.

Албанија го префрли местото на одржување на мечот против Израел од првично планираниот Скадар на стадион во близина на Тирана, поради страв од можни терористички напади.

Полицијата соопшти дека осомничени планирале „синхронизирани терористички напади“, но не даде други детали. Четири лица се уапсени во Албанија, а уште едно, кои веројатно биле дел од истата група, во Македонија.

Според пишувањето на „Балкан инсајт“, Лавдрим Мухаџери се смета за главна закана по безбедноста. Тој се наоѓа на листата на глобални терористи на американскиот Стејт Департмент од септември 2014 година, а на јавноста и стана познат во јули истата година кога објави фотографии на Фејбуск на кои се гледа како обезглавува еден непознат млад човек во Сирија. Познат е и по прекарите, Ебу Абдулах ел Албани и Абу Абдулах ал Косова, а роден е во Качаник, во близина на границата со Македонија.

Косовскиот безбедносен експерт Бурим Рамадани за „Балкан Инсајт“ вели дека постои ризик од ширење на насилните радикални идеологии во таа земја. „Присуството на терористички организации во регионот и во Косово започна со ширењето на идеологијата која може да биде преведена во конкретни терористички акти“, вели тој.

Најмалку 200 луѓе биле уапсени или се под истрага на Косово поради наводни врски со Исламската држава во последните години. Се проценува дека најмалку 300 Косовци и се приклучиле на Исламската држава во Сирија во последните години, и најмалку 50 биле убиени на боиштата.

Исламската држава веќе извесно време е активна и го издава и своето списание во Босна и Херцеговина на босански јазик, а проценките се дека оттаму на Исламската држава и се приклучиле најмалку 200 луѓе. Експертите велат дека таа држава е особено интересна за терористичката организација поради големиот број луѓе со воено искуство кои во меѓувреме останале без работа и без перспектива.

Извор: Ројтерс, Балкан Инсајт