1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исламскиот свет се возбуди поради либералната џамија

Сабрина Пабст
22 јуни 2017

Мажи и жени се молат едни до други, а проповед држи жена имам која не носи ниту шамија на главата. За многумина во исламскиот свет овие настани се несфатливи. Новата либерална џамија во Берлин предизвика шок и осуда

https://p.dw.com/p/2f9RB
Deutschland Eröffnung liberale Moschee in Berlin
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Gambarini

Сунити, шиити, алевити, членови на ЛГБТ заедницата - сите се добредојдени на петочната молитва во Ибн-Рушд-Гете џамијата во Берлин. Организацијата, која е сместена во просториите на протестантска црква во населбата Моабит во Берлин, предизвика жестоки реакции откако ДВ информираше за активностите на нејзиниот основач Сејран Атес.

Извештаите за либералната џамија најдоа место во повеќе медиуми во муслиманскиот свет. Провладиниот турски весник „Сабах“ ја нарече „апсурдна“ проповедта која се одржа во црквата. Друг весник, „Јениакит“, ја обвини Атес дека е поддржувач на Курдите и на контроверзниот свештеник Фетула Ѓулен. „Дејли Пакистан“ го критикува фактот што жени учествувале во молитвата.

Мажи и жени на заедничка молитва, уште предводени и од жена имам? За некои во муслиманскиот свет, тоа е чекор предалеку. „Тие создаваат нова религија, тоа не е исламски“, коментира еден читател на ДВ. „Овие луѓе не ја следат религијата на нашиот пророк. Тие немаат концепт за религијата. Ова е идиотизам“, вели друг.

Извештајот на арапската редакција на ДВ до понеделникот имаше 1,7 милиони прегледи. „Нашиот текст предизвика жесток одговор“, вели Тарек Анегај, кој работи во одделот за социјални медиуми на арапскиот сервис.

Многу читатели беа ужаснати од ваквата, според нив, контрадикција на исламската доктрина. Во ДВ арапски очекувале таква реакција.

„Кога станува збор за било што, што се однесува на традиционалниот, конзервативен код на исламот, луѓето имаат навика да реагираат многу чувствително и сомничаво“, вели Анегај.

Аџиите го каменуваа ѓаволот

Западен заговор

Во дебатата во муслиманската заедница најмногу загриженост се изразува за недоволната еднаквост меѓу мажите и жените, како и поради непристојноста на жените кои не ги покриле главите за време на верската служба. Концептот на жена-имам останува особено табу, вели Анегај. Многу муслимани во таквите обиди да се либерализира нивната религија гледаат заговор на западниот свет против исламот.

„Големиот број на муслимани ја плаши Европа, и поради тоа Европејците се обидуваат да изрекламираат нова форма на ислам кој е на линија со животот во Европа“, напиша Манхал ал Ахмад на Фејсбук страницата арапската редакција на ДВ. „Верувам дека нема да ја остварат својата цел. На крајот ќе се откажат и ќе сфатат дека оваа борба против религијата е погрешна“.

Seyran Ates Mietvertrag mit der Rushd-Goethe Moschee
Сејран Атес, првата жена имам во ГерманијаФотографија: picture-alliance/dpa/S. Stache

Во муслиманските земји и натаму опстојува впечатокот дека Западот сака да им го наметне својот стил на живот на муслиманите, вели Рајнер Золих, шеф на арапската програма на ДВ. „Оние кои се противат на сите реформски идеи во рамките на исламот исто така ја користат оваа агенда. Тоа е многу популистичка агенда. Успева, затоа што многу луѓе во муслиманскиот свет ја прифаќаат, а многумина и навистина така се чувствуваат“.

Во понеделникот, Дар ал Ифта ал Мисрија, телото на египетската влада кое одлучува за верски и правни работи, ја коментираше контроверзата: „Во молитва, не може да се напушти половата сегрегација“. Близината меѓу мажите и жените во џамиите не е дозволена, затоа што тоа ја нарушува Шаријата, исламскиот закон, вели ова тело.

„Ваквите контроверзи се дел од нашето известување“, вели Анегај. „Разбираме дека на многу арапски корисници нема да им се допадне. Но секој има право да ја интерпретира својата вера онака како што сака, сѐ додека се зема предвид дигнитетот и правата на другите луѓе. Луѓето го читаа извештајот и се почуствуваа нападнати, но никој не одвои време да се преиспита себеси“. Анегај потсетува на мислата на еден исламски филозоф: Патот до верата води преку прашањата.