1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Историска шанса за Металург и македонскиот ракомет

3 декември 2011

Во дуел од седмото коло во Лигата на шампионите, ракометарите на Металург во „Спортскиот центар Борис Трајковски“ во Скопје ќе го пречекаат рускиот претставник. Победа во мечот значи и пласман меѓу 16-те најдобри.

https://p.dw.com/p/13LQ8
Тренерот Лино Червар побара огромна поддршка од навивачитеФотографија: DW/Kalinski

Дуелот со Санкт Петерсбург е апсолутно најважен натпревар за ракометарите на Металург во оваа година. По очекуваната победа на германскиот шампион и лидер во групата Ц, Хамбург против последнопласираната Констанца од Романија, ракометарите на Металург сега со победа во Скопје против руската екипа ќе остварат историски успех.

„Нашиот клуб е во историска ситуација како прв македонски клуб да влезе меѓу 16-те најдобри во Лигата на шампионите. ТОП 16 во Европа значи и ТОП 16 во светот на ракометот. Прашање е дали друг пат ќе имаме ваков распоред. Голема е честа со евентуален влез во следната фаза да бидеме заедно со екипи како Кил, Атлетико Мадрид, Барселона. Затоа овој натпревар е најважен за Металург и македонскиот ракомет“, рече тренерот на „металурзите“, Лино Червар.

Како и на секој натпревар на Металург во Скопје се очекува голема поддршка од трибините. За возврат тренерот Лино Червар вети максимално залагање и добра игра на неговите избраници.

Инаку во првиот натпревар од 7-то коло во групата Ц, Хамбургер во четвртокот ја совлада Констанца со 36:25.

Денеска покрај дуелот Металург- Санкт Петерсбург во групата Ц се игра и натпреварот Висла - Копер.

Автор: СН/ АТ/ сид/ миа

Редактор: Александра Трајковска