1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Историските знаменитости на Дрезден

25 ноември 2008

На врвот на листата туристички атракции во Дрезден, покрај барокното здание „Zwinger“, црквата „Frauenkirche“ и ликовната галерија „Gemäldegalerie“, е и една „тезга на сирења“, односно историската млекарница.

https://p.dw.com/p/FA3b
Млекарницата ПфундФотографија: ZB - Fotoreport

Внатрешноста на продавницата е веќе атракција сама по себе - на сите ѕидови, подот и таванот се залепени илјадници плочки во боја. Млекарницата Пфунд, која како што дословно стои во Гинисовата книга на рекорди „е најубавата продавница за млечни производи на светот“ постои веќе 125 години.

Dresdner Zwinger - Großbild
„Zwinger“во ДрезденФотографија: Maxim Nelioubin

Мноштво ангели, деца кои играат, разновидни животни и цвеќиња - тоа се мотивите со кои е дотерана сцената, рачно насликана на плочки, со вкупна површина од 247,90 кавдратни метри. Ведрите колоритни мотиви како украси на ѕид се создадени по урнек на мотивите на Делфтер.

Волшебен свет

Раководителот на продавницата, Франк Цабел, вели: „Дневно доаѓаат по околу илјада посетители. Овде нурнуваат во сосема поинаков свет и им се препушаат на волшепствата“. На тезгата за сирење, долга околу четири метри, посетителите можат да купат, исто како во дамнешни времиња, сирење и млеко. Оригинални се и огромните фрижидери во позадина кои изгледаат како ормари, а зад чии врати денеска се кријат модерни апарати за ладење.

Molkerei Pfund
Млекарницата Пфунд однадворФотографија: dpa

Основачите на фирмата, Паул Густав Лендер Пфунд и неговата сопруга во Дрезден пристигнале во 1879 година. Тие имале шест крави и неколку свињи, а дошле од селото Рајнхолдсхајн со намера да го снабдуваат градот со млеко. Подоцна им се приклучил и братот на Паул, Фридрих. Пфунд развивал нови производи и процеси, се грижел за хигиената и за ширење на нови пазари. Пфунд, прв во Германија, произвел кондензирано млеко. Во 1900 година тука е воведено и пастеризирање на млекото.

Продавницата преживеала се‘

Млекарницата на Пфунд била многу успешно претпријатие - отворени се неколку претставништва, основана е сопствена здравствена осигурителна компанија, изградени се службени станови, базен и градинка. По смртта на основачот, во 1923 година, фирмата ја преземаат неговите потомци. За чудо, немало оштетувања ни за време на војната. Продавницата успеала да го преживее и социјализмот, а во 1972 година преминала во државна сопственост. Во време на поранешната Германска Демократска Република во нејзе се продавале само три вида сирење, детска храна и млеко. Раководителот Цабел нагласува дека планираното уништување на историските ѕидни украси, за да им се даде предност на пластичните панел плочи, било спречено навреме.

Стар сјај во ново светло

Molkerei Pfund
Уметнички плочкиФотографија: dpa

Со падот на Берлинскиот ѕид и промените во бившата ДДР, во 1989 година дошло до престанок на работата. Продавницата заспала како Трнорушка. Со враќање на сопственоста во рацете на правнуците и со повторното основање на Дрезденската млекарница на браќата Пфунд д.о.о., некогашниот благороден камен светна во стариот сјај. Цабел вели дека 5% од плочките морале да се прават одново, а остатокот можел да биде реставриран.

Во 1995 година продавницата почна со работа. Таа денеска нуди млеко и 120 видови сирење. Освен тоа, како сувенири се продаваат копии од плочките и од историските натписи во млекарницата. На горниот кат е направен ресторан. Продавницата е многу популарна и има денови кога пред нејзе стојат десетици туристички автобуси.