1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Историски мир во Колумбија

БГ/афп29 август 2016

Примирјето кое стапи во сила точно на полноќ треба да му стави крај на 52-годишниот конфликт меѓу колумбиската држава и бунтовниците на ФАРК. На 2 октомври, Колумбијците треба да се изјаснат на референдум за договорот.

https://p.dw.com/p/1JrTN
Фотографија: Getty Images/AFP/G. Legaria

Стотици илјади Колумбијци ги загубија животите од 1964 година до денес откако различни бунтовнички армии и банди започнаа војна во џунглите на јужноамериканската држава.

Револуционерните вооружени сили на Колумбија (ФАРК) во неделата издадоа наредба до сите свои борци да ги прекинат сите активности и да го почитуваат примирјето. „Им наредувам на сите команданти на единици и на секој борец да го прекинат огнот и непријателствата кон државата“, изјави на прес-конференција во Хавана, Куба- каде што се одржуваа мировните преговори- лидерот на ФАРК Тимолеон Хименез-Тимоченко.

Претходно и претседателот на Колумбија, Хуан Мануел Сантос им нареди на воените сили да ги запрат операциите против ФАРК.

Kuba Timoleon Jimenez in Havanna
Тимолеон Хименез- Тимоченко на прес-конференцијата во ХаванаФотографија: Getty Images/AFP/Y. Lage

Сантос и Тимоченко треба да потпишат конечен, целосен мировен договор до крајот на септември. Примирјето треба да биде проследено од шестмесечн процес на демобилизација. Од денеска, околу 7,500 борци на ФАРК треба да започнат да го предаваат оружјето под контрола на ОН.
Герилците кои ќе одбијат да се демобилизираат и разоружаат „ќе бидат прогонувани со сите сили од државата“, изјави Сантос.

Пред демобилизацијата, ФАРК ќе организира уште еден собир на лидерите и на трупите пред да прерасне во „легално политичко движење“.

На 2 октомври, Колумбијците треба да се изјаснат на референдум за мировниот договор. „Победа за 'Да' кампањата ќе биде мандат од граѓаните за идните влади“, рече претседателот Сантос. „Плебисцитот ќе ја даде потребната политичка легитимација“:

Територијалниот и идеолошки конфликт привлече различни левичарски и десничарски вооружени групи и банди. Зад себе остави околу 260 илјади мртви, 45 илјади исчезнати и 6,9 милиони раселени луѓе.

Kolumbien Kongress - Präsident Santos präsentiert Friedensabkommen mit FARC
Претседателот Хуан Мануел Сантос му го претставува мировниот договор на КонгресотФотографија: Reuters/J. Vizcaino

Напорите за почеток на мировни преговори со помалата бунтовничка група, Националната армија за ослободување, сѐ уште не донесоа резултати. Но со најавеното примирје од најголемата група - ФАРК, конфликтот се чини е пред крај.

„Ривалството и непријателството мора да останат во минатото. Денес повеќе од кога било жалиме за големиот број жртви и страдања кои беа предизвикани од војната. Денес повеќе од кога било сакаме да се прегрнеме како сонародници и да почнеме да работиме за нова Колумбија“, рече Тимоченко.